Вилем Јансон
Вилем Јансон (познат и како Вилем Јанс, холандски: Willem Janszoon Janszoon или Willem Jansz), е холандски морепловец, адмирал, колонијален гувернер и првиот Европјанин кој стигнал до бреговите на Австралија.
Вилем Јансон | |
---|---|
Роден(а) | ок. 1570 Холандија |
Починал(а) | ок. 1630 |
Националност | Холанѓанец |
Други имиња | Вилем Јанс |
Занимање | Морепловец и колонијален гувернер |
Познат(а) по | Откривањето на Австралија |
Раниот живот
уредиВилем Јансон е роден околу 1570 година и многу малку се знае за неговото детство или младост. Според некои податоци, тој е роден и израснат во Амстердам и се придружил на морнарицата на 16-годишна возраст.[1] Документирано дека во доцните 1590-ти, Јансон се придружил на Oудe Компанијата, една од претходниците на Холандската Источноиндиска компанија, како помошник капетан на бродот „Холандија“, кој во 1598 година бил дел од втората ескадрила испратена од Холанѓаните во Холандска Источна Индија.[2] По раѓањето на неговиот син (околу 1600 година), на 5 мај 1601 година, Јансон се вратил во Источна Индија, но сега како капетан на бродот „Лам“. [3] На 18 декември 1603 година како капетан на бродот „Дајфкен“ бил испратен да бара други трговски места особено во „големата земја Нова Гвинеја и другите источни и јужни земји“.[4]
Истражување и откритија
уредиНа 18 ноември 1605 година, Јансон со својот брод Дајфкен отпловил од Бантам кон западниот брег на Нова Гвинеја . Потоа Јансон го преминал источниот дел од Арафурското Море, и без да го забележи Торесовиот Проток, запловил по Карпентарискиот Залив. На 26 февруари 1606 година стигнал до бреговите на реката Пенефадер на западниот брег од полуостровот Кејп Јорк во близина на денешниот град Веипа. Со тоа тој станал првиот Европјанин за кој се знае дека стигнал во Австралија. Потоа, Јансон направил мапа на околу 320 километри од брегот што го истражувал, кој го сметал како дел од островот Нова Гвинеја. Затоа што земјиштето било мочурливо а домородците негостопримливи, Јансон се вратил во Бантам во јуни 1606 година. Новооткриената земја Јансон ја нарекол „Нов Зеланд“ (од холандски: Nieu Zelandt) по холандската провинција Зеланд, но името не било прифатено, а подоцна тоа име било користено од холандските картографи за денешниот остров Нов Зеланд.
Така, Вилем Јансон официјално се смета за првиот Европјанин што стигнал до бреговите на Австралија.
Следните години од животот
уредиЈансон работел во Холандската источноиндиска компанија во периодите од (1603-1611, 1612-1616, вклучувајќи го и периодот кога бил гувернер на островот Солор,[5] 1618-1628 како адмирал на холандската флота[6] и како гувернер на Бантен од 1623 до 1627 година).[7] Во 1619 година, Јансон добил награда од 1000 гулдени за заробувањето на четири брода на Британската источноиндиска компанија, која им помогала на жителите на Џакарта во одбраната од Холанѓаните.[8] Во јуни 1627 година, Јансон се вратил во Батавија (поранешното име на Џакарта) и наскоро, како адмирал, командант на 8 бродови, отишол на дипломатска мисија во Индија.[9] На 4 декември 1628 година, Јансон се вратил во Холандија, каде што на 16 јули 1629 година во Хаг поднел извештај за состојбата во Индија.[9] Тогаш тој имал околу 60 години. Не се знае ништо за подоцнежниот живот на Јансон, но се смета дека починал во 1630 година.