Аспазија Софијанова
Аспазија Софијанова (21 март 1965 во Скопје[1]) — шефица на Одделот за интензивна нега и терапија на Клиниката за детски болести во Скопје.
Аспазија Софијанова | ||
Родена | 21 март 1965 Скопје | |
---|---|---|
Националност | Влаинка | |
Занимање | шефица на Одделот за интензивна нега и терапија на Клиниката за детски болести во Скопје |
Животопис
уредиОсновно и средно образование завршила во Скопје, а матурирала во САД. Медицинскиот факултет во Скопје го завршила во 1990 година со просек 9,37. На ЈЗУ Универзитетска Клиника за детски болести во Скопје е вработена од 1991 година. Специјализацијата по педијатрија ја започнала во 1993 година, и ја завршила во 1997 година, по што е распределена на Одделот за интезивна терапија и лекување. За асистент по предметот педијатрија е избрана 1998 година. По завршувањето на специјализацијата ја продолжила својата едукација на одделот за интензивна терапија при Клиничкиот центар во Љубљана 1999 година, каде учествувала во работата на интензивниот третман кај тешко болни новородени, со посебен осврт на механичката вентилација при лекувањето. Во 1998 и 2000 година учествувала на еднонеделните семинари во Салзбург за интензивна терапија и транспорт во ургентни состојби во неонатологија и педијатрија каде предавачи биле професори од Универзитетите во Америка. Во 2000 година добила посебен грант за едномесечен престој во Грац, Австрија на одделот за педијатриска интензивна во Универзитетската клиника, како стипендист на World Bank. Во периодот јануари-јули 2001 година, била во посета на Prince Royal Alfred Hospital во Сиднеј, Австралија, оддел за гинекологија и акушерство и неонатологија. Својата едукација ја продолжува во 2002-2003 година на Универзитетот Џорџ Вашингтон во Вашингтон, DC, САД, Оддел за педијатриско интензивно лекување. Со своето стекнато знаење во престоите реализирани во врвни медицински установи во странство, учествувала во стручното унапредување на службата за интезивна нега и терапија преку воведување на соодветни методи за дијагностика и третман на критично новородени и предвремено новородени новороденчиња. Од 2003 година го вовела неонаталниот ургентен транспортен центар кој овозможува транспорт на критично болни деца од целата земја и регионот. Магистерскиот труд под наслов “Евалуација на методи со брз одговор за докажување на инфекции, од областа на неонатологијата и интезивната нега и терапија” го одбранила во 2004 година. Во 2005 година прогласена е за Национален едукатор за континуирана медицинска едукација во областа на перинатологија-неонатологија. Остварува активна стручна соработка со бројни меѓународни педијатриски неонатолошки центри. Активно учествува во практичната едукација, на студентите по медицина стоматологија, фармација. Учествува во студентските испити и колоквиуми по предметот интезивна нега. Учествувала во едукацијата на специјализантите по педијатрија. Предавач е на континуирана постдипломска едукација по анестезија и реанимација, втор курс-трет циклус КЕЕА. Активен предавач е на повеќе работилници и секции на педијариското и неонатолошкото здружение. Ментор е на научни студенски трудови презентирани на национални и меѓународни конгреси. Во 2011 година била назначена за раководител на Одделот за интезивна терапија и лекување. Докторската дисертација под наслов “Рана детекција на церебралното оштетување-С100Б белковина во биолошките течности нов метод во неонаталната медицина” ја одбранила во 2012 година. Била именувана за ВД Директор на ЈЗУ Универзитетска Клиника за детски болести, Скопје во март 2012 година и ова функција сè уште ја извршува. Во 2012 година го положила курсот за здравствен менаџмент на јавни здравствени установи. Член е на комисијата за Имунизација при Министерството за здравство на РМ. Учествува во подготовката на Акциониот план за безбедно мајчинство при Влада на РМ. Член е на второстепената комисија за здравство на Фондот за здравствено осигурување на РМ. Член е на комисијата за изработка и дополнување на закон, изработка на подзаконски акт за Пресадување на ткива и органи на РМ. Во декември 2012 година го положила испитот за јавни набавки. Основоположник е на тимот за детска кардиохирургија во јавното здравство, под менторската капа на светскиот познат детски и неонатален кардиохирург Проф. д-р Вилијам Норвик кој со својот тим од анестезиолози, педијатри, перфузионисти, на ЈЗУ Универзитетската клиника за детска хирургија ги извршија првите кардиохирушки интервенции. Промовирана е во звање Примариус во март 2013 година.
Научноистражувачка дејност
уредиД-р. Аспазија Софијанова е активен истражувач со посебен интерес во областа на детската интезивна нега и терапија, и неонатологија. Главен истражувач-раководител е на национален научно-истражувачки проект “Рано дијагностицирање и психолошки третман на деца со развојни растројства и психолошки компликации при хронични заболувања” финансиран од Министерството за образование и наука 2012 година.Учествува на многубројни национални и меѓународни конгреси со свои усни и постер презентации, а како поканет предавач учествува на повеќе национални и странски стручни собири.[2]
Наводи
уреди- ↑ „Аспазија Софијанова 2014“. www.sobranie.mk (англиски). Посетено на 2020-09-22.
- ↑ „Аспазија Софијанова – Универзитетска Клиника за Детски Болести“. Архивирано од изворникот на 2020-10-01. Посетено на 2020-09-22.