Хенри IV, Дел 1 (англиски: Henry IV, Part 1) — историска драма на Вилијам Шекспир, најверојатно напишана не подоцна 1597 година. Таа е втор дел од Шекспировата тетралогија, која некои научници ја нарекуваат Хенријада, која пак се занимава со владеењето на Ричард II, Хенри IV (две драми, вклучително и Хенри IV, Дел 2 ) и Хенри V. Хенри IV, Дел 1 прикажува парче од историјата од победата на Хенри Перси над Шкотите во Хомилдон во Нортамберленд (кон крајот на 1402 година) и завршува со поразот на англиските бунтовници во Шрузбери во средината на 1403 година.[1] Од самиот почеток, била исклучително популарна драма, и кај публиката и кај критичарите.[2]

„Хенри IV, Дел 1“
Првата страница од Хенри IV, Del 1, од првото фолио издание (1623).
АвторВилијам Шекспир
ЛиковиХенри IV, Хенри V
Изворен јазиканглиски
Серија
ТематикаБунт против Хенри IV и израснувањето на Хенри V
Жанристориска драма
МестоАнглија, 1402-1403

Ликови

уреди

Кралева партија

уреди
  • Кралот Хенри Четврти - крал на Англија.
  • Хенри, принцот од Велс (наречен „Принц Хал“ или „Хари“) - најстар син на Хенри IV.
  • Џон Ланкастерски - претставен во претставата како втор син на кралот, иако всушност тој бил трет
  • Ралф Невил, Гроф од Вестморленд
  • Сер Волтер Блант („Блант“)

Истчип

уреди
  • Сер Џон Фалстаф - сиромашен витез кој се спријателува со принцот Халом
  • Нед Поинс
  • Бардолф
  • Пето
  • Г-ѓа Журка - домаќинка на меаната Вепрова глава
  • Френсис - келнер
  • Винтер - кафеџија
  • Гадсхил
  • Два носачи (Кригла и Том)
  • Остлер

Бунтовници

уреди
  • Хенри Перси, гроф од Нортамберленд
  • Томас Перси, гроф од Вустер - брат на Нортамберленд
  • Хари Перси (наречен „Хотспур“) - син на Нортамберленд
  • Едмунд Мортимер - зет на Хотспур и зет на Глендовер
  • Овен Глендовер - водач на велшките бунтовници
  • Арчибалд, гроф од Даглас - водач на шкотските бунтовници
  • Сер Ричард Вернон, 8. барон од Шипбрук
  • Ричард ле Скруп („Скруп“), надбискуп од Јорк
  • Сер Мајкл - пријател на надбискупот од Јорк
  • Лејди Перси („Кејт“, иако нејзиното правото име ѝ било Елизабет) - сопруга на Хотспур и сестра на Мортимер
  • Лејди Мортимер (Кетрин) - ќерка на Глендовер и сопруга на Мортимер

Други ликови

уреди
  • Коморник
  • Шериф
  • Патници
  • Слуга на Хотспур
  • Мајстори, офицери, гласници и посетители

Само споменати

уреди
  • Робин Остлер, покојниот лик кој му претходел на сегашниот Остлер, загрижен за цената на овесот
  • Гилијамс, курир испратен од Хотспур

Содржина

уреди
 
Џон Фарманеш-Бока како Принцот Хал во модерна продукција на Хенри IV, Дел 1.

Хенри Болинброк - сега крал Хенри IV - има немирно владеење. Неговите лични немири околу узурпацијата и убиството на неговиот претходник Ричард II би биле решени со крстоносна војна во Светата Земја, но проблемите на неговите граници со Шкотска и Велс го прават таквото заминување немудро. Уште повеќе, тој сè повеќе се судира со семејството Перси[б 1], кое му помогнало да дојде до престолот, и Едмунд Мортимер, грофот од Марч [б 2], избраниот наследник на Ричард II.

 
Литографија која го прикажува Чинот III Сцена II

Уште повеќе кралот Хенри има проблеми и со однесувањето на неговиот син и наследник, принцот од Велс. Хал (идниот Хенри V) го напуштил кралскиот двор и го поминува времето во пабови во лошо друштво. Заради тоа благородниците го презираат и и со тоа ја доведува во прашање својата вредност како иден крал. Главниот пријател и партнер на Хал во развратот е сер Џон Фалстаф. Дебел, стар, пијан и расипан до крајност, тој има харизма и животен занес што го маѓепсува принцот.

