Џунтинт (англиски: Juneteenth, збор образуван од англиските June (македонски: јуни) и nineteenth (македонски: деветнаесетти);[1] познат и како Ден на слободата,[2] Јубилеен ден,[3] Ден на ослободувањето[4] или Ден на еманципацијата[5]) — празник за ослободувањето на тие кои биле робови во САД. Потекнува од Тексас, но денес се слави на 19 јуни насекаде во САД, со различен степен на службено признавање. Поточно, Џунтинт го означува денот кога армискиот генерал на Унијата Гордон Грејнџер ги објавил федералните наредби во Галвстон, Тексас, на 19 јуни 1865 година, со кои сите луѓе кои биле робови во Тексас биле ослободени.[6]

Генералската наредба бр. 3 од 19. јуни 1865 година

Прогласот за еманципацијата издаден две години порано од страна на Унијата официјално го обеззаконила робовладетелството во Тексас и останатите држави кои во тоа време бунтувале против САД, а поразот на Конфедеративната армија во април 1865 година дозволил непречена имплементација на Прогласот. Но, Тексас била најоддалечената робовладетелска држава со мал број на војници од Унијата. Поради ова, имплементацијата на Прогласот таму била бавна и неконзистентна пред објавувањето од страна на Грејнџер.[6] Иако многумина сметаат дека Џунтинт бил крај на робовладетелството во САД, тоа постоело во граничните држави на Унијата до 6 декември 1865 година, кога со ратификацијата на тринаесеттиот амандман на американскиот Устав ропството без казна било забрането во целата држава.[7][8][9]

Првите прослави на овој празник датираат до 1866 година, кога имало црковни собири во Тексас. Полека се прошириле низ југот на САД и станале комерцијализирани во 1920-тите и 1930-тите, често во рамки на фестивали за храна. За време на Движењето за човекови права во 1960-тите, празникот бил потиснат од борбата за човекови права по Втората светска војна, но во 1970-тите повторно се популаризира со фокус на афроамериканска слобода и уметност.[10] Веќе на почетокот на 21-от век, Џунтинт се слави во сите поголеми градови во САД. Активисти се залагаат Џунтинт да биде прогласен за национален празник од страна на американскиот Конгрес. Хаваи, Северна Дакота и Јужна Дакота се единствените три држави кои не го признаваат Џунтинт, според Конгресните истражувачки служби. Од 47-те држави кои го признаваат Џунтинт на некој начин, само четири — Тексас, Вирџинија, Њујорк и Пенсилванија — го имаат прогласено за платен слободен ден за сите вработени во државната администрација.

Современите прослави се генерално на локално ниво. Традиционално се чита Прогласот за еманципацијата, се пејат народни песни како „Нишај се ниско, драга кочијо“ (англиски: Swing Low, Sweet Chariot) и „Нека се кренат сите гласови да пејат“ (англиски: Lift Every Voice and Sing), или се читаат дела на познати Афроамериканци писатели како Ралф Елисон или Маја Анџелу. Прославите вклучуваат и родео, улични панаѓури, скари, семејни собири, забави во парковите, историски реконструкции и натпревари за Мис Џунтинт. Маскозите, потомци на Црните Семиноли, исто така го слават Џунтинт, бидејќи тие избегале од американско ропство во 1852 година и се населиле во Коавила, Мексико.

Наводи

уреди
  1. „Juneteenth Celebrated in Coachella“. web.archive.org. 2012-01-22. Архивирано од изворникот на 2012-01-22. Посетено на 2020-06-19.CS1-одржување: бот: непознат статус на изворната URL (link)
  2. „Juneteenth: Our Other Independence Day“. Smithsonian Magazine (англиски). Посетено на 2020-06-19.
  3. „User account | Readex“. infoweb.newsbank.com. Посетено на 2020-06-19.
  4. „User account | Readex“. infoweb.newsbank.com. Посетено на 2020-06-19.
  5. „What to know about Juneteenth, the emancipation holiday“. NBC News (англиски). 2020-06-18. Посетено на 2020-06-19.
  6. 6,0 6,1 Gates, Henry Louis; Root, Jr | Originally posted on The (2013-01-16). „What Is Juneteenth? African American History Blog“. The African Americans: Many Rivers to Cross (англиски). Посетено на 2020-06-19.
  7. Editors, History com. „13th Amendment“. HISTORY (англиски). Посетено на 2020-06-19.CS1-одржување: излишен текст: список на автори (link)
  8. „10 Facts: The Emancipation Proclamation“. American Battlefield Trust (англиски). 2012-08-09. Посетено на 2020-06-19.
  9. „The Border States (U.S. National Park Service)“. www.nps.gov (англиски). Посетено на 2020-06-19.
  10. Cruz, Gilbert (2008-06-18). „Breaking News, Analysis, Politics, Blogs, News Photos, Video, Tech Reviews“. Time (англиски). ISSN 0040-781X. Посетено на 2020-06-19.