Independent Group (IG) (мак. транскрипција: Индипендент Груп, превод: Независна група) била британска уметничка група која се состанувала на Институтот за современа уметност (Institute of Contemporary Arts - ICA) во Лондон, од 1952 до 1955. Се состоела од сликари, вајари, архитекти, писатели и критичари кои сакале да ги предизвикаат доминантните модернистички пристапи кон културата. Во дебатите за високата култура вовеле феномени на масовната култура, го превреднувале модернизмот и ја промовирале ready-made естетиката.[1]

Уметничка галерија Вајтчепел

Историја

уреди

Групата започнала со работа во текот на 1952, со Рајнер Банхам како нејзин водач. Тој во јули 1953, во рамките на Институтот за современа уметност е именуван за претставник на Independent Group.

Меѓутоа, бидејќи Банхам бил преокупиран со неговата друга работа (писател и критичар), на почетокот на 1955 година тој им го отстапил местото на Лоренс Аловеј и Џон МекХејл. Во ова време, групата меѓу своите редови ги имала: литературниот критичар Лоренс Аловеј, архитектите Алисон и Питер Смитсон, Ричард Хамилтон, Вилијам Турнбул, Џон МекХејл, Едуардо Паолоци, Рајнер Банхам, Тони дел Ренцио и други уметници.

Во рамките на лондонскиот ICA се одржале голем број средби и дискусии. Овие дискусии се однесувале на популарната култура, како што се Вестерн филмовите, научната фантастика, рекламните постери, индустријата и нејзините машини... Тие биле чувари на длабоките вредности на американската и британската култура. Исто така, биле разгледувани и различните уметнички концепти, како футуризмот, надреализмот, дадаизмот, колективот Баухаус, итн.

Поп артот (популарна уметност), еден од најзначајните уметнички движења на XX век, всушност е произлезен од круговите на Independent Group. Лоренс Аловеј е првиот што го употребил терминот "масовна популарна култура" (mass popular art) во средината на 50-тите, и го користел терминот "поп арт" (pop art) во 60-тите, за да означи дека оваа уметност има основа во тогашната популарна култура и во вербата во моќта на сликите.[2]

Групата се состанувала сè до 1962, кога Џон МекХејл, еден од основачите, заминал за САД.

Значење

уреди

Поп арт движењето се наметнало и станало култна уметност за колекционерите, јавноста и галериите. Поп артот едновремено и ја слави и ја исмева популарната култура - оваа двозначност е веројатно и неговиот најзначаен придонес во наметнувањето на различен културен светоглед во 20 век. На Independent Group може да ѝ се припише заслугата за создавањето на една алтернативна верзија на модернизмот - она што денес уметничката критика, но и пошироката јавност го нарекува постмодернизам.

Значењето на Independent Group било тема на дводневна меѓународна конференција во галеријата Тејт во март 2007. Групата се смета за претходник на поп арт движењето во Британија и САД.[1][3]

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 Livingstone, M., (1990), Pop Art: A Continuing History, New York: Harry N. Abrams, Inc.
  2. Topics in American Art since 1945, Pop Art the words, pp.119-122, by Lawrence Alloway, copyright 1975 by W.W.Norton and Company, NYC ISBN 0-393-04401-7
  3. Arnason, H., History of Modern Art: Painting, Sculpture, Architecture, New York: Harry N. Abrams, Inc. 1968.