Бла Бла Бла... (лат.: Blla Blla Blla…) — македонска музича група, чие име правилно се запишува со задолжителни три точки на крајот, активна од 1988 година.[1]

Бла Бла Бла...
ПотеклоСкопје, Македонија
Жанровипост панк, алтернативен рок, дарквејв, електронска музика
Период на активност1988–денес
СоработнициМизар
Хахаха
Поранешни членови
Идриз Амети
Амир Сијариќ
Петар Јанков
Гоце Гогов-Хипо
Ермаљ Шкупи

Почетоци

уреди

Основач и моторна сила на бендот Бла Бла Бла... бил Идриз Амети, решен да направи свој состав кој во потполност ќе ги рефлектира неговите идеи за рокенрол бенд. Првата постава на бендот ја сочинувале Идриз Амети како вокал, Амир Сијариќ на бас и Гоце Гогов-Хипо на тапани. Првото име на новиот бенд, кое не било прифатено од организаторите на групната свирка одржана во 1988 година во гимназијата „Зеф Љуш Марку“, со учество и на Арена и на Сајгон меѓу другите, било Mbretëresha Teuta (Кралица Теута), па на самиот настан, само за да настапат, Идриз го кажува името што останало: Бла Бла Бла... Во првиот период од постоењето на бендот, неговите членови не биле многу активни, и најчесто одржувале маалски свирки и дружења на проби во гаражи.

Први настапи и албуми

уреди

Во средината на 1989 година, случајно забележале оглас во едно списание што се однесувало на словенечкиот фестивал за млади бендови, „Нови рок 9000“. Се пријавиле и биле првиот (и единствен) бенд од овие простори што настапил во натпреварувачкиот дел на овој фестивал, на 14 септември 1990 година. Освен Идриз, поставата често се менувала, па новите членови на бендот за овој настап се Димитар Петров на тапани, Тефик Ибрахими на бас и Мухамед Ибрахими на гитара. На концертот биле забележани од агилната независна издавачка куќа од Марибор, „Front Rock“, која им понудила на членовите на бендот издавање на EP со четири песни. Кратко по враќањето од Љубљана, на почетокот од 1991, неговите членови ќе ги снимаат и првите демо-снимки на две песни, Kush kish thanë и Lufta psiqike, во студиото „Роса“ на Роберт Саздов. Овие снимки денес се изгубени.

Првото концертно појавување на бендот по еден подолг период на резигнација од целокупната милитаризирана ситуација, е на фестивалот „Stop The Madness“, одржан во МКЦ на 30 октомври 1993 година.

По овој концерт, следувал еден подолг период во кој бендот бил активен, стекнувајќи вистински култен статус во македонските андерграунд кругови, особено од почетокот на 1999 година, кога во бендот влегол виолинистот Ермаљ Шкупи. Првото позначајно претставување на новиот прогресивен звук препознатлив по виолината на Ермаљ, било на концертот што бил поддршка на кампањата на МЦМС „Цело е кога има сè“, одржана на 1 јули 1999 година. Објавувањето на неговото прво дискографско издание се случило дури во наредната, 2000 година, кога под закрилата на „Bagi Music“ бил издаден албумот со истото име како и бендот, „Бла Бла Бла...“. Песната што го обележала овој материјал е Babayaro. На албумот свири поставата што две години претходно комплетно го редизајнирала дотогашниот звук на бендот во еден прогресивен израз со доминантни виолински делници, звук што станал препознатлив за неговата нова фаза.

Понатамошни години: 2000-2015 година

уреди

Новите членови, покрај Идриз и Ермаљ, се и ритам секцијата на Last Expedition, Влатко Јаневскии и Димитар Петров. Некаде во овој период во Франција било објавено и заедничко EP со бендот „No Name Nation“. На овој винил се нашле три песни во живо од настапот во Љубљана на фестивалот „Нови рок 9000“. По објавата на деби-албумот, следувале многубројни настапи во Македонија и надвор од неа, како самостојни така и фестивалски: „Аларм“ (2002 година во Охрид), „Break-21“ (Љубљана, Словенија), „Caravan-festival“, „No Borders“, „Nights of Jazz“ (Тирана), „BBC Pace and Pop Festival“ (Тирана), „Crossing Bridges“, „Peja“, итн.

