Д’ Далтонс[1] - македонска рок музичка група, активна од 1991 до 1996 година, и две повторни обединувања (во 2004 и 2013/2014 г.), една од ретките во целокупната македонска музичка историја. За краток период од своето постоење, создале култ кон својата музика, кој и до денес опстојува.

Д'Далтонс
ПотеклоСкопје, Македонија
Жанровирокенрол, рок
Инструментибас-гитара
гитара
тапани
Членови
Владимир Павловски-Тегла
Дарко Кешкец-Кешо
Виктор Гајтановски
Борче Костовски-Перса
Поранешни членови
Александар Николовски-Гарфилд
Александар Кукуловски-Челе
Александар Христовски-Сале

Историја уреди

Историјата на бендот започнала во почетокот на деведесеттите. Групата започнала да постои на 8 септември 1991 г., под големо влијание на бендови како „Stray Cats“, „The Cramps“, „Hasil Adkins“, „Link Wray“ или „Jon Spencer Blues Explosion“. Членови биле Александар Николовски-Гарфилд како вокал, Владимир Павловски-Тегла на бас-гитара, Александар Кукуловски-Челе на гитара, Дарко Кешкец-Кешо на тапани и Александар Христовски-Сале на втора гитара.

Првите проби, или обиди за проби на импровизирани инструменти и засилувачи, ги правеле во студиото на Кешо. Првата свирка, под името Sleazy Rockers, се одржала во гимназијата „Раде Јовчевски-Корчагин“. Свесни дека сè уште биле неискусни и невешти во употребата на вистински инструменти, ја поминале годината во интензивни проби, притоа започнувајќи со создавање на сопствени песни.

Нови членови уреди

Подоцна, Сале и Челе ја напуштиле групата за да направат своја група, а Гарфилд се повлекол од музика. Кешо и Тегла останале сами, со размислување дали воопшто да продолжи групата. Сале и Виктор по разговор со Тегла и Кешо се договориле да направат нов обид за вистинска музичка група. Во таа нова формација што се нарекла Лаки Лак анд д'Далтонс. Кешо ги презел вокалите, како гитарист им се придружил Виктор Гајтановски, а басистот Борче Костовски-Перса свирел на тапани. Таа нова група се именувала како: Д'Далтонс (The Daltons).

Нешто подоцна, се пријавиле за своето прво учество на Поп-рок фест, и во „Екран“ биле најавени како Д’Далтонс. На членовите им се допаднало името, па од тој момент датирало и името под кое ги запознала целата македонска јавност. Понекогаш во медиумите, па дури и на деби-изданието, името на бендот било напишано во латинична варијанта, но повторно на ист начин, Д'Далтонс (D’Daltons).

Првата демо-снимка групата ја направила во приватно студио во Кисела Вода, сурф-песна снимена со ритам-машина. Но од неа не биле задоволни, па до ден денес не е емитирана. Подолг период концертите им биле базирани на рокабили стандарди, сè до појавувањето на „Поп-рок фест ’95“. Создавајќи свои песни, инсистирале на пеење на македонски јазик, а и самата музика сè повеќе се движела кон рокенрол.

1995 година уреди

Следната песна што ја снимиле на почетокот од 1995 година во студиото „City Sound“, како награда од Поп-рок фест за учество во финалната вечер, била Далеку од тебе. За неа Тегла го создал својот прв видеоспот (како вежба на Драмскиот факултет каде што студирал), кој доживеал големо воодушевување на тогашната рок-сцена, како еден од првите независни рок-спотови реализирани во самостојна Македонија. Благодарение на спотот, Д’Далтонс биле неизоставен дел од сите поголеми фестивали во Македонија од тој период. Летото настапиле на првото издание на кумановскиот „Open Air Fest ‘95“, а во почетокот на есента, на 3 септември, и на фестивалот „Strip & Sound“ во летната дискотека „Music Garden“ во Градскиот парк во Скопје, што била веројатно и последната свирка на Сале како гитарист во бендот.  На крајот од годината, како четворка, започнале со квалификациските вечери за наредниот „Поп-рок фест ’96“. Но, во тој период, поради комерцијализација на групата, си заминал и Перса, а неговото место го зазел Зоран-Бушо. На крајот од месецот добиле и награда на „12 Величествени“ како најдобара македонски демо-група за 1995 година.

Во групата се вратил Перса, со кого на 3 февруари 1996 година настапиле на „КУД Идиоти“ во МКЦ, а неколку дена потоа повторно во финалето на Поп-рок фест. Од организаторот „Екран“, како награда за учество во финалето, повторно добиле снимање на една песна (1001-ви), во студиото „До Ре Ми“, но членовите доснимиле уште две, Град и Она и таа. Летото, „Екран“ ја објавил и касетата од Поп-рок фест, што било прво појавување на песните на Д’Далтонс. Малку подоцна и ТВ Куманово ја објавил касетата и видеокасетата од фестивалот, на кои биле и новите материјали на Д’Далтонс. Овие објави се случувале во период кога Тегла, со помош на колеги од факултет, изработувал уште три нови видеоспота за групата. За жал, само еден видеоспот бил објавен, 1001-ви. Бендот веќе одржувал концерти и бил главен интерес на телевизиските куќи и музички емисии, како што било „Досие“.

