Биба Додева
Билјана Биба Додева (родена на 14 април 1975 во Скопје)[1] — македонска поп пејачка и претседател на здружението „Борка“.
Биба Додева | ||
Родена | Билјана Додева 14 април 1975 Скопје | |
---|---|---|
Националност | Македонка | |
Позната | поп пејачка |
Животопис
уредиУште како многу мала покажува интерес за музика, па така нејзините родители ја запишале во МБУЦ Илија Николовски - Луј, отсек виолина. За време на школувањето имала многу јавни настапи и концерти. По завршувањето на нижото музичко училиште, поради специфичниот став на музицирање, наставната комисија и предложила да биде единствена во генерацијата на инструментот виола. Меѓутоа, таа сметала дека нејзиниот темперамент музички најдобро се изразува вокално, па така не го продолжила музичкото образование. Продолжила да пее и свири на гитара во училишните хорови и оркестри.
Првиот професионален настап се случил на нејзиниот осумнаесетти роденден, 1993 година, кога заради забава и по наговор на нејзините пријатели, за прв пат настапила во ноќен клуб, непретпоставувајќи дека тоа ќе биде пресудниот момент во нејзиниот живот во однос на нејзината музичка кариера. Во текот на следните години, настапувала во Скопје и низ Македонија со бендови од различен состав, во зависност од приликите. Во меѓувреме покажала интерес и за компонирање, па така 1998 година на Скопскиот фестивал, освен како изведувач, за прв пат се појавува и како кантавтор на песната "Кој си ти". Неколку месеци подоцна излегол синглот "И до крај", за во 1999 година повторно да се појави на Скопскиот фестивал каде стигнува до четвртото место, со нејзината композиција "Не барај ме". Истата година има настапувано и во Франција, како победник на фестивалот за франкофони 1999 година, a во Германија заедно со Мама бенд.
Во 2000 година настапува на Макфест, повторно како кантавтор, со песната "Лажна надеж". Летото 2001 година со рок-синглот "Вистина", за кој е направен и видеозапис од страна на Зоом видеолутион, постигнува голем успех и долго време е на врвот на топ листите на радијата и телевизиските станици. Оттогаш нејзината кариера почнува полека но сигурно да се движи во нагорна линија. 2001 година повторно настапува на Макфест со песната "Одам до крај". На манифестацијата Дванаесет величествени е номинирана за една од петте најдобри пејачки во Македонија за 2001 година.
Во февруари 2002 година е еден од учесниците на националниот избор на песна за Евровизија, Скопје-фест 2002, со песната "Необичен круг", со која остварува завиден успех. На почетокот на летото 2002, го промовира синглот "Една добра причина" кој е повторно број еден на топ листите. Малку подоцна, во август 2002 година настапува на Охрид-фест и го освојува првото место од публиката што е воедно и Гран при на фестивалот, со песната "Јас и мојот бенд", на Владимир Дојчиновски - Дојчин, која станува евергрин на македонската забавна музика. За таа песна, освен уникатниот видео-запис, прочуениот аниматор Дарко Марковиќ - Дармар, инспириран од оригиналноста на песната, како и од текстот на истата, направи анимиран филм. Во октомври 2002 година, по трет пат учествува на Макфест, со баладата "Кажи љубов" и, како што народот вели, трета среќа. Ја освојува првата награда од публиката - Гран при на фестивалот и првата награда за интерпретација. Аранжерот на песната, Владимир Дојчиновски - Дојчин ја добива и наградата Драган Ѓаконовски - Шпато за најдобар аранжман на фестивалот. Кон крајот на годината за прв пат настапува на фестивал надвор од Македонија, и тоа на фестивалот Малта сонг на Малта, каде поради голем интерес на медиумите, учествува во интервјуа на нивната локална телевизија, претставувајќи се со нејзините дотогашни песни.
Следната 2003 година, за прв пат ја добива наградата Најдобра пејачка за 2002 година, на манифестацијата Дванаесет величествени. На истата манифестација воедно е номинирана и во категориите најдобар хит и најдобар видео-спот. На манифестацијата Златна Бубамара 2003 година ја добива специјалната награда за најдобри постигнувања во 2002 год како и наградата за најдобра радио реклама заедно со авторот Александар Митевски за рекламата за ски-центарот Маврово. Десетина дена подоцна ја добива наградата Оскар на популарноста од читателите на весникот Вечер, како Најдобра пејачка за 2002 година.
Прво промовирање во соседна Србија и Црна Гора прави со настапот на фестивалот Sunflower, во Зрењанин во јули 2003 година. На фестивалот, според гласањето на жирито, е втора во категоријата вокална интерпретација. Во август истата година, настапува на фестивалот Voice of Asia, во Алма Ата - Казахстан, каде е наградена со специјална награда од генералниот спонзор на фестивалот. Во текот на истата година има забележителни настапи и во Македонија, меѓу кои особено значаен е настапот на Самитот на Претседателите на државите од југоисточна Европа, кој се одржа во Охрид, од 27 - 29 август.
Во ноември 2003 учествува на фестивалот во Бања Лука, каде ја освојува наградата за најдобар аранжман. Оттогаш, па до мај 2004 година, работи на подготовките за издавање на својот деби-албум Една добра причина. Албумот е промовиран на 1 јуни 2004 година, и истиот е во издание на издавачката куќа Queen production од Скопје.
Во 2020 настапила повторно на Макфест со песната "Птица" и го освоила осмото место.[2]
Дискографија
уредиАлбуми
уреди- Една добра причина (Queen production, 2004.)
- Незаборавни (2020)
- Врати се - 2014
- Како некогаш - 2019
- Скопје - 2019
- Новогодишна - 2019
- Птица - 2020
Наводи
уреди- ↑ „Биба Додева“. web.archive.org. 2012-05-11. Архивирано од изворникот на 2012-05-11. Посетено на 2020-10-05.CS1-одржување: бот: непознат статус на изворната URL (link)
- ↑ „Официјални резултати од гласањето на стручното жири за "Макфест 2020"“. Посетено на 2020-10-06.
- ↑ „Профил на Биба Додева“. www.muzichkiregistar.com. Посетено на 2020-10-06.[мртва врска]