Три групи ликови се дел од претставата кои на почетокот малку се мешаат еден со друг, а потоа се собираат во Битката кај Шрузбери, каде што ќе се одлучи успехот на бунтот. Самиот крал Хенри и неговиот непосреден совет се првата група. Тој е двигател на драмата, но најчесто во заднина. Следува група бунтовници, енергично отелотворени во Хенри Перси („Хотспур“), вклучувајќи го и неговиот татко, грофот од Нортамберленд, предводен од неговиот вујко Томас Перси, грофот од Вустер. Се приклучуваат и шкотскиот Гроф од Даглас, Едмунд Мортимер и Велшанецот Овен Глендовер. Конечно, во средиштето на драмата е младиот принц Хал и неговите другари Фалстаф, Поинс, Бардолф и Пето. Вични на уличниот живот и безумни, овие пробисвети успеваат да ја обојат оваа мрачна историја со боите на комедијата.

На отворањето на претставата, кралот му се лути на Хотспур затоа што одбил да му ги испрати повеќето затвореници заробени во битката против Шкотите во Холмедон. Од своја страна, Хотспур би сакал кралот да го откупи Едмунд Мортимер (братот на неговата сопруга) од Овен Глендовер, Велшанецот кој го држи заробен. Хенри одбива, ја куди Мортимеровата лојалност и се однесува кон Персиевците со закани и грубост. Поттикнати и вознемирени од опасното и безобзирно однесување на Хенри кон нив, тие се спогодуваат со Велшаните и Шкотите, со намера да го соборат „овој неблагодарен и измамник“.

 
Хал го тера Фалстаф да лаже во Хенри IV, 1. дел, изгравиран од Роберт Смирке

Во меѓувреме Хал, синот на Хенри, се забавува, пие и краде со Фалстаф и неговите соработници. Тој го сака Фалстаф, но не се преправа дека е како него. Ужива да го навредува својот развратен пријател и се шегува на негова сметка. Му се придружува на заговорот на Поинс да се маскираат, да го исплашат и ограбат од Фалстаф и неговите тројца пријатели пленот што го здобиле со грабеж на патот, чисто заради задоволство подоцна да го слуша Фалстаф како лаже за тоа, по што Хал им ги враќа украдените пари. Всушност, на почетокот на претставата, Хал нè известува дека неговото проблематично раздобје наскоро ќе заврши и тој повторно ќе го заземе своето заслужено место во сериозните работи, покажувајќи се достоен за својот татко и за други (неодредени) благородни подвизи. Хал верува дека оваа ненадејна промена на неговиот начин на живот ќе донесе поголема награда и признание на неговиот статус како принц и ќе ја заслужи почитта од дворјаните.

Бунтот на Мортимер и Перси многу брзо му дава можност да го покаже токму тоа. Принцот ќе се состане со својот татко и ќе добие висока команда. Ветува дека ќе се бори и ќе го убие бунтовниот Хотспур и му наредува на Фалстаф (кој е, на крајот на краиштата, витез) да ја преземе командата со група пешадинци и да тргне кон бојното поле во Шрузбери.

 
Акварел од 1829 на Јохан Хајнрих Рамберг од Чинот 2, Сцена 4: Фалстаф го глуми кралот.

Битката е пресудна, бидејќи ако бунтовниците успеат да го задржат кралот, ситуацијата може да се промени, бидејќи тие имаат други воени сили кои чекаат под Нортамберленд, Глендовер, Мортимер и надбискупот од Јорк. Затоа на Хенри му треба решавачка победа. Кралот е посилен од бунтовниците,[3] но Хотспур, со дивата надеж на очај, ги води своите трупи во битка. Како што одминува денот, прашањето сè уште е нерешено, кралот го мачи дивиот Шкот Даглас, кога се среќаваат принцот Хал и Хотспур, двајца Хари кои не можат да ја делат истата земја. Конечно ќе се борат - за слава, за својот живот и за царството. Повеќе не е кафански кавгаџија, туку воин, идниот крал надвладува, го убива Хотспур во дуел.

