Георги Амартол
Георги Амартол (грчки: Γεώργιος Ἁμαρτωλός) — монах од Цариград за време на царот Михаил III (842–867) и автор на капитално летописно дело. Амартол не е име, туку епитет со кој авторот се претставува во неговото дело: „Зборен летопис од разни летописи и толкувачи, собрани и уредени од Георги, грешник (ὐπὸ Γεωργίου ἁμαρτωλοῦ)“. Ова било често самонарекување меѓу византиските монаси. Германскиот византолог Карл Крумбахер од XIX век (Byz. Litt., 358) бил против употребата на овој епитет во неговото име, залагајќи се за името Георги Монах (Γεώργιος Μοναχός).
За него ништо не се знае освен она што е кажано во делото — дека живее за време на царот Михаил III и дека е монах.
Летопис
уредиЛетописот се состои од четири книги. Првата се занимава со световна историја од Адам до Александар Македонски. Втората ја обработува историјата од Стариот завет, а третата ја опфаќа римската историја од Јулиј Цезар до Константин Велики. Четвртата книга го опфаќа периодот од Константин до совремието на авторот, смртта на царот Теофил (842), чија вдовица Теодора II го обновила почитувањето на икони истата година. Летописот веројатно е единствениот меродавен извор за периодот од 813 до 842 г., при што другиот му припаѓа на Неизвесниот автор (Scriptor Incertus). Поради ова, делото е незаменливо. Како што е случај со ваквите средновековни летописи, озбилно треба да се сфатат само описите на настаните околу времето на пишување. Остатокот е интересен како пример за византиските идеи на разни тематики и прашањата што највеќе ги интересирале византиските монаси.
Во предговорот Георги го опишува неговиот идеал и начела. Вели дека користел старогрчки и современи извори, консултирал поучни дела со намера да пренесе корисни и неопходни нешта држејќи се строго до вистината, без намера да тежнее кон висок стил за да го задоволи читателот. Во делото се зборува за нештата најполезни за свештените лица во Цариград во тоа време. Тоа изобилува со богоугодни созерцанија и теолошки скршнувања. Пишува за тоа како се измислени идолите, за потеклото на монаштвото, религијата на Сарацените, и особено за неодамна свршениот спор со иконоборството. Како и сите монаси, Георги ги мразел иконоборците. Наведува долги извадоци од грчките отци.
Првата книга обратобува неверојатно разновидни личности — Адам, Нимрод, Персијците, Халдејците, Браманите, Амазонките итн. Иако втората книга тврди дека се занимава само со библиска историја, во неа на широко се обработува Платон и филозофите воопшто. Амартол го завршува летописот со годината 842, како што сведочи колофонот во највеќето ракописи.
Продолжетоци
уредиДелото го продолжиле разни дејци. Меѓу нив е истакнатиот историчар од X век Симеон Логотет (кој веројатно е Симеон Метафраст), кој дошол до 948 г. Во овие додатоци верските прашања се ставени на заден план, посветувајќи повеќе внимание на политички прашања со понароден јазик. Понатамошните продолжетоци доаѓаат до 1143 г. но немаат особена вредност.
И покрај неговите груби идеи и жестоката омраза кон иконоборците до степен на неправичност, неговото дело има значајна важност во историјата на последните години пред расколот на Фотиј. Набргу Летописот бил преведен црковнословенски, а грузискиот превод го направил Арсен Икалтски. Со ова дело Амартол Станал образец за сите рани словенски историчари, меѓу кои значаен за источнословенската традиција е Нестор Летописец. Како многу популарна и користена книга со голем тираж, делото трпело постојани преуредувања и исправки од непознати писари, поради што реконструкцијата на изворното дело е едно од најтешките проблеми во византиската филологија.[1].
Наводи
уреди- Оваа статија содржи текст од дело сега во јавна сопственост: Herbermann, Charles, уред. (1909). . Catholic Encyclopedia. 6. Robert Appleton Company.CS1-одржување: ref=harv (link)
- јавна сопственост: Chisholm, Hugh, уред. (1911). . Encyclopædia Britannica. 12 (11. изд.). Cambridge University Press. Оваа статија вклучува текст од објавено дело кое сега е
- ↑ Krumbacher, 355
Надворешни врски
уреди- Тверски ракопис на Георги Амартол на Ризницата ?
- Георги Амартол — Православна енциклопедија (руски)
- Текст на Летописот на Амартол (грчки)