Алекса Попов (1809 — 1912) — православен свештеник, протојереј, македонски национален и просветен деец и учител кој отворено се залагал и борел за отворање на македонски училишта и воведување на богослужба и проповеди на македонски јазик.

Алекса Попов
Роден 1809
Варош, Прилепско
Починал 1912
Варош, Прилепско
Занимање православен свештеник — протојереј, учител

Живот и дело

уреди

Прота Алекса Попов е роден во 1809 година во познатото село Варош под Марковите Кули во Прилеп[1]. Работел во црквата „Св. Благовештение“ и во Тополчани. Отец Алекса се занимавал со учителска дејност. Тој му бил учител и на Марко Цепенков[1]. Во неговата куќа, која се наоѓала во близина на јавната чешма „Џамија“ (урната во 1930 година), се одвивала световна настава со учителот Аџи Констадин Дингуле и настава по псалтир и веронаука со поп Алекса. Во втората половина на XIX век, попот Алекса и син му Јон биле уценувани црковните проповеди да ги држат де на бугарски, де на српски јазик. Во 1887 година отец Алекса отворено и се спротивставил на Егзархијата и продолжил да пее на македонски јазик[1]. Неговиот претпоставен, егзархот поп Иконом, иако директно му забранил, тој сепак продолжил по старо да проповеда на македонски јазик. Егзархот Иконом му ја одзел парохијата, која му била единствен извор на приходи, а потоа му забранил и да врши секаква црковна служба. Длабоко потресен од напуштањето на својата родна црква, како што велел тој, бил прифатен од селаните од Тополчани, каде што заедно со селаните ја подигнал црквата „Свети Спас“, која била живописана од зографот Адамче во 1864 година[1]. И синот на поп Алекса демонстративно ја напуштил егзархиската црква.

Поради својата македонска национална свест и дејност отец Алекса Попов трпел жестоки притисоци од бугарски егзархиски пропагандисти за да се врати на пеење и богослужба на бугарски јазик, за што му се заканувале со раскинување на свршувачката на неговата ќерка. Во 1906 година, на пат за Тополчани, неговиот син, отец Јон, бил пресретнат од платен турски убиец и прострелан во главата[1]. По смртта на татка си, синот Гога на свое барање бил преместен од Битола во прилепските села, но не како учител, туку како свештено лице. И тој со своите идеи, како опасен за власта, бил отруен со отров во храната при што умрел во 1909 година[1]. Протојереј Алекса Попов кој во својата дејност бил познат и под имињата Алекса Константиновиќ и Аце Тополчанецот починал во длабока старост на 103 години во 1912 година, живеејќи во родното место со својата внука, прилепската учителка Стефка[1].

Барање за отворање на македонско училиште

уреди

Како историски документ за настојувањето за отворање на македонско училиште и црква е изјавата потпишана од група граѓани од Прилеп, на чело со свештениците Алекса, Јован (Јон), и Спасе Игуменов, а која била упатена до турските власти на 2 јули 1887 година, со која се барала и заштита од поглаварот на католичката црква — папата[1]. Таа изјава дословно гласи:

„ И з ј а в а “
Ние, долупотпишаните од град Прилеп, поданици на Неговото Императорство и Величество, августешиот султан Абдул Хамид Втори, желаеме да имаме македонско народно училиште. И како ние не сме родом Бугари, затоа не познаваме Црковна општина и нивни училишта. За религиозна заштита го познаваме папата, но без измена на догмите на православната црква[1].
2 јули 1887
Прилеп

Ова барање е значаен официјален документ за изразот на македонската национална свест, посебност и самобитност во втората половина на XIX век, во времето на преминот помеѓу периодот од македонското просветителство кон македонската национална преродба и непосредно пред почетокот на организираната македонска национално-ослободителна револуционерна борба. Како еден од низата порани документи со барање за засебна македонска црковно-духовна и просветна дејност, овој документ и дејноста на прота Алекса Попов се силен и значаен доказ за македонската национална свест и стремеж за самобитност.

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 1,5 1,6 1,7 1,8 „Прота Алекса Попов - Биографија“. Архивирано од изворникот на 2016-06-12. Посетено на 2015-03-25.