Диви јагоди (филм)
Диви јагоди (шведски: Smultronstället) е шведски игран филм од 1957 година, во режија на Ингмар Бергман (Ingmar Bergman), кој истовремено е автор и на сценариото. Главните улоги ги толкуваат Виктор Сјестром (Victor Sjöström), Биби Андерсон (Bibi Andersson), Ингрид Тулин (Ingrid Thulin) и Гунар Бјернстранд (Gunnar Björnstrand).[1] Директор на фотографијата е Гунар Фишер (Gunnar Fischer).[2]
Филмот, снимен во црно-бела техника и со моно-звук, во продукција на Svensk Filmindustri (SF), трае 91 минута. Во 1960 година, филмот бил номиниран за наградата „Оскар“ за најдобро оригинало сценарио, а истата година ја освоил наградата „Златен глобус“ (Golden Globe) за најдобар странски филм. Во 1958 година, филмот добил две награди на филмскиот фестивал во Берлин, и тоа: Виктор Сјестром ја добил наградата „FIPRESCI“, а Бергман ја добил наградата „Златна мечка“. Истата година, на филмскиот фестивал во Венеција, Бергман ја добил наградата „Pasinetti“. Следната година, Сјестром и Бергман ги добиле наградите за најдобар глумец и најдобар филм и на фестивалот во Мар дел Плата. Инаку, ова е последниот филм во кој глуми Виктор Сјестром.[3]
Содржина
уредиДокторот Исак Борг (го игра Сјестром) сонува чуден сон: шета по улицата на некој пуст град и гледа како поминува погребна кочија. Од кочијата испаѓа ковчегот и во него се наоѓа тој. Потоа, докторот Борг (кој има 78 години) треба да отпатува од Стокхолм во Лунд, каде треба да го прогласат за почесен професор на универзитетот. Тој одлучува да патува со автомобил, а друштво му прави неговата снаа Маријана (ја игра Тулин). Додека патуваат, таа му кажува дека го мрази, зашто тој е себичен, рамнодушен, бездушен и егоист. По патот стигнуваат до куќата во која Иак го поминал детството. Таму, во градината гледа диви јагоди и тоа го потсетува на неговата младост. Тој се присетува на неговата љубов Сара (ја игра Андерсон), која пак е вљубена во брат му. Потоа, Исак и Маријана запознаваат тројца младинци (девојка и двајца момчиња) кои патуваат до Италија. Така, петтемина го продолжуваат патот и Исак ужива во ведриот дух на младинците. На еден свиок им се случува сообраќајна незгода во која страда автомобилот на инженерот Алман. Оттука, Исак ги зема Алман и жена му, но патем, тие цело време се расправаат, па Маријана ги остава на патот.
Патувајќи кон Лунд, тие застануваат на една бензинска пумпа, каде сопствениците со восхит му се обраќаат на Исак, кој во тој крај ја започнал лекарската практика. Исак и Маријана одат во куќата во која живее мајка му на Исак - старица која имала многу деца, но сепак останала сама. Исак, Маријана и младинците продолжуваат натаму и Исак повторно сонува чуден сон: тој чукнува на портата на една куќа и му отвора инженерот Алман, кој сега е професор пред кого Исак полага испит. Исак не знае да одговори на прашањата и тогаш, полагањето на испитот се претвора во судење на кое Исак е прогласен за виновен. Кога Исак прашува "каква ќе биде казната", судијата одговара: "како и секогаш - осаменост". Затоа, Алман го носи Исак надвор во градината, каде му покажува една дамнешна сцена во која жената на Исак, Карен, извршува прељуба - сцена која своевремено со свои очи ја видел Исак. Притоа, Исак слуша како Карен зборува за него како за себичен и рамнодушен човек.
Возејќи понатаму, Исак ѝ кажува на Маријана дека постојано сонува дека е умрен, а тогаш Маријана му го раскажува разговорот кој го водела со нејзиниот маж Евалд (го игра Бјернстранд), синот на Исак. Имено, кога таа му соопштила на Евалд дека е бремена, тој ѝ вели дека не сака да имаат дете и дека тој воопшто не сака да живее. Тогаш, Маријана му вели на Исак дека сите во неговото семејство се исти - егоисти, бесчувствителни и рамнодушни.
Кога пристигнуваат во Лунд, Исак е промовиран во почесен професор и тука Исак се разделува од тројцата младинци, кои му кажуваат дека е прекрасен и дека се восхитени од него. За негова среќа, Евалд и Маријана се помируваат и решаваат да продолжат заедно. На тој начин, патувањето носи големи промени за Исак: тој се чувствува среќен и ги сака луѓето кои го опкружуваат.[4]
Наводи
уреди- ↑ Антена, број 823, 4.4.2014, стр. 18.
- ↑ Smultronstället (Wild Strawberries) (1957) (пристапено на 12 април 2014)
- ↑ IMDB - Wild Strawberries (1957) (пристапено на 12 април 2014)
- ↑ Антена, број 823, 4.4.2014, стр. 18.