Црноглава стрнарка
Црноглава стрнарка | |
---|---|
Возрасен мажјак | |
Научна класификација | |
Царство: | Животни |
Колено: | Хордови |
Класа: | Птици |
Ред: | Врапчевидни |
Семејство: | Стрнарки |
Род: | Emberiza |
Вид: | Црноглава стрнарка |
Научен назив | |
Emberiza melanocephala Scopoli, 1769 | |
Распространетост | |
Синоними | |
Granativora melanocephala |
Црноглавата стрнарка или црноглавата овесарка (науч. Emberiza melanocephala) е врапчевидна птица овесарка од семејството на стрнарките Emberizidae, која се размножува низ југоисточна Европа на исток до Иран и се сели зимно време во Индија, со некои единки кои одат уште понајуг во југоисточна Азија. Ја има и во Македонија. Како и другите од неговото семејство, живее во отворени пространства со трева, каде во јата оди во потрага по житни растенија и семиња. Мажјаците се препознатливи со своите жолти делови од телото, костенлив грб и црна глава. Женките се побледа варијанта на мажјаците.
Опис
уредиЦрноглавата стрнарка е долга 15 см и има долга опашка. Мажјакот има светложолти долни делови, костенливи горни делови и црна маска преку очите и капа. Женките се бледа верзија на мажјаците, со посветли долни делови, сивокафеав грб и сивкава глава. Младенчињата се слични, но задникот им е жолт. Едногодишните мажјаци имаат сива круна, а шарките на грбот се костенливи и сиви.[2]
Распространетост и живеалиште
уредиЖивеалиштето на црноглавата стрнарка се отворените пространства со грмушки, вклучувајќи ги и обработливите ниви. Зимно време се селат во Азија и големи јата се среќаваат на земјоделските култури и ливади. Најдолга преселба забележана од означена птица со прстен е околу 7.000 км; друга, пак, имала пат од 1.000 км за седум дена.
Главната територија за размножување се распостила од југоисточна Европа до Средна Азија. Зимувалиштата се претежно во Индија, иако скитници се забележани да зимуваат во Јапонија, Кина, Хонгконг, Тајланд, Лаос, Јужна Кореја и Малезија.[3] Летните скитници може да достигнат на север до Норвешка.
Поведение
уредиЦрноглавите стрнарки може да ги видиме во јата како пасат по нивите барајќи семе. Сезоната на размножување им е лете, кога градат гнездо на земја или ниско во грмушка. Тоа е во форма на чашка направено од сува трева и дооформено со влакна.[4] Леглото содржи 4-6 јајца. Инкубацијата трае 14 дена, а пилињата се оперјуваат по 10 дена. За тоа време овие птици се хранат со инсекти, инаку, се хранат со семиња.
За разлика од другите стрнарки, овие се митарат двапати годишно.
Повикот и е едно твит или меко црит. Песната содржи серија од гласни строфи составени од груби ноти кои се мешаат пред нагло да завршат.[2]
Наводи
уреди- ↑ BirdLife International (2012). „Emberiza melanocephala“. IUCN Red List. Version 2012.1. International Union for Conservation of Nature. Посетено на 16 July 2012.
- ↑ 2,0 2,1 Rasmussen, PC & Anderton, JC (2005). Птиците на јужна Азија. Водичот на Рипли. Том 2. Smithsonian Institution and Lynx Edicions. стр. 556.CS1-одржување: повеќе имиња: список на автори (link)
- ↑ Dymond, N (1999). „Two records of Black-headed Bunting Emberiza melanocephala' in Sabah- the first definite occurrence in Malaysia and Borneo“ (PDF). Forktail. 15: 102. Архивирано од изворникот (PDF) на 2011-06-10. Посетено на 2013-09-15.
- ↑ Dresser, HE (1902). A manual of Palaearctic birds. Part 1. London: Published by the author. стр. 346–347.
Надворешни врски
уреди- Фотографии, видеа и звуци - Интернет збирка птици Архивирано на 14 септември 2013 г.
„Црноглава стрнарка“ на Ризницата ? |
„Emberiza melanocephala“ на Викивидовите ? |