Во одвивањето на случките до оваа точка, го следиме Фалстаф кој „огромно ја злоупотребил кралската неволја[4]. Тој не само што земал пари од способни луѓе кои сакале да ја избегнат службата, туку и ги задржувал платите на сиромашните кои биле убиени во борба („храна за прав, храна за прав“).[5] Оставен сам за време на битката на Хал со Хотспур, Фалстаф срамно глуми дека е мртов за да избегне Даглас да го нападне. Откако Хал го остава телото на Хотспур на бојното поле, Фалстаф оживува со потсмевно чудо. Гледајќи дека е сам, го прободува трупот на Хотспур во бедрото и ја презема заслугата за неговото убиство.[6] Иако Хал ја знае вистината, тој му дозволува на Фалстаф да ги изведува неговите нечесни трикови. Набргу откако Хал му опростил, Фалстаф изјавува дека сака да го промени својот живот и да почне „да живее чисто како што треба да живее еден благородник “.[7]

 
Второ издание на Хроника за Англија, Шкотска и Ирска, од Рафаел Холиншед, отпечатено во 1587 година.

Драмата завршува во Шрузбери, по завршување на битката. Смртта на Хотспур ги обесхрабрила бунтовниците[8] и силите на кралот надвладале. Хенри е задоволен од исходот, не најмалку затоа што му дава можност да го погуби Томас Перси, грофот од Вустер, еден од неговите најголеми непријатели (иако претходно еден од неговите главни пријатели). Во меѓувреме, Хал ја покажува својата кралска благодат и ја наградува храброста. Откога го зараобил го храбриот Даглас, Хал наредува неговиот непријател да биде ослободен без откуп.[9] Но војната продолжува. Сега силите на кралот треба да се справат со надбискупот од Јорк, кој се приклучил на Нортамберленд и силите на Мортимер и Глендовер. Овој нерешен крај ја поставува сцената за Хенри IV, Дел 2.

Историски извори

уреди

Како и за повеќето негови историски драми, главниот извор на Шекспир за Хенри IV, Дел 1, биле Хрониките на Рафаел Холиншед. Објавувањето на второто издание во 1587 година. ја дава главната историска рамка за претставата. Се чини дека Сојузот на две славни семејства на Ланкастер и Јорк на Едвард Хул, исто така, се чини дека бил консултиран во пишувањето, а научниците исто така претпоставуваат дека Шекспир бил запознаен со поемата на Семјуел Даниел за Граѓанските војни.[10] Уште еден веројатен извор за оваа и други драми од Хенријадата (Ричард II, Хенри IV, Дел 1, Хенри IV, Дел 2 и Хенри V) е драмата Славната победа на Хенри V (англиски: The Famous Victories of Henry V) од непознат автор, објавена во 1594 година.[11]

Датирање и текст

уреди

Хенри IV речиси сигурно бил изведен пред 1597 година, со оглед на богатството на алузии и референци за ликот на Фалстаф.[12] Најраната забележана изведба била одиграна попладнето на 6 март 1600 година, кога драмата била изведена на дворот пред фламанскиот амбасадор.[13] Следувале и други дворски претстави во 1612 и 1625 година.

Претставата била запишана во регистарот на Лондонскиот еснаф на издавачи на 25 февруари 1598 година, а за прв пат била отпечатена во кварто издание подоцна истата година од издавачот Ендрју Вајз. Драмата била најпопуларниот печатен текст на Шекспир: нови изданија се појавиле во 1599, 1604, 1608, 1613, 1622, 1632, 1639 и 1692 година.

Дерингов ракопис

уреди
 
Дерингов ракопис

Деринговиот ракопис, најстариот сочуван ракописен текст од која било драма на Шекспир, обезбедува едноделна верзија на двата дела на Хенри IV. Стручњаците за Шекспировото дело се сложуваат дека Деринговиот ракопис претставува редакција подготвена околу 1623 година, можеби за семејна или аматерска изведба. Истата ја направил Едвард Деринг (1598—1644), од замокот Суренден во Кент, каде што е откриен ракописот. Неколку неистомисленици тврдат дека Деринговиот ракопис можеби укажува на тоа дека Шекспировиот Хенри IV првично бил една драма, која писателот подоцна ја проширил на два дела за да ја искористи популарноста на ликот на сер Џон Фалстаф. Деринговиот ракопис е дел од Фолџеровата Шекспирова библиотека (англиски: Folger Shakespeare Library) во Вашингтон.[14]

