Франсоа Рене де Шатобријан
Франсоа Рене де Шатобријан (француски: François-René de Chateaubriand) (1768-1848) е француски политичар, дипломат, историчар и писател кој претставува предвесник на романтизмот во Франција. За неговото дело критичарите велат дека иако е во произволна форма, изобилува со многу поезија, а жанровски се движи од лирски роман, преку слабо изведени епопеи, до есеј и автобиографски белешки. Овој писател го интересираат три крупни теми: политиката, религијата и интензивното, роматичарско доживување на и соживување со природата, особено со новите, непознати светови. Сѐ што напишал Шатобријан (а најважни му се подолгите прозни дела Атала и Рене) има силна автобиографска димензија. Како потомок на стара благородничка лоза, врзан за „Стариот Свет“ кој умира грчевито под налетите на новиот, капиталистички поредок, тој ќе се качи на брод за Америка, во политичко прогонство. Петмесечниот престој во Филаделфија и посетата на Нијагарините водопади кај него ќе ја разгори фантазијата по нови и непознати светови и предели (едно од темелните обележја на романтизмот, беше патувањето во егзотични и непознати места).[1]
Франсоа Рене де Шатобријан | |
---|---|
Портрет на Шатобријан. | |
Роден/а | François-René de Chateaubriand 4 септември 1768 Сен Мало, Франција |
Починат/а | 4 јули 1848 Париз, Франција | (возр. 79)
Занимање | политичар, дипломат, писател, историчар |
Жанр | Романтизам |
Значајни дела |
Атала (1800) говори за младата ќерка на една индијка и еден шпанец, која умира поради судирот меѓу сопствената страсна индиска крв и должностите што ги наметнува христијанството. Рене (1802) е врзан автобиографски преку средбата на писателот со Новиот Свет (Америка), бидејќи главниот лик бега од Европа во прашумите на Новиот Свет, далеку од своето детство и од инцестуозната љубов кон сопствената сестра. Овде се открива една од идните омилени теми на романтизмот, забранетата љубов. Атала и Рене се исполнети со бројни страници во кои се слави единството со природата, која се возвишува како извор на непознатото, тајното, мистичното. Таа е мелем за страдалната душа на поетот-скитник, но и извор на бројни сознанија.[2] Неговите сентиментални патувања, љубовните авантури и неговите јавни дејствувања, со внимание и одушевување ги следи цела Франција, амладите луѓе се обидуваат да личат на неговиот Рене, тој идеализиран негов автопортрет, како што германската младина го имитирала Вертер на Гете[3].
Многумина сметаат дека со делата на Шатобријан се раѓа француската романтичарска проза. Во нив доминира чувството на „светската тага“. По Шатобријан романтичарскиот лик е вечен патник без дом, аналитичар на душата, записничар на страстите на срцето, човек на природата и противник на општеството и неговата студена немилосрдност кон сите слободи што срцето ги посакува, а разумот ги забранува.[4] Гете го оценил Шатобријан како многу значаен реторско-поетски талент и сметал дека тој извршил големо влијание врз поезијата на Иго.[5]
Наводи
уреди- ↑ Учебник по македонски јазик и литература за III година на реформираното гимназиско образование - стр.18
- ↑ Учебник по македонски јазик и литература за III година на реформираното гимназиско образование - стр.18/19
- ↑ Паскал Гилевски, Раде Силјан, Романтизам, Матица Македонска, Скопје, 2004, стр. 165.
- ↑ Учебник по македонски јазик и литература за III година на реформираното гимназиско образование - стр. 19
- ↑ J. P. Ekerman, Razgovori sa Geteom: Poslednjih godina njegova života. Beograd: Rad, 1960, стр. 66.