Вазна од Варка

вазна од алабастер
(Пренасочено од Вазната од Варка)

Вазна од Варка — гравирана вазна од алабастер најдена во комплекс на храмови посветени на сумерската божица Инана во урнатините на древниот град Урук, денес Мутана, Јужен Ирак. Вазната претставува една од најстарите пронајдени скулптури со наративен релјеф, која потекнува од околу 3200—3000 г. п.н.е.[1]

Копија на вазната Пергамски музеј во Берлин, Германија

Наоѓање на вазната

уреди

Вазната е најдена во делови од германските асиролози при нивното шесто ископување на Урук, во 1933/1934 година. Запишана е под бројот W14873 во дневникот на истражувачите, со датум 2 јануари 1929 година, со описот: „голема вазна од алабастер, висока околу 96 см, со рамни релјефи“.[2] Вазната, која личела како да е поправана во минатото, била висока еден метар.[1] Според некои извори, вазната била малку повисока (106 см), и со пречник од 36 см.[3][4] Вазната е именувана според денешното село Варка, на чие место во сумерско време се наоѓал градот Урук.

Украси

уреди

Вазната има гравури во четири реда. Најдолу е насликана растителноста од делтата на реките Тигар и Еуфрат, како што се природните трски и култивираното жито. Над оваа растителност насликани се животни, како што се волови и овци претставени во профил. Процесијата продолжува во наредниот ред со голи мажи кои носат чинии и тегли на жртвени елементи, односно овошје и жито. Најгорниот ред е сцена, каде поворката завршува во областа на храмот. Инана, една од глевните божества во Месопотамија, подоцна позната како Иштар за време на Акадското Царство, стои означена со два дела од трска зад неа, а една гола фигура ѝ нуди чинија со овошје и жито. Една фигура во церемонијална облека, најверојатно свештеничка, стои до неа со процесија што се приближува.[1]

Кражба и реставрација

уреди
 
Оригиналната вазна од Варка Национален музеј на Ирак, 2016 г.

Вазната од Варка била една од илјадниците артефакти кои биле украдени од музејот во Ирак за време на ирачката војна од 2003 година. Во април 2003 година[4] вазната била насила извадена од основата на која стоела.[5]

Подоцна, вазната била вратена во музејот во Ирак на 12 јуни 2003 година, од страна на тројца неидентификувани дваесетгодишни мажи, кои ја донеле со црвена Тојота. Весникот Тајмс за тој настан известил:

Додека тие се мачеа да го кренат големиот предмет завиткан во ќебе од багажникот, американските чувари на портата го кренаа своето оружје. За момент изгледаше дека на бесценетата 5.000 години стара вазна ќе ѝ дојде крајот. Но еден од мажите го тргна ќебето за да се видат изгравираните парчиња алабастер, кои беа многу необични. Висока еден метар, вазната беше таа од Варка, за која екпертите рекоа дека е една од највредните богатства украдени оза време на хаосот во Багдад. Еднаш скршена во минатото, па залепена, сега беше повторно на парчиња.[6]

Откако вазната била вратена, скршена на 14 делови,[7] било најавено дека наскоро ќе се реставрира.[8] Споредбата на вазната со фотографиите од Ориенталниот институт во Чикаго, покажале значително оштетување на долниот и најгорниот дел од вазната.[9]

Вазната од Варка била целосно реставрирана (музејски број IM19606)[4] и се чува во музејот во Ирак.

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 1,2 Kleiner, Fred S.; Mamiya, Christin J. (2006). Gardner's Art Through the Ages: The Western Perspective – Volume 1 (12. изд.). Belmont, California, USA: Thomson Wadsworth. стр. 20–21. ISBN 0-495-00479-0.
  2. Ralf B. Wartke, "Eine Vermißtenliste (2): Die "Warka-Vase" aus Bagdad Архивирано на 28 септември 2007 г.", Frankfurter Allgemeine Zeitung 26 April 2003, Nbr 97, page 39.. English translation here.
  3. Ralf B. Wartke, "Eine Vermißtenliste (2): Die "Warka-Vase" aus Bagdad Архивирано на 28 септември 2007 г.", Frankfurter Allgemeine Zeitung 26 April 2003, Nbr 97, page 39.. English translatio here.
  4. 4,0 4,1 4,2 Oriental Institute, Chicago, Lost Treasures from Iraq-Warka Vase Архивирано на 30 мај 2014 г., website accessed 8 June 2007.
  5. Oriental Institute, Chicago, Museum Photos: Iraq Museum (Baghdad, 2003) Архивирано на 5 февруари 2012 г.
  6. The original URL[мртва врска]
  7. Jenkins, Simon (8 June 2007). „In Iraq's four-year looting frenzy, the allies have become the vandals“. The Guardian. UK. Посетено на 8 June 2007.
  8. Memmott, Mark (18 June 2003). „Iraqi museum to repair broken 5,000-year-old vase“. USA TODAY. Посетено на 29 January 2007.
  9. Clemens D. Reichel, "Iraq Museum Project Архивирано на 21 мај 2012 г.", in The Oriental Institute 2002–2003 Annual Report.

Надворешни врски

уреди