Во 2002 година го започнале снимањето на вториот албум на групата, кое се развлекло во наредните три години, а кој бил објавен од „Литиум Рекордс“ дури во 2005 година, насловен како Oversky Balkanishe Re-Form. Неговото концертно претставување пред публиката било на 7 мај 2005 г., на групниот концерт на Градскиот плоштад, организиран по повод прославата 70 години од победата над фашизмот.

Една од првите концертни презентации на албумот надвор од Македонија било во загрепскиот клуб „Aquarius“, на 7 декември 2005 г., на заедничкиот концерт со Кирил Џајковски. На овој албум, кој генерално е плод на заедничка работа на целиот бенд, за првпат имало и гости, албанската поетеса Мимоза Ахмети во песната E lash pas tokën. На снимањето на албумот како полноправен член на бендот учествувал и Дејан Еврушоски, а како соработници се јавуваат и Љупчо Ангелов-Љупа на акустична гитара и Ермаљ Шкупи на виолина. Интересно е дека на најголем дел од песните автор на музиката е Влатко Јаневски, а кај текстовите е впишано и името на Диме. Wolf & Dogs од претходниот албум добил своја психоделична верзија, но како концертен фаворит од овој албум сепак се издвоил Lugat. Албумот бил промовиран на 12 декември 2005 година во клубот „Кастро“. Како дел од промотивниот пакет на Литиум, бендот бил поканет да биде дел од фестивалот „Таксират 8“, на 2 декември 2006 г., на иста сцена со „Iggy & The Stooges“, Тимо Мас, „Ван Гог“ и други.

Снимањето на третиот албум се развлекло уште повеќе од претходните два, и албумот бил готов дури во 2011 година. Во меѓувреме покрај пробите, концертите и подготовката на новиот материјал, биле објавени два видеоспота за синглаовите Kujt i bije и E keqja keq më la. Конечно, на 25 март 2011 г., во клубот „Хавана“ во Скопје бил промовиран третиот албум на групата, со назив Lamtumire, како издание на издавачката куќа „Password production“. Овој материјал бил снимен во постава што ги вклучува и Благојче Пенов на тапани, Никола Бочваров на бас и Кренар Исмаили на виолина. Во 2014 година, Идриз бил гостин на снимањето на албумот на Хахаха, Сами мажи и жени, и заедно со Васко ја отпеал Сакам дома да живеам. Следната, 2015 година, групата ја дочекала во нова постава и во подготовка на нов албум. Покрај Идриз и Кренар, сега во бендот се Арсим Илјази на бас и Егзон Лека на тапани. Оваа постава концертно дебитирала на 19 јули 2015 година, на „Д Фестивал“ во Дојран.

Во декември 2015 година, одржале концерт на кој собирале средства за помош на мигрантите од Блискиот Исток и од Северна Африка. Бла Бла Бла... учествувал и во многу граѓански иницијативи, проекти и концерти посветени на мирот и на соживотот, како и на правата на лицата со посебни потреби.

Сингл

уреди

Работејќи еден подолг период на нов материјал, кон крајот на март 2016 година, бендот го снимил и го пуштил во етер својот прв сингл Komandant Skita, кој послужил како најава за претстојниот албум. Уште шест други теми што се нашле на албумот со име Brum Për Medioferr, бендот ги доработувал десетина месеци, во комоцијата на домашното студио „Blla Blla Blla“. Една од овие теми, Dua në shtëpi të jetoj била верзија на „хитот“ на Хахаха, Сакам дома да живеам, на кој и во оригиналната верзија пеел Идриз Амети. За првпат на еден албум на Бла Бла Бла... е поместена преработка.

Завршетоци

уреди

На 29 мај 2016 година, групата била гостин во музичкото радио „Канал 103“, со настап во живо во емисијата „Ако никој не свири“. Во јуни 2017 година, „Password production“ го објавиле новиот албум на Бла Бла Бла... , на винил, a дури шест месеци подоцна, на 2 и на 3 ноември, биле одржани два последователни промотивни концерти во киното „Фросина“ во МКЦ, по што следела и една промотивна турнеја низ Македонија, Албанија и низ Косово. Во август, неколку месеци пред концертот, агилната промотерска куќа „Балкан Велики“ објавиле ремикс-верзии направени од Дени Крстев и од Васко Атанасоски на две песни од овој албум, Më puth и Kë кujdes.

Наводи

уреди
  1. Филиповски, Тошо (2018). Македонска рок енциклопедија (1963-2018). Скопје: Корпус Деликтри Рекордс, Тошо Филиповски. стр. 71–72.