Ѓоко Николовски
Ѓоко Николовски (Битола, 14 август 1927 - Скопје, 1 март 2019) — македонски виолинист и концерт мајстор во Македонската опера и балет. Тој бил највозрасниот активен музички уметник во Македонија, што претставува раритет од пошироки рамки.[1]
Ѓоко Николовски | |
---|---|
Роден(а) | 14 август 1927 Битола, Кралство Југославија |
Починал(а) | 1 март 2019 Скопје, Македонија |
Националност | Македонец |
Занимање | виолинист |
Животопис
уредиНиколовски е роден на 14 август 1927 година во Битола. Почнал да свири виолина кај Тодор Скаловски и Трајко Прокопиев. Музичка академија завршил во Љубљана каде дипломирал на отсекот за виолина кај познатиот професор Леон Фајфер. За време на студиите и престојот во Љубљана работел во РТВ Љубљана како член-виолинист на Симфонискиот оркестар. Со стипендија од владата на Италија, бил на едногодишна специјализација на познатиот конзерваториум „Џузепе Верди“ во Милано и Миланската скала. Во Операта и Балетот на Македонскиот народен театар учествувал од нивното формирање, каде го поминал целиот работен век до своето пензионирање. Работел како виолинист, а набрзо станал и прв концерт-мајстор каде останал на тоа работно место повеќе од 30 години.
Имал чест и привилегија да соработува со плејада светски диригенти, како што се: Ловро Матачиќ, Игор Маркиевиќ, Карло Цеки, Бенвенути Корадо, Теодор Вавајанис, Фабијан Севицки, Сергиу Челибидаке, Зубин Мехта, Клаудио Абадо и многу други.
Соработката со врвни светски диригенти придонела Николовски да стекне врвно уметничко искуство и огромен репертоар од областа на операта и балетот. Во неговата уметничка дејност посебно место зазело интензивното негување на камерната музика и се истакнал како водач на квинтетот на МОБ и многу други состави. Починал во Скопје на 1 март 2019 година.[2]