Јан Марајнисен
Јоханес Гијом Кристијанус Андреас Марајнисен (роден 8 октомври 1952, во Ос, Холандија), или попознат како Јан Марајнисен, е холандски политичар, водач на Социјалистичката партија.
Марајнисен го напушта образованието кратко време пред да ги положи испитите и се вработува како металски работник во Ос. Помага во основањето на локалната организација на Социјалистичката партија во Ос и во 1975 станува најмлад советник во Холандија на сите времиња. Оваа функција ја врши до 1993 година. Под негово влијание, локалната организација на СП во Ос станува највлијателна во цела Холандија.
Во 1987 година Марајнисен е избран за член на Покраинското собрание на Северен Брабант и станува прв член на некое покраинско собрание на СП во Холандија. Како резултат на неговата растечка популарност следната година Марајнисен е избран за претседател на СП. Под негово водство СП се транформира од „федерација на локални секции“ во партија со јасна национална програма и со организирани активности на национално ниво. Под негово водство СП се реорганизира и во идеолошки поглед. Во 1991 година партијата официјално го напушта марксизмот-ленинизмот како партиска идеологија и се транформира во партија со демократско-социјалистичка ориентација.
Во 1994 година СП го постигнува својот прв успех на национално ниво. На парламентарните избори партијата освојува два мандати, при што еден од двајцата пратеници на социјалистите во Вториот дом станува Марајнисен. Оттогаш, тој е координатор на пратеничката група на социјалистите во Вториот дом.
На следните парламентарни избори СП под раководство на Марајнисен бележи постојан растеж, а Марајнисен без прекин е избиран за пратеник. Голем успех социјалистите постигаат во 2005 година кога наспроти сите поважни партии се спротивставуваат на прифаќањето на Европскиот Устав на референдумот и наспроти сите очекувања успева да го убеди мнозинството од холандските гласачи дека неолибералистичките мерки што се промовираат со Европскиот Устав не се во прилог на мнозинството од населението.
Јан Марајнисен е познат по својата критика на неолиберализмот и на идеологијата на Третиот пат на социјалдемократијата. Меѓу другото, има напишано и неколку книги во кои го напаѓа неолиберализмот и го промовира демократскиот социјализам како:
- „Не можете да живеете сами“ (1993)
- „Гласање против: црвен одговор на виолетовото“ (1996)
- „Доста е! Социјалистите го возвраќаат ударот“ (1998)
- „Сиромашно богатство“ (2002)
- „Нов оптимизам“ (2003)