Баталјон „Христо Ботев“

Бугарски баталјон „Христо Ботев“ (с. Фуштани или с. Ноти,[1] Мегленско, 19 декември 1943 – Црна Трава, Србија, март 1944) – воена единица на НОВ и ПОМ, прва воена единица формирана од поранешни бугарски војници на територијата на Југославија кои одлучиле да им се приклучат на партизаните.

Спомен-плоча во Конско што го споменува формирањето на баталјонот

Во договор со бугарскиот поручник Дичо Петров, на 15-16 декември 1943 година Првиот баталјон на Третата оперативна зона на НОВ и ПОМ „Страшо Пинџур“ ја нападнал бугарската гранична единица во село Конско, Гевгелиско и караулите Коњски Гроб и Брце на планината Кожуф, при што биле заробени 61 војник и еден подофицер со целокупното вооружување и опрема. По одлука на ЦК на КПМ и Главниот штаб на НОВ и ПОМ им било предложено да преминат на страната на народноослободителното движење. Притоа 16 од нив одбиле да им се приклучат, по што биле разоружани и пуштени на слобода, а тројца успеале да избегаат. Од преостанатите, порано заробените и доброволно придојдените бугарски војници бил формиран новиот баталјон. За командант бил назначен Дичо Петров, а за политички комесар Бугаринот Трифун Трифунов-Балкански. Баталјонот прво бил накратко во составот на Втората македонска бригада (формирана на 20 декември 1943 година), а потоа, заедно со баталјонот „Стив Наумов“, влегол во составот на Групата баталјони на Главниот штаб на НОВ и ПОМ.

Баталјонот извршил напад на бугарската гранична единица во село Конско, во борбата против германските сили во Меглен (10 јануари 1944) и учествувал во Февруарскиот поход (31 јануари – 25 февруари) и во разбивањето на Прешевската и Жеглиговската четничка бригада (од 29 февруари) кај селото Селце. Тука им се придружиле и сите бугарски војници што пристапиле на другите единици на НОВ и ПОМ и ПОЈ на кумановско-врањското подрачје. По преминувањето во подрачјето на Црна Трава, во март 1944 година влегол во составот на новоформираниот Трнски бугарски партизански одред, од кој подоцна била формирана бугарската Втора софиска бригада.[2][3]

Наводи уреди

  1. Историјски архив Комунистичке партије Југославије, Београд, 1951, том VII, 408 стр.
  2. Македонска енциклопедија, МАНУ, Скопје, 2009, книга прва, 217 стр.
  3. B. Mitrovski, V. Glišić, T. Ristovski, "Bugarska vojska u Jugoslaviji 1941—1945", "Međunarodna Politika", Beograd, 1971, 178-180 str.