Кинески чај во листови
Кинески чај во листови

Чај (од кин. 茶, chá) е пијалак кој се прави со киснење на преработени листови, пупки или ветки од чајната билка (лат. Camellia sinensis), во врела вода неколку минути. Билката може да се преработува со оксидација, загревање, сушење и додавање на други билки, цветови, зачини и овошки. Зависно од начинот на преработка на чајните листови, постојат четири главни вида на чај (од најмногу кон најмалку преработениот): црн чај, улонг, зелен чај и бел чај. Поимот „билен чај“ се однесува на инфузии од овошки или билки (како шипинка, камилица, или џиоагулан) кои не содржат Camellia sinensis. Во оваа статија се зборува само за приготвувањето и употребата на чајот од C. sinensis.

Чајот е природен извор на аминокиселината теанин, метилксантини како кофеинот и теоброминот, и полифенолски антиоксидансски катехини. Речиси воопшто не содржи јаглехидрати, масти или белковини. Има разладен, малку нагорчлив и устособирачки вкус.

Според една позната кинеска легенда, Шеннунг, легендарниот кинески цар, изумител на земјоделството и кинеската медицина, околу 2737 п.н.е. пиел врела вода кога ветрот дувнал и неколку листови од блиското дрво паднале во чашката, па течноста почнала да ја менува бојата. Љубопитниот монарх пробал од новонастанатиот пијалак и пријатно се изненадил од вкусот и закрепнувачките својства. Друга варијанта на легендата вели дека царот на себеси ги опитувал лековитите својства на растенијата, од кои некои биле отровни, и увидел дека чајот работи како противотров.