Википедија:Избрана статија/2013/43
Обичен сколовранец (науч. Sturnus vulgaris) — средноголема врапчевидна птица од семејството на сколовранците (Sturnidae). Долга е околу 20 см со сјајно црно перје кое во некои периоди на годината е испрскано со бели точки. Нозете ѝ се розови, а клунот лете е жолт, а зиме црн. Природното живеалиште ѝ е умерена Европа, вклучувајќи ја и Македонија и западна Азија, но е населена ширум светот - во Австралија, Нов Зеланд, Северна Америка, јужна Африка и на други места. Во јужна и западна Европа, како и во западна Азија, таа е постојан жител, а од посеверните краишта мигрира понајуг, на Пиринејскиот Полуостров и северна Африка.
Обичните сколовранци од југозападна Европа (јужно од 40° СГШ) се постојани жители, а останатите, од пределите со поостра клима се птици преселници. Тие се урбани или птици чие живеалиште е во близина на населените места. Понекогаш населуваат отворении шуми и планини, крајбрежја и многу се адаптираат, но не сакаат густи, влажни предели. Обичните сколовранци се собираат во големи групи, особено наесен и зиме. Јатото е со различна големина, а големите, бучни јата се на местата каде спијат. Оваа густа концентрација птици служи за одбрана од грабливите птици.
Обичниот сколовранец е долг 19-23 см, со распон на крилјата 31-44 см и тежина од 58 до 101 грам. Пердувите се прелеано црни, со зелен или виолетов сјај испрскани со бели точки особено зимно време. Долните делови на мажјакот се помалку точкави од оние на женките. Пердувите не вратот кај мажјаците се долги и пошироки и ги користи при прикажување кога се додворува, а кај женката тие се помали и поостри. Нозете им се цврсти и розовкаво или сивкавоцрвени. Клунот им е прав, конусен со остар врв; зимно време е кафеавкавоцрн, а лете, женките имаат лимонжолт, а машките исто таков, но со синосива основа. Се митарат еднаш годишно, доцна лете, по сезоната на парење. Новите пердуви се со бели врвови (на градите) и кремкави (на крилјата и грбот), што ѝ дава на птицата „испрскан“ изглед. (Дознајте повеќе...)