Часки
Часките биле издржливи и високо спремни трчачи кои доставувале пораки, кралски наредби и останати пратки во рамките на Империјата на Инките. Часките воглавно работеле за Сапа Инка, императорот на Инките.
Часките биле спремни да поминат илјадници километри, користјќи го патниот систем на Империјата и мостовите изградени од јажиња низ Андите во Јужна Америка. Што се однесува за планинскиот дел од рутата, тие патувале низ Перу и Еквадор, додека пак имало и друга рута за патување покрај брегот на Перу. Крајбрежната рута била од Наска до Тумбес. Покрај овие две главни рути, се развиле и патни правци кон внатрешноста на Империјата во денешни Колумбија, Боливија, Чиле и Аргентина.
Секој часки носел со себе инструмент наречен путуту, трумпет изработен од школка, кипу во кој се носела пораката и кипи на неговиот грб за предметите кои требало да се достават. Часките работеле потпирајќи се на развиен систем за пренесување на пораки преку долги одредишта, но за краток период. Тамбоата биле попатни станици изградени покрај патиштата, каде се чувале храна и останати залихи за видни личности и за часките. Така, часките ќе започнеле од еден тамбо и ќе трчале до друго за да се одморат и да го продолжат патот. Според тој систем, една порака од Куско до Кито стигала за една седмица.