Анализа и критика

уреди

Теми и толкување

уреди

Кога првпат била објавена во 1597 или 1598 година, драмата била насловена „Историјата на Хенри Четврти“ (англиски: The History of Henrie the Fourth), а на насловната страница принцот Хал не бил спомнат, туку било најавено само присуството на Хенри Перси и комичниот Џон Фалстаф. Навистина, во поголемиот дел од историјата на претставата, Хал бил поставен како споредна фигура, а ѕвездите на сцената, почнувајќи од Џејмс Квин (1693–1766) и Дејвид Гарик (1717–1779), често претпочитале да го играат Хотспур. Дури во дваесеттиот век читателите и изведувачите почнале да го гледаат одрастувањето на Хал како централна тема на претставата, а Хал сега се смета за главна улога во Хенри IV.

Запознавањето на Хал со Фалстаф и кафанскиот полусвет, во интерпретацијата на „приказната за одраснувањето“, го хуманизира принцот и му дава поцелосен поглед на животот.[15] На почетокот, принцот Хал изгледа блед во споредба со огнениот Хенри Перси, младиот и благороден господар на Северот (кого Шекспир, за да му даде соперник на Хал, го прикажува многу помлад отколку што бил во историјата). Многу читатели ја толкуваат приказната како приказна за воспитувањето на принцот Хал, кој прераснува во кралот Хенри V,[16] можеби најхеројскиот од сите ликови на Шекспир, во суштина приказна за блудниот син прилагодена на политиката на средновековна Англија.[17] Се забележува дека мал дел од сцените го вклучуваат насловниот лик, кралот, при што некои автори сугерираат дека претставата го спротивставува авторитетот на Хенри IV и неговата борба да ја контролира ситуацијата, со хаотичните сили на бунтовниците и Фалстаф.

Фалстаф или Олдкасл

уреди
 
Насловната страница на првото издание на драмата, отпечатено во 1599 година.

Хенри IV, Дел 1 предизвикал контроверзии веќе при првите изведби во 1597 година, бидејќи комичниот лик сега познат како „Фалстаф“ првично бил именуван „Олдкасл“ и заснован на Џон Олдкасл (англиски: John Oldcastle), познат протопротестантски маченик со моќни живи потомци во Англија.

Иако ликот се нарекува Фалстаф во сите сочувани текстови од драмата, постојат многу надворешни и внатрешни докази дека тој првично се викал Олдкасл. Промената на името е спомната во делата од седумнаесеттиот век на Ричард Џејмс (Послание до сер Хари Боршер, околу 1625 г.) и Томас Фулер (Вредностите на Англија, 1662). На некои места е посочено и во раните текстови на Шекспировите драми. Во кварто-текстот на Хенри IV, Дел 2 (1600), еден од говорните префикси на Фалстаф во Чинот 1, Сцена 2 е погрешно оставен неисправен, „Олд“ наместо „Фалст“. Во чинот 3, сцена 2, редови 25-6 од истата драма, се вели дека Фалстаф бил „страницата на Томас Мовреј, војводата од Норфолк“ - што се однесува на историскиот Олдкасл. Во Хенри IV, чин 1, сцена 2, линија 42, принцот Хал го нарекува Фалстаф „мојот старец од замокот“ (англиски: my old lad of the castle). Јамбичниот пентаметарски стих во Хенри IV, Дел 1 е неправилен кога се користи името „Фалстаф“, но правилен со „Олдкасл“. Конечно, има отворено одрекување на крајот од Хенри IV, Дел 2 што ја нагласува разликата помеѓу двата лика: „зашто Олдкасл умре маченик, а ова не е човекот“ (Епилог, 29–32).

 
Во чинот 3 сцена 1, Хотспур, кому му е ветена цела Англија северно од Трент, предлага да се пренасочи реката кон југ за да добие уште поголем удел. Планот ја нагласува неговата деструктивна и кавгаџиска природа.

