Википедија:Избрана статија/2023/45
Московски кремљ — историски комплекс кој се наоѓа во центарот на Москва, Русија. Самиот комплекс е опкружен од реката Москва од југ, црквата Свети Василиј и Црвениот плоштад на исток, до Александровата градина на запад. Овој кремљ е најпознатата руска тврдина, во чиј состав се наоѓаат четири палати и четири катедрали. Самата тврдина е обиколена од Кремљските ѕидини, на кои пак се поставени дваесет кули.
Самиот назив за Кремљ честопати се користи како метоним на владата на Советскиот Сојуз (1922-1991), бидејќи во тоа време овде се наоѓале работните канцеларии на генералните секретари, премиери, претседатели, министри и комесари. Денес комплексот служи како официјална резиденција на претседателот на Русија.
Во текот на своето постоење, Московскиот кремљ доживеал голем број на реконструкции. Изгледот на тврдината на неколку пати бил менуван. Секое раздобје од историјата на Русија и владетелите кои управувале со него, оставале своја трага во изградбата и развојот на градот. Најголеми заслуги за развојот и опстојувањето на Московскиот кремљ им се препишува на: Иван III Василевич, Катерина Велика и Николај I. (Дознајте повеќе...)