Тоа лето се случил концерт на „Alexandros Perros & The Lone Stars“ во „Хард рок“. На концертот настапувале и Соломонов печат и Д’Далтонс. Грците биле воодушевени од тоа што го прикажала групата, по што биле поканети за настап во клубот „Mylos“. До таа покана настапувале исклучиво на групни настапи, па со првите проби, членовите сознале дека немаат доволно материјал за самостоен концерт. Првиот план бил да подготват неколку кавери. Во меѓувреме, менаџерот од Грција го сменил планот, па наместо самостоен концерт, им предложил учество на голем фестивал во негова организација, кој го пренесувала националната грчка телевизија. Единствен услов што Д’Далтонс требале да го испорачат е ТВ-снимка од целиот настап. Но, се случила и покана од Охрид, за настап пред хотел „Метропол“, само две недели пред одењето во Грција. За жал, тука се случиле неколку лични непријатни ситуации што видно ја измениле судбината на групата.

Крај на бендот уреди

Последниот концерт кој го отсвиреле заедно бил на фестивалот по повод петтиот роденден на „Канал 103“, на 23 мај 1996 г., во МКЦ. Есента 1996 година, групата повеќе не постоела. Прво Виктор ја напуштил групата, а потоа и останатите членови. Перса продолжил со New Police State, а Виктор повремено соработувал со Балкан Експрес додека Кешо и Tегла не биле дел од некоја друга група.

Повторно обединување уреди

Првото обединување на групата се случило седум години подоцна, кога Даниел Димитров предложил повторно да се соберат, каде тој свирел на тапани. Првиот настап во таа постава се случил на фестивалот „Fusion“ во Отешево, одржан 17 – 19 јули 2003 година. Есента започнале со создавање нови материјали, увежбување и конечно со снимање албум, во домашното студио на Виктор. Неколку песни што ги снимиле во оваа сесија останале неиздадени, а една сурф-тема од неа била употребена во филмот „Соба со пијано“ (потпишана како песна на Виктор Гајтановски). Како пилот-сингл, на идеја на Тегла направиле кавер на познатиот хит на Маја Оџаклиевска, Лили ли ду ду. Но наместо Кешо како вокал била избрана Ребека. Извонредната идеја ја изреализирале како пилот-сингл, и се разбира, со видеоспот. Песната била создадена во две верзии од кои едната на нејзин албум, а другата само како промотивен пилот-сингл.

2004 година уреди

Есента 2004 година, со помош на „Авалон продукција“, групата го објавила својот деби-албум, De Luxe. На него, покрај трите стари снимки, биле додадени уште седум нови и една обработка на Бади Холи. Единствен настап што бендот го имал во прилог на промоција на материјалот, бил настапот на фестивалот „Peace Unlimited“ на Скопскиот саем на 30 октомври 2004 година. Потоа повторно престанале со работа. Виктор продолжил со Mooger Fooger.

Следно обединување уреди

Следното обединување било организирано од страна на Перса, по повод 40-годишнината на МКЦ, на 18 јануари 2013 година. Перса успеал да отсвири само една песна, 1001-ви, но како негова замена бил брат му, Љупчо Костовски-Шупак , и го одржал до крај тој настап на Д'Далтонс. Вежбајќи за овој настап, групата одржувала проби во МКЦ и започнала со создавање на нов материјал. Следната свирка се одржала на 16 март 2013 г. во Центарот за култура во Битола, како гости на Паркети на промоцијата на албумот Република Франкештајн. Сепак, и Шупак не издржил долго. За следната свирка, одржана на 5 април 2014 г. во клубот „Bourbon Street New Orleans“ во Стара чаршија, на тапаните седнал Андреј Анастасов-Еди. Официјално, приказната за Д’Далтонс сè уште не е завршена.

Дискографија уреди

Албуми уреди

Наслов Носач на звук Издавачка куќа Година
De Luxe CD Avalon 2004

Компилации уреди

Наслов Носач на звук Издавачка куќа Година
V.A. - Летен Рок Фестивал ’95 / Биди досаден МС РТК 1995
V.A. - Летен Рок Фестивал ’95 / Биди досаден VHS РТК 1995
V.A. – Поп Рок Фест ’95 / Далеку од себе MC Екран & МКЦ 1995
V.A. – Поп Рок Фест ’96 / 1001-ви MC Екран & МКЦ 1996
V.A. - 103 Live / 1001 MC Our Sound 1996
V.A. - Време Ритам 01 / К... CD Време 2006

Наводи уреди

  1. Филиповски, Тошо (2018). Македонска рок енциклопедија. Скопје: Корпус Деликти Рекордс, Тошо Филиповски. стр. 101–102. ISBN 978-608-66200-0-4.