Има дури и навестување дека Фалстаф бил во оригиналните Олдкасл и Веселите жени од Виндзор. Кога се споредуваат текстовите на Првото фолио издание и изданието кварто на драмата, се чини дека шегата во чинот 5, сцена 5, редови 85–90 е дека Олдкасл / Фалстаф се обвинува себеси извикувајќи ја првата буква од неговото име: О, О, О!“, кога неговите прсти ги допираат свеќите - што секако функционира за „Олдкасл“, но не и за „Фалстаф“. Исто така, постои референца за „замок“ (англиски: castle) во чин 4, сцена 5, стих 6 од истата драма.[18]

Промената на името и одрекувањето на одговорноста во Епилогот биле потребни, главно се мисли, поради политички притисок: историскиот Олдкасл не бил само протестантски маченик, туку и благородник со моќни живи потомци во елизабетанска Англија. Тоа биле лордовите Кобам: Вилијам Брук, 10. барон Кобам (починал на 6 март 1597 година), бил управник на петте пристаништа (1558–97), витез на Редот на подвески (1584) и член на Тајниот совет (1586–97); неговиот син Хенри Брук, 11-тиот барон Кобам, го наследил својот татко како управник на петте пристаништа по смртта на татко му, а во 1599 година бил прогласен за витез на Редот на подвеската. Понатаму, Френсис Брук, сопруга на 10-тиот барон и мајка на 11-тиот барон била близок личен миленик на нејзиното височество кралицата Елизабета Прва.

Постариот лорд Кобам дури имал силно негативно влијание врз животот на Шекспир и неговите современици во театарот. Друштвото на глумци основано во 1594 година од Шекспир, Ричард Барбиџ (англиски: Richard Burbage), Вил Кемп и други, уживало во покровителството на Хенри Кари, првиот лорд Хансдон, во тоа време лорд коморник (англиски: Lord Chamberlain); тие биле познати како луѓето на лордот коморник (англиски: Lord Chamberlain's Men). Кога Кари починал на 22 јули 1596 година, местото на лорд коморник го добил Вилијам Брук, лорд Кобам, кој дефинитивно не бил пријател на глумците и кој ја повлекол официјалната заштита што ја уживале. Глумците биле препуштени на милост и немилост на локалните функционери на градот Лондон, кои долго време сакале да ги избркаат актерските друштва од градот. Томас Неш (англиски: Thomas Nashe) се пожалил во писмо од тоа време дека глумците биле „непромислено прогонувани од страна на градоначалникот и советниците“ во овој период. Тој интервал не траел долго; кога Кобам умрел помалку од една година подоцна, функцијата лорд коморник преминала на синот на Хенри Кари, Џорџ, вториот барон Хансдон, и глумците повторно го добиле своето претходно покровителство.[19]

Името било променето во „Фалстаф“, засновано на сер Џон Фастолф, историска личност со репутација на кукавичлук во Битката кај Патаја, кого Шекспир претходно го портретирал во Хенри VI, Дел 1. Фастолф починал без потомци, што го правело безбеден за користење од страна на драматурзите.

Набргу потоа, тим драматурзи напишале драма во два дела наречена „Сер Џон Олдкасл“, херојска драматизација на животот на Олдкасл, и таа била објавена во 1600 година.

Во 1986 година во оксфордското издание на делата на Шекспир, ликот е наречен Олдкасл, а не Фалстаф, во Хенри IV, Дел 1 (но не во вториот дел што било збунувачки), што било последица на желбата на уредниците да ги претстават драмите како што се појавиле за време на првичните изведби. Ниту едно друго објавено издание не го сторило тоа.

Екранизација

уреди

Британската телевизија BBC 2 во 2012-2016 година реализирала комплетна екранизација на 8 од најголемите историски драми на Шекспир, во облик на мини-серија со наслов Шуплива круна (англиски: The Hollow Crown). Насловот на серијата е преземен од реплика во драмата Ричард II:

Затоа што во шупливата круна

Која ги опкружува смртните храмови на кралот

Смртта го држи неговиот суд. . .

- Ричард II, чин 3, сцена 2.

Првата сезона, која ги содржи 4-те драми кои ја сочинуваат првата тетралогија (Ричард II, Хенри IV, Дел 1, Хенри IV, Дел 2 и Хенри V ), била снимена во 2012 година: Џереми Ајронс го игра Хенри IV и Том Хидлстон го игра принцот Хал.

