Бофорова скала
Бофорова скала (понекогаш Бофортова скала) — емпириска мерка за брзина на ветрот според неговото дејство на море и на копно.
Историја
уредиСкалата е осмислена во 1805 г. од ирскиот хидрограф (подоцна контраадмирал) Френсис Бофорт или Бофор, офицер на Британската воена морнарица, додека служел на бродот „Вулич“. Скалата која го носи неговото име има долг и сложен развој, засновајќи се на работата на други (вклучувајќи го Даниел Дефо во претходниот век). Службено е усвоена кога Бофорт служел како хидрограф на морнарицата во 1830-тите. За првпат употребена во патувањето на бродот „Бигл“ под водство на капетанот Роберт Фицрој, подоцна основач на првата метеоролошка служба на Британија одговорна за редовни временски прогнози.[1] Во XVIII век поморските офицери редовно го набљудувале времето, но без стандардна скала заклучоците биле мошне субјективни. Бофорт успеал да ја стандардизира оваа скала.
Првичната скал од 13 степени (0-12) не ја зема предвид брзината на ветрот туку се однесува на неговото дејство врз едрата на фрегата, тогаш главен брод на Британската морнарица, од „едвај доволно за да придвижува“ до „таков што ниедни платнени едра не можат да го издржат“.[2]
Скалата е воведена како стандардна за сите британски бродски дневници кон крајот на 1830-те. Во 1850-тите била усвоена за копнена употреба, каде степените се изразувале во вртежи на анемометарот. Во 1853 г. Бофоровата скала е прифатена за општа употреба на Првата меѓународна метеоролошка конференција во Брисел.[3]
Во 1916 г. секој степен од скалата добил опис според поведението на морето наместо на едрата поради сè поретката употреба да едра во поморството. Внесен е и опис за поведението на ветровите на копно. Односот на вртежите со степените на скалата се стандардизирани дури во 1923 г. За сето ова бил заслужен Џорџ Симпсон, директор на Британската метеоролошка служба.[1] Неколку десетлетија подоцна мерките биле малку изменети за да се прилагодат на потребите на метеоролозите. Денес во метеорологијата брзината на ветрот се изразува во километри или милји на час, а во поморството и воздухопловдството се користат јазли; сепак, Бофоровата скала наоѓа повремена употреба во прогнозите за товарни бродови[4] и јавни предупредувања за невреме.[5]
Проширена скала
уредиБофоровата скала е проширена во 1946 г. со додавање на 13. и 17. степен.[3] Меѓутоа, овие степени важат само за посебни случаи како тропски циклони. Денес оваа проширена скала се користи само во Тајван и НР Кина, каде тајфуните се чести. Меѓународниот правилник пропишува само 12 степени и не се занимава со проширената скала.[6]
Брзината на ветрот според Бофоровата скала од 1946 г. се заснова на емпирискиот однос:[7]
каде v е еквивалентата брзина на ветар на 10 метри надморска височина, а B е бројот на степенот. На пример, B = 9,5 значи 24,5 м/с, што е еднакво на долната граница на „10 Бофорови“. Според оваа формула, најсилните ветришта во ураганите би биле од 23. степен. Торнадата од F1 на Фуџитината скала и од T2 на TORRO-скалата исто така почнуваат од крајот на 12. степен од Бофоровата скала, но како скали се независни од неа (иако вредностите на TORRO-скалата се засноваат на степенов закон од 3/2 во однос на ветровата брзина на Бофоровата.[8]
Висината на брановите се однесува на условите на отворено море, а не покрај брегот.
Опис на скалата
уредиБофоров број |
Опис | Брзина на ветрот | Висина на брановите |
Дејство на море | Дејство на копно | Дејство на море (слика) |
Симбол на метеокарти |
---|---|---|---|---|---|---|---|
0 | Мирно | < 1 јазол < 2 км/ч < 0,5 м/с |
0 м | Морето е како стакло | Чадот се издига исправено | ||
1 | Пиркање | 1 – 3 јазли 2 – 5 км/ч 0,5 – 1,5 м/с |
0 – 0,3 м | Мрешкање со бранчиња, без пенести грбови | Правецот на ветерот се забележува од чад, но не на ветроказ | ||
2 | Лесно ветре | 4 – 6 јазли 6 – 11 км/ч 1,6 – 3,3 м/с |
0,3 – 0,6 м | Мали бранчиња кои се кратки, но сепак изразени; грбовите имаат стаклест изглед, но не се прекршуваат | Ветрот се чувствува на лицето; лисјата шушкаат; ветроказот се движи | ||
3 | Слаб ветар | 7 – 10 јазли 12 – 19 км/ч 3,4 – 5,5 м/с |
0,6 – 1,2 м | Големи бранчиња; грбовите почнуваат да се прекршуваат; пена со стаклест изглед; можеби расеани бели гриви | Лисјата и малите гранчиња се во постојано движење; лесни знамиња се исправаат | ||
4 | Умерен ветар | 11 – 16 јазли 20 – 28 км/ч 5,5 – 7,9 м/с |
1 – 2 м | Мали бранови што се издолжуваат; прилично чести бели гриви | Крева прашина и листови хартија; поместува помали гранки | ||
