Црква „Вознесение Христово“ - Праведник
Црква „Вознесение Христово“ или Црква „Свети Спас“ претставува македонска православна црква во кавадаречкото село Праведник.[1]. Црквата се наоѓа северозападно од селото на едно мало возвишение меѓу стара дабова шума. Изградена и зографисана е во 1625 година, според делумно сочуваниот натпис кој е испишан на јужниот ѕид во наосот над малиот прозорец, а каде што најдобро се чита годината. Според својата архитектурна форма, црквата е еднокорабна со убава декорација изведена од тула и блокови од бигор. Кровот на црквата е на две води и е обновен со нови ќерамиди. Општиот изглед на црквата е на напуштен објект со видливи траги на распаѓање на одделни нејзини делови. Има единствен влез на западната страна. Над влезот има ниша со доста оштетувања на фреска која го претставува Исус Христос. Градена е од делкани блокови бигор. Иконостасот во црквата е од поново време. Нема податоци кој го направил. Црквата Свето Вознесение Христово е осамен објект во дивината, незаштитен и осуден во блиска иднина да исчезне за навек.
Вознесение Христово
| |
Поглед на црквата | |
македонска православна црква | |
Епархија | Повардарска |
Архијерејско намесништво | Кавадаречко |
Парохија | Маренска |
Местоположба | |
---|---|
Место | Праведник |
Општина | Кавадарци |
Држава | Македонија |
Општи податоци | |
Покровител | Исус Христос |
Завршено | 1625 |
Живопис | 1625 |
Архитектонски опис |
Потоа во 2000 година, црквата била реновирана од Трајко Марков, Богдан Богданов и Дано Ѓорѓиев.
Местоположба
уредиЦрквата се наоѓа околу 300 метри северозападно од селото во воздушна линија.
Архитектонски опис
уредиАрхитектонскиот облик на црквата е еднокорабен со убава декорација изведена од тула и блокови од бигор. Црквата имала затворен трем на западната и јужната страна со влез на јужната страна чии остатоци ни сведочат, особено тие на источниот дел од јужниот трем. На овој дел е делумно сочуван и кровот од тремот кој бил покриен со камени плочки. Ова укажува дека првобитно најверојатно и црквата била покриена со камени плочки а исто така и тремот. Внатрешноста на црквата е осветлена со еден мал отвор на јужниот ѕид, самата врата и три отвори во олтарниот простор. Најдобро сочуван дел од црквата е источната фасада со полукружен изглед и украсена со блокови од бигор, тула и блокови камен.
Фрескоживопис
уредиОстатоци од фрескоживопис покрај ликот на Исус Христос во нишата на западниот ѕид од надворешната страна, има и на северната страна од западниот ѕид кој бил најверојатно изведен кога била црквата живописана. Сета внатрешност на црквата Св. Вознесение Христово била живописана во 1625 година како што стои во споменатиот напис. Поради напуштеноста на црквата многу од фреските се оштетени. Карактеристично за оваа црква е тоа што ликот на Св. Архангел Михаил кој вообичаено се претставува до влезната врата како чувар на храмот, овде во Праведник тој е насликан на јужниот ѕид до самиот иконостас.
Во првата зона се претставени светите воини во цел раст а во горните партии Големите празници. Покрај портретот на Архангел Михаил се насликани и светите воини: Св. Теодор Тирон, Теодор Стратилат и Св. Нестор, на јужниот ѕид во првата зона. На спротивната страна се претставени портретите на Св. Димитрија и Св. Ѓоргија. Во оваа црква споменатите воини се претставени како благородници: облечени во свечени одежди, богато украсени со растителни мотиви и со маченички крстови во рацете. И тука, во оваа црква има отстапувања од досегашни примери кај нас, кога во селските цркви споменатите светци се сликаат како воини со копје во раце, мечеви, штитови, панцир облека и слично, како чувари на христијанскиот свет од злокобните османлиски поробувачи, овде тие се со маченички крстови какви што зографите ги сликаат во манастирите.
На западниот ѕид од првата зона, лево и десно од влезот на црквата се насликани Св. Недела со круна на главата и Св. Марина со секира во десната рака. Видно место во црквата на јужниот ѕид зазема ликот на Св. Петка, која скоро во сите селски цркви е застапена во цел раст или во медалјон, Овде Св. Петка е со маченички крст, додека во други случаи таа е со отсечена глава во левата и со маченички крст во десната рака.
На северниот ѕид во првата зона го има Дејсизот (Богородица, Исус Христос и Св. Јован Крстител). Богородица и Св. Јован Крстител се во став на моление кон Христа, со испружени раце и поднаведнати кон Христа. Фреските во олтарниот простор ја имаат до сега установената шема: композицијата Визијата на Петар Александрински го зазема просторот на северниот ѕид, а во нишата на проскомидијата е архиѓакон Стефан со дарохранилница во раце. Централното место во олтарниот простор е со композицијата Поклонение на агнецот со малиот Исус Христос под балдахинот. Десно од Хрисос, на северната половина од олтарната конха се поклонуваат архијереите Св. Јован Златоуст и Св. Василиј, а на спротивната страна во иста поза се ликовите на Св. Григориј и Св. Атанасија. Четворицата архијереи носат врз себе фелони украсени со крстови. Тие во рацете држат отворени свитоци со евхаристична содржина. На јужната страна од олтарниот простор се две фигури: едното највероватно архиѓакон Роман чиј лик е уништен но сочувана е неговата облекастихар и кадилница во десната рака. До него е лик на неидентификуван архијереј со евангелие во рака. Претставата на Богородица ширшаја од небеса е насликана во конхата, односно над композицијата Поклонување на агнецот.
Фризот со медалјони во кои се претставени светители и светителки го исполнуваат просторот на јужниот, северниот и западниот ѕид над фигурите од првата зона. Тие не можат да бидат идентификувани поради уништените сигнатури.
Циклусот од сцени кои ги илустрираат Големите празници се зографисани во наосот и олтарот. На јужниот ѕид се композициите Рождество Христово, Сретение, Крштевање на реката Јордан (Богојавление), и Преображение. Композицијата Успение Богородично е на западниот ѕид а на северниот се илустрирани: Влегување во Ерусалим, а Благовештението и Вознесението се во олтарниот простор на источниот ѕид.
Живописот во третата зона над композицијата од Големите празници се целосно уништени и немаме претстава за содржините и иконографската програма. Таков е случајот и со фрескоживописот на сводот, кој бездруго бил со фрески. Иконостасот во црквата е од поново време со иконите: Св. Теодор, Св. Илија и Исус Христос.
Галерија
уредиПоврзано
уредиНаводи
уреди- ↑ Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.