Болен Дојчин (српски: Болани Дојчин) — епска (јуначка) песна, која е дел од македонското и српското народно творештво. Српската верзија на песната прв ја запишал Вук Караџиќ, кој ја слушнал од еден трговец од Босна кого го сретнал во Сремски Карловци во 1815 година.[1]

Содржина

уреди

Македонска верзија

уреди

Во околината на Солун дошол Црна Арапина кој секој ден барал по две фурни леб, крава јаловица, бочва ракија, две бочви вино, една невеста и една девојка кои ги обљубувал и потоа ги убивал. Бидејќи редот дошол на Ангелина, таа го метела дворот и ронела солзи. Неа ја забележал брат ѝ Дојчин, а таа му ја кажала причината за својата тага. Дојчин, кој лежел болен веќе девет години, ѝ рекол на сестра си да не тагува, туку да му ги превие раните со платно и да појде кај Умер за да ја наточи сабјата. Меѓутоа, Умер одбил да ја наточи сабјата бесплатно, туку ги побарал црните очи на Агелина. Тогаш, Дојчин ја испратил сестра си кај побратимот, Митре Поморјанче, со молба да му го поткова коњот, но тој го побарал нејзиното бело лице. Исто така, кога Дојчин ја испратил Ангелина кај побратимот Павле Плетикоса за да му го измие оружјето, тој ја посакал нејзината тенка снага. Сепак, Дојчин отишол надвор од градот и го убил Црна Арапина, заедно со Жолта Евреина. Потоа, со главата на Арапина прошетал по солунската чаршија, а сите луѓе се чуделе на неговата јунаштина. Тогаш, Дојчин ги посетил Умер, Митре и Павле и на сите им ги пресекол главите. Потоа, тој се вратил дома, побарал од Ангелина да викне попови и свирачи и набргу умрел.[2]

Српска верзија

уреди

Војводата Дојчин од Солун се разболел и лежел закован во постелата во текот на девет години, така што повеќето луѓе мислеле дека тој е умрен. За тоа слушнал Усо Арапот (српски: Усо Арапин), кој пристигнал во Солун и барал некој јунак да излезе на мегдан со него. Меѓутоа, во целиот Солун не се нашол ниеден јунак кој би се борел со Усо, зашто Дојчин бил болен, Дука го болела раката, а Илија бил младо момче, кое сè уште не видело борба, така што мајка му не го пуштила да излезе на мегдан. Оттука, Усо му наметнал данок на градот: секоја куќа требало да даде овен, фурна леб, товар вино, казан ракија, 20 дукати и една девојка или млада невеста. Кога дошло ред куќата на Дојчин да ја плати давачката, неговата жена Анѓелија и сестра му Јелица ги подготвиле работите, но Усо Арапот не сакал да ги прифати без да му се даде една девојка. Очајна, сестра му Јелица седнала крај Дојчин, почнала да плаче и му раскажала за нивната мака. Тогаш, Дојчин ѝ рекол на жена му да го однесе коњот кај неговиот пријател, ковачот Петре и да го замоли да го поткова бесплатно. Но, Петре одбил да го поткова коњот на вересија, туку за работата посакал да ги љуби нејзините очи. Дојчин се налутил и побарал да му го подготват коњот и воената опрема, а него да го завиткаат со платно околу половината, со цел да не му се размрдаат коските. Потоа, Дојчин отишол кај Усо Арапот кој, кога го видел, многу се исплашил и го поканил да пијат вино, ветувајќи му дека него ќе го ослободи од данокот. Но, Дојчин му го растурил шаторот, а потоа го бркал сè до Солун, каде со копјето го заковал за градската порта, а потоа му ја пресекол главата и му ги ископал очите. Откако го убил Арапот, Дојчин отишол кај својот побратим Петре и нему му ја пресекол главата и му ги ископал очите. Кога пристигнал дома, Дојчин седнал во дворот, ги извадил очите на Усо и ѝ ги дал на сестра си, велејќи дека нема да го љуби Арапот додека е тој жив. Исто така, на својата жена ѝ ги дал очите на ковачот Петре, велејќи дека нема да ги љуби додека е тој жив. Откако го рекол тоа, Дојчин ја испуштил душата.[3] [4]

Осврт кон песната

уреди

Иако се одликува со стереотипен почеток и крај, „Болен Дојчин“ е една од најубавите епски народни песни.[5] Болен Дојчин е еден од најоригиналните и најреволуционерните ликови во народната епика, а и во светската книжевност ретки се ликовите како него. Исцрпен од деветгодишната болест, тој сепак наоѓа сила да му се спротивстави на злото и така претставува отелотворување на стремежот на угнетениот народ за одмазда. Тој не може и не смее да умре сè додека на светот постојат такви крвници и никаквеци како што се Арапот и ковачот Петар. [6]

Болен Дојчин како тема во уметноста

уреди
  • „Болен Дојчин“ — песна на македонскиот поет Блаже Конески.[7] [8]
  • „Болен Дојчин“ — песна на српскиот поет Бранко Миљковиќ.[9]
  • Чудо“ — југословенски телевизиски филм од 1971 г. по мотивите на српската верзија на Болен Дојчин.

Наводи

уреди
  1. В.Ђ., „Поговор - О певачима“, во: Војислав Ђурић, Антологија српских народних јуначких песама. Београд: Српска књижевна задруга, 2012, стр. 490.
  2. Томе Саздов, Грива тресе, бисер рони (епска народна поезија). Скопје: Заштита, 1970, стр. 58-64.
  3. Junačke narodne pesme, Rad, Beograd, 1959, стр. 80-87.
  4. Војислав Ђурић, Антологија српских народних јуначких песама. Београд: Српска књижевна задруга, 2012, стр. 238-245.
  5. Војислав Ђурић, „О народним епским песмама“, во: Војислав Ђурић, Антологија српских народних јуначких песама. Београд: Српска књижевна задруга, 2012, стр. 25.
  6. Војислав Ђурић, „О народним епским песмама“, во: Војислав Ђурић, Антологија српских народних јуначких песама. Београд: Српска књижевна задруга, 2012, стр. 15.
  7. Блаже Конески, Везилка. Скопје: Арс Ламина - публикации, Арс Либрис, 2021, стр. 55-56.
  8. Блаже Конески, Збор и опит 1. Скопје: Арс Ламина - публикации, Арс Либрис, 2021, стр. 53-54.
  9. Бранко Миљковиќ, Избор. Скопје: Мисла, Култура и Македонска книга, 1988, стр. 105.