Хичкок / Трифо
„Хичкок/Трифо“ (англиски; француски: Hitchock/Truffaut) – филм на режисерот Кент Џоунс (Kent Jones) од 2015 година, снимен според сценариото на Кент Џоунс и Серж Тубијана (Serge Toubiana). Во 1962 година, францускиот режисер Франсоа Трифо го наговорил легендарниот режисер Алфред Хичкок да му даде долго интервју во траење од една седмица. Во тоа време, Трифо бил млад режисер со само три филма , додека Хичкок бил на врвот од славата и тукушто ја привршувал монтажата на својот 48. филм, „Птици“. Овој документарен филм, кој се темели врз изворните снимки од нивните разговори од кои подоцна настанала култната книга на Трифо, „Хичкок“, претставува еден вид збирка на највредните филмски лекции на сите времиња во кои Хичкок дава увид во создавањето на неговите култни филмови. Кога го замолил Хичкок за интервјуто, Трифо сакал да им докаже на американските критичари дека неоправдано ги потцениле филмовите на Хичкок, сметајќи ги само како забава. Филмот на Кент Џоунс нуди современо толкување на Хичкоковиот опус. Илустрирајќи ги главните теми со бројни исечоци од неговите филмови, десет современи филмски режисери ги анализираат естетиката, техниката и нарацијата кои се централни теми на разговорите меѓу Трифо и Хичкок. Притоа, Хичкоковата филмска визија ја толкуваат најголемите филмски режисери на денешнината, како: Мартин Скорсезе, Дејвид Финчер, Кијоши Куросава, Вес Андерсон, Џејмс Греј, Ричард Линклејтер, Питер Богданович, Пол Шредер итн. Книгата „Хичкок“ на Трифо, објавена истовремено во САД и во Франција, денес се смета за филмска „библија“ и претставува референца за филмските творци. Разговорите меѓу Трифо и Хичкок ги промениле ставовите на филмските критичари за творештвото на Хичкок и засекогаш ја измениле концепцијата на кинематографијата, воопшто. Исто така, книгата значително го променила и односот меѓу режисерот и филмската индустрија. Трифо ја нарекувал книгата „книга за филмот“, сметајќи дека во неа ги открива тајните на режисерската работа на Хичкок и неговите погледи на филмот и на светот. Нивниот разговор, всушност, претставува одраз на две различни, речиси спротивни гледања на филмот како уметност и како индустрија. [1]