Плаштари

(Пренасочено од Urochordata)
Туникати
Сино ѕвонче (Clavelina moluccensis)
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Хордови
Потколено: Urochordata
Giribet et al., 2000
Класи

Ascidiacea (2.300 видови)
Thaliacea
Appendicularia (Larvacea)
Sorberacea

Плаштари или туникати (научTunicata или Urochordata) — потколено на животни кои се членови на истоимениот поттип на примитивни морски хордови. Постојат околу 2000 познати видови. Ларвалниот стадиум на овие животни се одликува со присуство на нотохорд и грбно нервно стебло, кои отсуствуваат кај возрасната единка. Возрасниот организам се одликува со слој на заштитна секреција околу телото наречена туника (оттука и името на поттипот), која се состои главно од белковината туницин. Плаштарите се чести во живеалишта како што се карпестите брегови, но можат да се најдат и во големи длабочини. Видовите познати како асцидии сочинуваат една класа во поттипот, а всушност и повеќето плаштари спаѓаат во оваа класа. Плаштарите се важни бидејќи се врска помеѓу без‘рбетниците и ‘рбетниците.

Одлики на ларвената и возрасната единка

уреди

Ларвалниот стадиум, кој најмногу личи на полноглавец, има грбно нервно стебло заштитено во нотохорд, потоа мозок (односно ганглија), жабри, крвни садови и целом (секундарна телесна празнина). Овие одлики на ларвата на плаштарите укажуваат на тоа дека оваа група е повеќе поврзана со хордовите отколку со без‘рбетниците. Слободнопливачката ларва се прикачува себеси за супстрат и поминува низ процес на видоизменување во возрасната форма, губејќи ги притоа повеќето од сличностите со повишите животни.

 
Градба на ларва од асцидија: 1 - влезен сифон, 2 - адхезивни папили, 3 - жабрени цепнатинки, 4 - желудник, 5 - црево, 6 - нотохорд, 7 - нервна цевка, 8 - атријална (клоакална) празнина, 9 - излезен сифон (атриопора).

Возрасната единка обично претставува седентарно животно кое поседува целосен дигестивен систем, срце и циркулаторен систем, жабрена мрежа и редуциран нервен систем. Прекриена е со туника. Вазновидното животно има два сифона - еден кој дозволува водата да навлегува во телесната празнина и другиот низ кој водата излегува надвор. Водата поминува низ филтерски апарат кој ги заробува малите хранливи честички и ги предава на желудникот. Мрежестата жабрена торба го екстрахира кислородот од водата како што таа минува низ неа. Повеќето плаштари се хермафродити, но некои пливачки видови, како салпите, се размножуваат и полово и бесполово (смена на генерации). Колониите може да се образуваат по пат на бесполово размножување, а некои видови образуваат заеднички одводен сифон. Една класа на мали, ларвовидни плаштари се храни со помош на сложена мукозна "куќичка" која го обиколува телото.

Таксономија

уреди

Плаштарите го сочинуваат поттипот Tunicata во типот Chordata. Асцидиите ја сочинуваат класата Ascidiacea, а салпите спаѓаат во класата Thaliacea. Ларвовидните плаштари кои се хранат со помош на мукозната куќичка ја сочинуваат класата Larvacea.