Црква „Св. Никола“ - Ваташа

манастирска црква во Ваташа

Свети Никола — главна и единствена манастирска црква на Моклишкиот манастир во месноста Моклиште, јужно од приградската населба Ваташа.[1][2]

Свети Никола

Поглед на манастирската црква

македонска православна црква
Епархија Повардарска
Архијерејско намесништво Кавадаречко
Парохија Ваташка
Местоположба

Карта

Координати 41°23′6″N 22°2′13″E / 41.38500° СГШ; 22.03694° ИГД / 41.38500; 22.03694
Место Ваташа
Општина Кавадарци
Држава Македонија
Општи податоци
Покровител Свети Никола
Изградба 1594/95
Зограф Кир Никола
Архитектонски опис
Архит. тип еднокорабна

Црквата е сместена во густа шума над месноста Моклиште, некогашно историско село и познато излетничко место во Тиквешијата, по кое и го добил своето име.[3]

Положба

уреди

Црквата е сместена во месноста Моклиште, на околу 3 километри јужно од кавадаречкото село Ваташа, во убав шумски предел.[2][3]

Историја

уреди
 
Натписот на црквата

Над влезот на црквата од внатрешна страна сочуван е натпис во кој се спомнува Кир Никола и неговите три синови од селото Тимјаник кои ја изградиле црквата. Манастирската црква е изградена во 1594 или 95 година исто така запишана во натписот.[2]

Натписот на црквата гласи:[3]

„... Созида се и пописасе сии божествен храм... в лето з. р. г. (1594/95)..."


Манастирот постоел и во првата деценија на XVIII век, кога во 1716 година Арсениј донел минеј од запустениот Полошки манастир „Св. Ѓорги“. Тогаш, монасите од Полошкиот манастир се преселиле во Моклишкиот манастир.[3]

Денес, манастирот е во добра состојба.[2]

Архитектура

уреди

По својата архитектурна форма таа е еднокорабна црква со полуобликуван свод и со покрив на две води.[2] Била изградена од речен камен. Димензиите се 15 метри во должина и 5,3 метри во ширина. На источната страна, апсидниот дел е издаден околу 1,4 метри.

Нејзиниот надворешен изглед е со скромни украси, но со зацврстени конзерваторски зафати на фасадите и олтарната полукружна апсида. Внатрешниот простор на црквата е со три травеја, а на западната страна е доградена припрата со галерија. Влезот во црквата води преку северниот влез на припратата а од таму преку единствениот влез на западната страна во наосот на храмот.[3]

Фрескоживопис

уреди

Фрескоживописот во црквата е од времето кога била подигната и манастирската црква, односно околу 1595 година. Првобитно сите внатрешни површини биле зографисани, но подоцна фреските биле многу оштетени со опаѓање на малтерот особено на северниот ѕид. Во XIX век од непознат зограф биле фрескоживописани оштетените површини, кога биле изградени и манастирските конаци. Истите се обновени во поново време.[2][3]

Фрескоживописот во црквата е поделен на четири зони во трите травеи: централен, источен и западен.[3]

Во централниот травеј на јужниот ѕид во првата зона видно место зазема портретот на Св. Никола - патронот на манастирската црква. Насликан е во цел раст, фронтално и со дигната десна рака во став на благослов. Врз себе носи архиерејска одежда украсена со мноштво крстови. До ликот на Св. Никола е портретот на Св. Атанасиј, исто така претставен со архијерејски фелон со црни крстови а врз омофорот со крстови од теракотна боја.[3] На јужниот ѕид во првата зона се: Св. Никола, непознат светец, Св. Антониј, Св. Астрал, Св. Онуфриј, Св. Макариј и Св. Кузман и Дамјан.

Северно од влезот на црквата се наоѓаат портретите на заслужните за христијанството - царот Константин и царицата Елена со големиот крст поставен меѓу нив двајцата. Цар Константин е со корона на главата, а има куси коси и брада. Со десната рака е на градите, а со левата го држи крстот. Облечени се во царски одежди со црвеникава боја исполнети со бисери.[3] На западниот ѕид, јужно од вратата е Св. Архангел Михаил, на северната страна Св. Константин и Елена, а над влезот е зачуван горниот натпис. Во втората зона се: Патот на Голгота, Св. Евстратиј и Св. Евгениј, а меѓу хаковите се двајца евенгалисти. Во третата зона се насликани сцените: Христос пред Кајафа, Христос пред Пилат, Качувањето на Крстот и Распетие Христово.

Во олтарната апсида лево се: Св. Грегорие и Св. Василиј а десно Св. Јован Златоуст и Св. Кирил Александриски. Втората зона го илустрира Причестувањето на апостолите, а над него е Богородица Ширшаја.

На јужниот ѕид во олтарот се насликани Св, Спиридон, а во нишата е Св. Ѓакон Роман. Во втората зона е Св. Василиј, а на лакот е Св. Ахилиј и Св. Герман претставен како убаво момче.

На сводот се фреските живописани во 1879 година. Тука е изработена композицијата под наслов: Колежот на Витлеемските деца. Тука е прикажана жена со гол грб и една града откриена. Циклусот почнува со Средбата на Марија и Елисавета, Јосиф и Марија, Рождество Христово, Поклонение на тројцата мудреци и Бегството Мариино во Египет.

Фреските на северниот ѕид се уништени, а ѕидот е малтерисан и варосан.[3]

Иконостас

уреди

Во манастирската црква денес се зачувани четири икони кои потекнуваат од 19 век. Тоа се иконите: Св. Богородица со Христос, Исус Христос, Св. Јован Крстител и Св. Никола. Сите икони имаат исти димензии: 82x64x2 сантиметри.

Галерија

уреди

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 2,5 „Цркви во Ваташката парохија“. Повардарска епархија. Посетено на 13 март 2018.
  3. 3,00 3,01 3,02 3,03 3,04 3,05 3,06 3,07 3,08 3,09 „Културно и национално наследство на Кавадарци“. Институт за информатика. Посетено на 13 март 2018.[мртва врска]

Надворешни врски

уреди