Втората сезона, под наслов Шуплива круна: Војни на розите (англиски: The Hollow Crown: The Wars of the Roses) е снимен во 2016 година. Втората сезона ги прикажува историските драми од втората тетралогија: сите три дела на Хенри VI (во две епизоди) и Ричард III, со Бенедикт Камбербач во улогата на Ричард од Глостер (подоцна Ричард III).[20]

Белешки

уреди
  1. Семејството Перси во тоа време владеело со големата област Нортамберленд, на крајниот север на Англија. Бидејќи Нортамберленд во тоа време бил гранична област со Шкотска, грофовите од Нортамберленд имале голема приватна војска на нивните вазали, а тие биле главно независни од кралот.
  2. Едмунд Мортимер (1391—1425) бил правнук на кралот Едвард III (1327-1377) и претендент за англискиот престол. Ричард од Јорк (1411-1460) бил негов внук.

Наводи

уреди
  1. Saccio
  2. Weil and Weil, p. 1.
  3. Henry IV, Part 1, 4.3.30, 4.4.19, in Bevington (1997).
  4. Henry IV, Part 1, 4.2.12, in Bevington (1997)
  5. Henry IV, Part 1, 4.2.64, in Bevington (1997).
  6. Henry IV, Part 1, 5.4.110ff., in Norton (2008).
  7. Henry IV, Part 1, 5.4.138ff., in Norton (2008).
  8. Henry IV, Part 1, 55.19, in Bevington (1997).
  9. Henry IV, Part 1, 5.5.28ff., in Norton (2008).
  10. Humphreys, A. R., уред. (1981). King Henry IV, Part 2. The Arden Shakespeare, second series. Bloomsbury Publishing. стр. xxxiii–xxxiv. doi:10.5040/9781408160350.40000045. ISBN 978-1-9042-7106-2.
  11. Campbell, Oscar James (ed), "Famous Victories" A Shakespeare Encyclopaedia, Taylor and Francis, 1966, p. 221.
  12. Weil and Weil, p. 4.
  13. Kastan 2002.
  14. Halliday, Shakespeare Companion, p. 135.
  15. Bulman 2002.
  16. Sanders
  17. Duthie 141.
  18. Scoufos, Shakespeare's Typological Satire, p. 191.
  19. Halliday, Shakespeare Companion, p. 107; Scoufos, p. 99.
  20. The Hollow Crown, Посетено на 2020-06-14

Литература

уреди
  • Barker, Roberta. "Tragical-Comical-Historical Hotspur." Shakespeare Quarterly 54.3 (2003): 288–307.
  • Bevington, David, ed. The Complete Works of Shakespeare. Updated Fourth Edition. University of Chicago, 1997.
  • Bulman, James C. (2002). „Henry IV, Parts 1 and 2“. Во Hattaway, Michael (уред.). The Cambridge Companion to Shakespeare's History Plays. Cambridge Companions to Literature. Cambridge: Cambridge University Press. doi:10.1017/CCOL052177277X.010. ISBN 9781139000116 – преку Cambridge Core.CS1-одржување: ref=harv (link)
  • Duthie, George Ian. Shakespeare. London: Routledge, 1954.
  • Greenblatt, Stephen. "Invisible Bullets: Renaissance Authority and Its Subversion in Henry IV and Henry V." In Political Shakespeare, edited by Jonathan Dollimore and Alan Sinfield, 18–47. 1985.
  • Halliday, F. E. A Shakespeare Companion 1564–1964. Baltimore, Penguin, 1964.
  • Saccio, Peter, Shakespeare's English Kings, 2nd edn, 2000.
  • Sanders, Norman. "The True Prince and the False Thief." Shakespeare Survey 30 (1977).
  • Weil, Herbert and Judith Weil, eds. The First Part of King Henry IV, 1997 (New Cambridge Shakespeare).
  • Wright, Louis B, and Virginia A. LaMar, eds. The Folger Library General Reader's Shakespeare: Henry IV, Part I.
  • Kastan, David Scott, уред. (2002). King Henry IV, Part 1. Third Series. Arden Shakespeare. ISBN 9781904271352.

Надворешни врски

уреди