5 | Свеж ветар | 17 – 21 јазли 29 – 38 км/ч 8 – 10,7 м/с |
2 – 3 м | Брановите се умерени но изразено долги; се образуваат многу бели гриви; можност за прскање | Почнуават да се нишаат мали дрвца и листови; грбави бранчиња во слатки води | ||
6 | Силнен ветар | 22 – 27 јазли 39 – 49 км/ч 10,8 – 13,8 м/с |
3 – 4 м | Почнува образување на големи бранови; белите пенливи грбови насекаде се поголеми; веројатно извесно прскање | Движење на големи гранки; се слуша свирење во телеграфски жици; чадорите тешко се користат | ||
7 | Жесток ветар, умерена луња, речиси луња |
28 – 33 јазли 50 – 61 км/ч 13,9 – 17,1 м/с |
4 – 5,5 м | Морето се насобира; пената налегнува во пруги во правец на ветрот; брановите почнуваат да се расплескуваат | Цели дрвја се движат; чекорењето спротив ветрот е потешко | ||
8 | Луња, свежа луња |
34 – 40 јазли 62 – 74 км/ч 17,2 – 20,7 м/с |
5,5 – 7,5 м | Умерено високи бранови со поголема должина; рабовите на грбовите се расплескуваат; пената се оддувува во јасно изразени пруги долж ветрот | Гранчињата се кршат од дрвјата; општа пречка за патување | ||
9 | Силна луња | 41 – 47 јазли 75 – 88 км/ч 20,8 – 24,4 м/с |
7 – 10 м | Високи бранови; густи млазови од пена долж ветрот; морето почнува да се лула; прскањето ја засега видливоста | Мало структурно оштетување (паѓаат ќерамиди) | ||
10 | Бура,[13] полна луња |
48 – 55 јазли 89 – 102 км/ч 24,5 – 28,4 м/с |
9 – 12,5 м | Многу високи бранови со долги надвиснати грбови; направената пена во големи груки се оддувува во густи бели млазови во насока на ветрот; сета морска површина е бела на изглед; лулањето ставнува силно; видливоста е попречена | Ретка појава на копно; дрвјата се корнат; значителни штети на градбите | ||
11 | Жестока бура | 56 – 63 јазли 103 – 117 км/ч 28,5 – 32,6 м/с |
11,5 – 16 м | Исклучително високи бранови; малите до средни бродови долго време може да бидат затскриени зад брановите; морето е прекриено со долги бели траги од пена; рабвите на грбовите насекаде се распрснуваат во пена; видливоста е попречена | Многу ретка појава; обично причинува масовни штети | ||
12 | Ветар со ураганска сила[13] |
≥ 64 јазли ≥ 118 км/ч ≥ 32,7 м/с |
≥ 14 м | Воздухот се полни со пена и прсканици; морето е сосема бело со силно пркање; видливоста е многу попречена | Пустош |
Поврзано
уредиНаводи
уреди- Huler, Scott (2004). Defining the Wind: The Beaufort Scale, and How a 19th-Century Admiral Turned Science into Poetry. Crown. ISBN 1-4000-4884-2.
- ↑ 1,0 1,1 „National Meteorological Library and Archive Fact sheet 6 – The Beaufort Scale“ (PDF). Met Office. Архивирано од изворникот (PDF) на 2 октомври 2012. Посетено на 13 мај 2011.
- ↑ Oliver, John E. (2005). Encyclopedia of world climatology. Springer.
- ↑ 3,0 3,1 Saucier, Walter Joseph (1955). Principles of Meteorological Analysis. Chicago: The University of Chicago Press. OCLC 1082907714., reprinted in 2003 by Dover Publications.
- ↑ McIlveen, Robin (1991). Fundamentals of Weather and Climate. Cheltenham, England: Stanley Thornes. стр. 40. ISBN 978-0-7487-4079-6.
- ↑ Hay, William W. (2016). Experimenting on a Small Planet: A History of Scientific Discoveries, a Future of Climate Change and Global Warming (second. изд.). Cham, Switzerland: Springer Verlag. стр. 26. ISBN 978-3-319-27402-7.
- ↑ Manual on Marine Meteorological Services: Volume I – Global Aspect (PDF). World Meteorological Organization. 2012. Архивирано од изворникот (PDF) на 5 мај 2017.
- ↑ Beer, Tom (1997). Environmental Oceanography. CRC Press. ISBN 0-8493-8425-7.
- ↑ Maiden, Terence. „T-Scale: Origins and Scientific Basis“. TORRO. Архивирано од изворникот на 5 февруари 2012. Посетено на 4 јануари 2012.
- ↑ „The Beaufort Scale“. RMetS (англиски). Посетено на 6 јули 2021.
- ↑ „Beaufort wind force scale“. Met Office. Посетено на 27 ноември 2015.
- ↑ „Beaufort Scale“. Royal Meteorological Society. Посетено на 27 ноември 2015.
- ↑ „Beaufort Scale“. Encyclopædia Britannica. Посетено на 27 ноември 2015.
- ↑ 13,0 13,1 Називите „бура“ и „ураган“ на Бофоровата скала се однесуваат само на ветрови јачини, и не мора да значи дека се присутни и други непогоди (на пр. бура со грмотевици или тропски циклон). За да се избегне забуна, предупредувањата за силни ветришта гласат нешто како „ветрови со ураганска сила“.
Надворешни врски
уреди„Бофорова скала“ на Ризницата ? |
- Бофоровата скала за јачина на ветрот — Британска метеоролошка служба (англиски)
- Филм за скалата на ветрови (англиски)
- Бофорова скала — напис со изворната дефиниција (англиски)
- Историја на Бофоровата скала (англиски)