Полисарио (според кратенката на шпански јазик: Frente Popular de Liberación de Saguía el Hamra y o de Oro, Народен фронт за ослободување на Сагија ел Хамра и Рио де Оро) е сахравско бунтовничко движење кое се бори за одвојување на Западна Сахара од Мароко и формирање на независна држава.

Протести во Мадрид

Полисарио е формиран на 10 мај 1973 година со цел ослободување на Сагија ел Хамра и Рио де Оро од шпанската колонијална власт по пат на вооружена борба. Поддршката за Полисарио помеѓу населението на Западна Сахара постојано се шири и движењето пополека се стекнува со контрола над пустинските области на земјата. Во јуни 1975 година мисија на Обединетите Нации ја посети колонијата и заклучи дека постои „сеопфатен консензус“ помеѓу населението за независност на колонијата (наспроти поддршката за шпанска власт или за приклучување кон некоја соседна држава) и дека Полисарио е најсилна политичка сила во земјата.

Шпанија во средината на 1975 година решава да се повлече од Западна Сахара и на 14 ноември го потпишува Мадридскиот договор со Мароко и Мавританија според кого на почетокот на 1976 година Мароко ја презема контролата над Сагија ел Хамра, а Мавританија над Рио де Оро. Не согласувајќи се со одредбите на Мадридскиот договор, Полисарио на 27 февруари 1976 година ја прогласува Сахравската Арапска Демократска Република и продолжува со својата вооружена борба за независност на Западна Сахара, сега против Мароко и Мавританија.

Под притисок на вооружените напади на Полисарио, Мавританија потпишува мировен договор со Полисарио на 5 август 1979 година со кој му се признава правото на сахравското население над Западна Сахара и се откажува од своето право над неа. Овој договор доведува до остри реакции во Мароко, кој унилатерално ја анектира територијата на Западна Сахара што ја напуштија мавританските сили.

Оттогаш Полисарио ја води борбата за независност само против Мароко, кој контролира 2/3 од Западна Сахара, додека Полисарио има контрола само на 1/3 од територијата, при што станува збор за пустинска земја, економски некорисна, со голем број мински полиња и речиси ненаселена. Во својата борба Полисарио има голема поддршка од Алжир, каде се наоѓа и базата на движењето.

На 6 септември 1991 година е потпишано примирје помеѓу Полисарио и Мароко, со кое се предвидуваше референдум за независност што требаше да се одржи следната година. Но, се појавија несогласици околу гласачките права и бројните напори за рестартирање на процесот завршија со неуспех, а референдумот за независност на Западна Сахара од Мароко сè уште не е одржан. Сахравските бегалци во Алжир притискаат врз раководството на Полисарио да продолжи со вооружената борба, но засега примирјето од 1991 година се почитува.