Џејмстаун (Света Елена)

главен град на Света Елена

Џејмстаун (англиски: Jamestown) — главен град на британската прекуморска територија Света Елена, Вознесение и Тристан да Куња, сместен на островот Света Елена во јужниот Атлантски Океан. Ова е историска населба на северозападниот брег на островот. Пред изградбата на пристаништето во Рупертовиот Залив, ова било единственото пристаниште на Света Елена и негова патна клучка. Основан е од колонисти од Англиската источноиндиска компанија кои го населиле во 1659 г. и за кратко бил под окупација на Холандската источноиндиска компанија во 1673 г. пред повторно да биде заземен од Британците. Многу од градбите изградени од компанијата во XVIII век постанале во непроменет изглед, и затоа градот има особен џорџијански изглед.

Џејмстаун
Jamestown
Џејмстаун во рамките на Света Елена
Џејмстаун во рамките на Света Елена
ДржаваОбединето Кралство Обединето Кралство
Прекуморска територија Света Елена, Вознесение и Тристан да Куња
Остров Света Елена
Статусград (1859);[1]
округ
Населен1659
ОсновачАнглиска источноиндиска компанија
Наречено поЈаков, Војвода од Јорк
Седиште наСвета Елена;
Света Елена, Вознесение и Тристан да Куња
Површина
 • Градска3,6 км2 (14 ми2)
Население (2016)
 • Градско629
 • Густина198,3/км2 (5,140/ми2)
 • Градскo1,614 (Џејмстаун и Халф Три Холоу)
Часовен појасGMT (UTC+0)
Повик. бр.+290 2xxx

Во градот кратко време престојувал Наполеон во 1815 г. за време на неговото прогонство на Света Елена (подоцна преместен во Лонгвуд), а подоцна служела како база за Британската воена морнарица во напорите да ѝ стави крај на трговијата со робови.

Историја уреди

 
Поглед од заливот Сент Џејмс, 1794 г.

Џејмстаун е основан во 1659 г. од Англиската источноиндиска компанија и наречена по Јаков, Војводата од Јорк, а подоцна крал Јаков II (Џејмс на англиски). Набргу е изградено утврдување наречено „Замок Св. Јован“ (Castle of St John), кое со повратокот на монархијата во 1660 г. го добило името Џејмс Форт, населбата станала Џејмстаун, а долината станала Џејмсова Долина.[2] Утврдувањето и неговите топовски батерии преовладувале над Џејмсовиот Залив и со текот на времето претрпеле разни подобрувања.[3] Во јаниари 1673 г. Холандската источноиндиска компанија за кратко го зазела островот, но во мај Англиската источноиндиска компанија повторно го зазела. Оттогаш гратчето е постојано населено под англиско, а подоцна и британско владение.[2]

По поразот во Битката кај Ватерло во јуни 1815 г. и окупацијата на Париз, Наполеон Бонапарт им се предал на Британците и бил прогонет на Света Елена. На 21 октомври пристигнал на бродот „Белерофон“ и неколку месеци живеел во Брајарс во Џејмстаун, пред да биде префрлен во декември во пооддалеченото место Лонгвуд.[4] Џејмстаун бил избран како место на вицеадмиралски суд и помроска база во британските напори да ја пречат трговијата со робови помеѓу Африка и Америка. Запленетите робовски бродови биле доведувани во Џемјстаун и продавани, а она што го носеле се истоварувало во Рупертовата Долина. Во 1870-тите поморската база била затворена, и дотогаш успеала да спаси 25.000 робови, од кои 5.000 умреле набргу по истоварот и биле погребани во Рупертовата Долина. Долго време не се знаело каде се овие гробови, но во 2006 г. останките се најдени при првичните работи на аеродромот. Во 2008 г. дошле археолози кои ги ископале гробовите. Некои од наодите се изложени во Меѓународниот музеј на ропството во Ливерпул, Англија.[5]

Географија и опис уреди

 
Поглед надолу од Јакововата лествица

Градот е изграден врз магматска карпа во Џејмсовата Долина, притисната меѓу високи стрмнини. Затоа населбата е долга и тесна. Карпестите падини се груби и многу стрмни.[6] Малиот поток Ран тече низ долината.[7] Џејмстаун се дели на горен и долен дел, долж долината. Бидејќи е главно пристаниште на островот (и земајќи предвид дека првиот комерцијален авион на аеродромот Света Елена слетал дури во 2017 г.) градот до денес е главен влез на островот за посетителите.[6] Иако не е патно поврзана со самиот Џејмстаун, Рупертовата Долина (следната на север) исто така се смета за дел од градот. Таму се наоѓа голем дел од инфраструктурата на островот како што е електраната нејзиниот склад за гориво, а во јуни 2016 г. е изградено еднобродско пристаниште.[8]

Во градот има 100 градби заштитени со закон,[9] претежно од џорџијанскиот период. Главната улица е опишана како „еден од најдобрите примери на ненарушена џорџијанска архитектура во светот“.[10] Многу од градбите се изградени на вулкански карпи. Црквата „Св. Јаков“ датира од 1772 г. и претставува најстарата англиканска црква на Јужната Полутопка.[11] Друга знаменитост е долгото стрмно скалиште наречено „Јаковова лествица“ (Jacob's Ladder) со 699 скалила, изградено во 1829 г. со цел да го поврзе Џејмстаун со поранешната тврдина на ридот Ледер. Скалилата се многу популарни меѓу туристите и ноќе е осветлено. По него секоја година се одржува меѓународна трка.[12] Во Џемјстаун е и Музејот на Света Елена, еден од двата на островот (другиот е Лонгвудскиот дом, управна зграда и „затвор“ на Наполеон).[6]

