Бонски преглед

(Пренасочено од Bonner Durchmusterung)

Бонски преглед (германски: Bonner Durchmusterung или само Durchmusterung, скрат. BD) — астрометриски ѕвезден каталог на сето небо, составен во опсерваторијата во Бон (Германија) во периодот од 1859 до 1903 г.[1]

Бонски преглед
Бонската опсерваторија во 1893 г.
Вид пописЅвезден каталог, астрономски преглед Уреди на Википодатоците

Првобитен каталог

уреди

Во текот на 44 години подготовка, Бонскиот преглед составил каталог со положбите и привидните величини на околу 325.000 ѕвезди со привидна велечина до 9–10. Послужил како основа за ѕвезден атлас,[2] за Каталогот на астрономското друштво (Astronomische Gesellschaft Katalog, AGK) и Ѕвездениот каталог на Смитсоновата астрофизичка опсерваторија (SAO) во XX век. Означувањето според BD се користи до денес и овозможува лесно поврзување со денешните проекти.

Пример за форматот на BD е BD−16 1591, кој во случајот се однесува на Сириус. Со тоа се означува дека ѕвездата во каталогот е 1591-та ѕвезда по ред во подрачјето со деклинација помеѓу −16 и −17 степени, броејќи од 0 часа ректасцензија.[3] Положбите на ѕвездите и границите на подрачјата користат рамноденица за епохата B1855,0.

Дополнувања

уреди

Многу астрономски истражувања како оние на небесната механика и Сончевиот Систем, па до новопојавената дисциплина на астрофизиката биле овозможени токму поради објавувањето на атласот и податоците на Бонскиот преглед. Меѓутоа, еден негов недостаток бил тоа што не го покривал сето небо, бидејќи подалечните јужни ѕвезди не се видливи од Германија.

Поради ова, научната заедница решила да го дополни каталогот со уште два астрометриски прегледи извршени од опсерватории на јужната полутопка: Кордоба (Аргентина) и Кејптаун (ЈАР). Кордопскиот преглед (Cordoba Durchmusterung, CD) е направен визуелно (како и BD), но Кејпскиот фотографски преглед (Cape Photographic Durchmusterung, CPD) е спроведен со тогаш новата фотографска техника, која штотуку се покажала како способна на доволна уточнетост. фѕвезди се означени со броеви со претставките CD и CPD слично како системот на BD.

По неколку десетлетија каталозите на овој преглед се покажале како недоволно уточнети. За да се воспостави поточен појдовен систем за Бонскиот преглед, кон крајот на XIX век астрономите и геодетите почнале да работат на небесниот фундаментален координатен систем заснован на оската на Земјиното вртење, пролетната рамноденица и еклиптичката рамнина. Овој астрометриски проект довел до создавањето на Фундаменталниот каталог на Берлинската опсерваторија, кој служел како точна координатна рамка за BD и AGK. Истиот е осовремен во 1920-тите (FK3, средна уточнетост ±1"), па до 2000 FK6 со последователни чекори на астрогеодезијата (уточнетост 0,1"). Заедно со радиоастрономските мерења на FK6, уточнетоста станала поголема од ±0,1".

Современи соодветници

уреди

Сателитот „Хипаркос“ работел од 1989 до 1993 г., набљудувајќи преку 118.000 ѕвезди по целото небо. Од тие наоди се објавени три ѕвездени каталози:

  • Хипаркос (118.000 ѕвезди, прос. уточнетост ±0,001″)
  • Тихо (ок. 1.050.000 ѕвезди, прос. уточнетост ±0,03″) и
  • Тихо-2 (ок. 2.500.000 ѕвезди) кој е подобрен за дејството на двоѕвездите и сопствените движења служејќи се со набљудувања според Астрографскиот каталог.

Вселенската опсерваторија „Гаја“, пуштена во декември 2013 г. има заведено милијарда ѕвезди, при уточнетост до 20 лачни микросекунди (0,00002").

Наводи

уреди
  1. Bonner Durchmusterung at VizieR Service, Centre de Données astronomiques de Strasbourg
  2. Kanas, Nick (2007). Star maps: history, artistry, and cartography. Berlin: Springer. стр. 302–304. doi:10.1007/978-0-387-71669-5. ISBN 978-0-387-71668-8.
  3. BD query at Simbad database, Centre de Données astronomiques de Strasbourg

Надворешни врски

уреди