Човекот кој го познаваше Кулиџ
Човекот кој го познаваше Кулиџ – отелотворен во Ловел Шмалц, конструктивен нордиски граѓанин (англиски: The man who knew Coolidge – being the soul of Lowell Schmaltz, constructive and Nordic citizen) – роман на американскиот писател Синклер Луис од 1928 година.
Содржина
уредиРоманот се состои од шест дела:[1]
- Човекот кој го познаваше Кулиџ
- Приказната на Мак Макмак
- Знаете какви се жените...
- Знаеш какви се роднините
- Патувањето толку ги проширува видиците
- Основните идеали на христијанскиот американски граѓанин
Во првиот дел, додека патува со воз, трговецот со канцелариски материјали Ловел Шмалц им раскажува на сопатниците за своето патување во Белата куќа во Вашингтон, со желба да се сретне со претседателот на САД, Калвин Кулиџ со кого учел заедно во колеџот. Иако уште на самиот почеток на раскажувањето, Шмалц нагласува дека најмногу мрази кога луѓето се оддалечуваат од темата на разговорот, тој постојано го прави токму тоа. Така, неговото раскажување го прекинува со бројни попатни забелешки за своите деца, синот и ќерката, за неговата сопруга, за штедливоста, за прохибицијата, за канцелариската опрема, за електричните апарати за домаќинството итн. Еден ден, заедно со ќерката и со сопругата, Шмалц оди во Њујорк, а патем го посетува роднината Валтер. Во Њујорк, семејството Шмалц се забавува во еден клуб, а кога пристигнуваат во Белата куќа, таму ги прима еден службеник со кого Ловел накратко разговара за даноците, за состојбата во Кина и за разоружувањето. Сепак, наспроти нивната желба, претседателот не може да ги прими на разговор.[2]
Во вториот дел, Ловел Шмалц игра покер со неколку свои пријатели во еден хотел во Чикаго. Притоа, тој почнува да им раскажува еден виц кој го слушнал од неговиот познаник Мак Макмак, но патем постојано зборува за сосема други неважни работи, како: погребното претпријатие на Мак Макмак, за дрвената колиба на индустријалецот Џо Минчин, за историјата и развојот на Калифорнија, за посетата на некој ресторан во Лос Анџелес, за неговата идеја да напише драмски текст итн. На крајот, Ловел воопшто не може да се сети на крајот на вицот што го слушнал од Мак Макмак.[3]
Во третиот дел, Ловел се наоѓа во посета на роднината Валтер од кого бара заем. Притоа, тој започнува да ги фали карактерот и деловните способности на Валтер, а истовремено му раскажува за своите ситни повремени расправии со сопругата која ја обвинува дека премногу троши и дека нема поддршка од неа. Повторно, во својот препознатлив стил, Ловел го троши времето на разни неважни случки, како: проблемите со автомобилот, мачката на госпоѓата Шмалц, кучето што го пронашол на патот, неговата врска со некоја млада жена во Њујорк итн.[4]
Во четвртиот дел, Ловел ѝ раскажува на сопругата за својата посета на Волтер при што целосно ги извртува зборовите, лажејќи дека за неа зборувал сè најубаво. Повторно, додека раскажува за главната тема, тој постојано го прекинува раскажувањето за да соопшти некои сосема неважни случки.[5]
Во петтиот дел, за време на вечерата кај семејството Бебит, Ловел започнува да раскажува за своето патување до националниот парк Јелоустоун (каде што никогаш не пристигнал). Повторно, тој се заплеткува во некои ситни, неважни случки така што ја испушта суштината на темата.[6]
Најпосле, во шестиот дел, Ловел Шмалц држи говор во машкиот клуб на конгрегационалистичката црква. Притоа, тој најпрвин искажува возвишени зборови за локалните свештеници кои во своите претходни разговори ги напаѓа како лакоми измамници. Потоа, во својот говор ги нагласува двата основни принципа на американското општество – услугата и практичноста, восхитувајќи им се на рекламите. На крајот, тој раскажува за својата посета на Белата куќа и на присутните им ги пренесува ставовите што божем ги слушнал лично од претседателот Кулиџ.[7]
Наводи
уреди- ↑ Sinkler Luis, Čovek koji je poznavao Kulidža. Beograd: Rad, 1963.
- ↑ Sinkler Luis, Čovek koji je poznavao Kulidža. Beograd: Rad, 1963, стр. 5-45.
- ↑ Sinkler Luis, Čovek koji je poznavao Kulidža. Beograd: Rad, 1963, стр. 46-79.
- ↑ Sinkler Luis, Čovek koji je poznavao Kulidža. Beograd: Rad, 1963, стр. 80-101.
- ↑ Sinkler Luis, Čovek koji je poznavao Kulidža. Beograd: Rad, 1963, стр. 102-104.
- ↑ Sinkler Luis, Čovek koji je poznavao Kulidža. Beograd: Rad, 1963, стр. 105-123.
- ↑ Sinkler Luis, Čovek koji je poznavao Kulidža. Beograd: Rad, 1963, стр. 124-136.