Јаболка (потсемејство)
Јаболка | |
---|---|
Јаболко Malus domestica | |
Научна класификација | |
Царство: | Растенија |
Оддел: | Скриеносеменици |
Класа: | Дикотиледони |
Ред: | Розовидни |
Семејство: | Рози |
Потсемејство: | Јаболка |
Родови | |
Amelanchier |
Јаболка (науч. Maloideae) — големо потсемејство од семејството на розите со близу 1100 видови распространети низ целиот свет, но најголем дел од видовите се среќаваат во умерената северна полутопка. Некои автори, оваа група ја рангираат и како посебно семејство — Malaceae[1].
Ова потсемејство се состои од грмушки и мали дрвја кои се одликуваат по присуството на плод наречен пом (типично јаболко), вид на придружен плод, како и по основниот хромозомски број кој изнесува 17 (наместо 7, 8 или 9 како во другите потсемејства). Цветовите кај членовите на оваа група се најчесто синкарпни (со сраснати плодни листови) и имаат два до пет плодни листа. Освен што се сраснати меѓусебно, тие се сраснати и со хипанциумот (цветната чашка). Плодникот е речиси потцветен и созрева во јаболков плод (пом).
Овие одлики делумно ја одделуваат ова потсемејство од останатите потсемејства на Розите, каде плодните листови се слободни (несраснати) или солитарни, а плодникот е натцветен. Но, и во оваа група се среќаваат видови со апокарпни цветови (со несраснати плодни листови), како оние од родовите Cotoneaster, Heteromeles и Pyracantha (каде тие се целосно одделни), додека родот Dichotomanthes е перигински (венечните и чашкините ливчиња и прашниците се наоѓаат околу работ на плодникот) и има натцветен плодник.
Пом е плод единствен за ова потсемејство. Тој расте по пат на отекување на аднатниот хипанциум. Листовите на растенијата во ова потсемејство се зимзелени или едногодишни. Доаѓаат во различни форми, од прости листови со целосен, назабен или перест раб, до пересто насечен раб. Тие може да бидат тенки и мембранозни или со кожеста текстура.
Скорешните таксономски проучувања предлагаат проширување на ова потсемејство со четири родови на тревести растенија кои се поблиску поврзани со традиционалната група Maloideae отколку со другите видови на Rosaceae. Овие родови се Kageneckia, Lindleya и Vauquelinia, кои имаат хаплоиден хромозомски број од 15 или 17, но носат плодови кои се капсули (кутијки), и родот Gillenia, со хаплоиден хромозомски број од 9.
Родот Sorbus s.l. е полифилетски и е разделен на пет нови родови: Sorbus sens. str., Cormus, Chamaemespilus, Aria и Torminalis. Eriolobus и Docyniopsis се одделни од Malus. Од друга страна, Micromeles е вклучен во Aria, а Stranvaesia и Aronia се вклучени во Photinia.[2]
Оваа група се состои од одреден број на растенија кои се комерцијално важни овошја, како јаболките и крушите, додека останатите се одгледуваат како украсни растенија.
Белешки
уреди- ↑ GRIN Таксономија на растенија
- ↑ Kenneth R. Robinson, James B. Phipps, Josdeph R. Rohrer (1992). „Summary of the leaves in the genera of Maloideae (Rosaceae)“. Annals if the Missouri Botanical Garden. 79 (1): 81–94. doi:10.2307/2399811.CS1-одржување: повеќе имиња: список на автори (link)
Наводи
уреди- Joseph R. Rohrer, Kenneth R. Robinson, James B. Phipps - Floral Morphology of Maloideae (Rosaceae) and its systematic Relevance; American Journal of Botany, 81 (5), стр. 574-581; 1994