Градски статус уреди

Иако е мошне мал, Џејмстаун има формален статус на град, доделен од кралицата Викторија во 1859 г.[1] Тој исто така е еден од 8-те окрузи и седиште на островот Света Елена и британската прекуморска територија Света Елена, Вознесение и Тристан да Куња. Зградата наречена „Замокот“ (The Castle), едн од постарите во градот, е меѓу главните административни згради.[6]

Клима уреди

Џејмстаун има тропска врела пустинска клима (класа: BWh)[13] со рамномерни температури во текот на годината. Иако има таква клима, температурата во градот е ублажена од океанот и студените струи во него, поради што климата е посвежа за едно тропско подрачје и градот ретко е врел. Температурата во Џејмстаун е потопла за 5 степени од остатокот од островот поради висинската разлика. Џејмстаун добива врнежи од само 13 см годишно поради малата надморска висина и засолнетоста, но повисоките делови на островот се поврнежливи. Возвишенијата над Џејмстаун добиваат до 99 см дожд годишно и изобилуваат со зеленило. Околните води знаат да бидат немирни, и затоа градот има морски ѕид.[14]

Население уреди

 
Центарот на Џејмстаун во 2020 г.

Во 2016 г. округот Џејмстаун имал население од 629 жители,[15] значително помалку од 2008 г. кога броел 714 жители.[16] Населението постојано се намалува и Џејмстаун повеќе не е најголемото населено место на островот — денес поголеми се Халф Три Холоу, Сент Полс и Лонгвуд.[15]

Образование уреди

Како британска територија, островот го следи британскиот образовен систем. „Пилинг“ е единственото основно училиште, каде се образуваат деца на возраст од 4 до 11 години,[17], создадено во 2007 г. со спојување на одделни училишта со виши и нижи паралелки.[18] Единственото средно училиште на островот е „Принц Ендрју“, сместено во Сент Полс.[19]

Религија уреди

 
Црквата „Св. Јаков“ во 1984 г.

Англиканската парохија Сент Џејмс е една од трите во епархијата Света Елена на островот. Главна црква е „Св. Јаков“ (St James'), воедно најстарата англиканска црква на Јужната Полутопка; денешната црковна зграда е подигната во 1772 г. Има три цркви-ќерки: „Св. Јован“ (St John's) во Горен Џејмстаун, „Св. Богородица“ (St Mary's) во Брајарс и „Св. Архангел Михаил“ (St Michael's) во Рупертовата Долина.[11] Единствената католичка црква на Света Елена е „Свето Срце“ (Sacred Heart), сместена во Џејмстаун.[20] Во гратчето има и баптистичка црква.[21]

Поврзано уреди

Наводи уреди

  1. 1,0 1,1 „The St Helena, Ascension and Tristan da Cunha Constitution Order 2009“. www.legislation.gov.uk. Посетено на 26 ноември 2016."...and declared Jamestown to be a city called the "City of James Town"" (Schedule Preamble)
  2. 2,0 2,1 „A Brief History“. sainthelenaisland.info. Посетено на 23 ноември 2016.
  3. Denholm, Ken. „South Atlantic Fortress“ (PDF). Saint Helena Island Info. стр. 3–12. Архивирано од изворникот (PDF) на 26 ноември 2016. Посетено на 25 ноември 2016.
  4. „Napoleon Bonaparte“. sainthelenaisland.info. Посетено на 26 ноември 2016.
  5. „Slaves and slavery“. sainthelenaisland.info. Посетено на 26 ноември 2016.
  6. 6,0 6,1 6,2 6,3 „Jamestown: Where It All Happens“. sainthelenaisland.info. Посетено на 21 ноември 2016.
  7. „The Run“. sainthelenaisland.info. Посетено на 26 ноември 2016.
  8. „Rupert's: So Near, and Yet So Far“. sainthelenaisland.info. Посетено на 23 ноември 2016.
  9. „Historic Buildings“. sainthelenaisland.info. Посетено на 23 ноември 2016.
  10. „About us“. St Helena Government. 6 August 2012. Архивирано од изворникот на 3 May 2019. Посетено на 23 ноември 2016.
  11. 11,0 11,1 „The Diocese of St Helena“. www.dioceseofsthelena.com. Архивирано од изворникот на 10 July 2011. Посетено на 21 ноември 2016.
  12. „Jacob's Ladder: Stairway to Heaven?“. sainthelenaisland.info. Посетено на 21 ноември 2016.
  13. „Jamestown Climate & Temperatures“. www.saint-helena.climatemps.com. Посетено на 26 ноември 2016.
  14. „Average Conditions Jamestown, St Helena“. BBC Weather. Архивирано од изворникот на 11 November 2009. Посетено на 25 ноември 2016.
  15. 15,0 15,1 „St Helena 2016 Population & Housing: Census Summary Report“ (PDF). Census 2016. St Helena Statistics Office. стр. 12. Посетено на 21 ноември 2016.
  16. „2008 Population Census of St Helena“ (PDF). St Helena Government. Посетено на 21 September 2016.
  17. „Education and Employment“. St Helena. 2 February 2013. Посетено на 21 ноември 2016.
  18. „Pilling Primary School: Value for Money Report“ (PDF). St Helena Audit Service. стр. 3. Архивирано од изворникот (PDF) на 5 March 2017. Посетено на 21 ноември 2016.
  19. „St. Paul's“. sainthelenaisland.info. Посетено на 21 ноември 2016.
  20. „Church of the Sacred Heart, Jamestown, Saint Helena, Saint Helena, Ascension and Tristan da Cunha“. www.gcatholic.org. Посетено на 21 ноември 2016.
  21. „Churches of St Helena“. sainthelenaisland.info. Посетено на 21 ноември 2016.

Надворешни врски уреди