Форсети
Форсети (во превод од старонордиски јазик „оној кој претседава“; во превод од исландски и фарски „претседател“) — бог на правдата и помирувањето во нордиската митологија. Се среќава и со името Фосите како бог на Фризијците. Германскиот писател Јаков Грим, повикувајќи се на кажувањето на Адам Бременски, забележал дека ако светиот остров на Фосите бил Хелголанд, тогаш Фосите најверојатно бил истовремено божество на Фризијците и Скандинавците, но изненадувачки е тоа што тој воопшто не е споменат од страна на Саксон Граматик.[1]
Потекло
уредиГрим сметал дека „Форсети“ е постар облик на неговото име, претпоставувајќи дека непотврдениот старогорногермански еквивалент „форасизо“ (германски: Vorsitzender со значење „претседавач“),[2] но подоцна повеќе претпочитал изведен облик од „форс“ со значење „вителен водотек“ или „водопад“, што било поврзано со изворот и почитувањето на богот од страна на народите кои оделе на море.[3] Прифатливо е и мислењето дека „Фосите“ е постаро име, а „Форсети“ име кое потекнува од народната етимологија.[4] Според германскиот филолог Ханс Кун, германскиот облик „Фосите“ е јазично ист со името на старогрчкиот бог „Посејдон“, што укажува на тоа дека оригиналниот назив морал да биде воведен пред прагерманската гласовна промена, најверојатно преку старогрчките трговци на калибар.[5] Старогрчкиот патешественик Питеј, кој ја опишал трговијата со калибар, е познато дека го посетил подрачјето населено со германските племиња околу 325 година п.н.е.
Толкувања
уредиНордиски „Форсети“
уредиСпоред делото Младата Еда од Снори Стурлусон,[6] Форсети е претставен како син на Балдр и Нана. Неговиот дом е Глитнир, чие име означува „светлечки“ и се однесува на сребрениот таван и златните столбови кои зрачеле светлина, која била забележителна на голема далечина. Неговиот двор бил најдобар од сите и ги помирувал сите оние кои доаѓале пред него, што укажува на посредничка способност која е спротивна на онаа на нему блискиот бог Тир, кој „не е нарекуван помирувач на мажите“.[7] Сепак, како што укажува холандскиот јазичар Јан де Фрис, единствената причина за поврзувањето на Форсети со правдата се чини дека е неговото име за што нема поткрепувачки докази во нордиската митологија.[8] Строфата која ја цитира Стурлусон е можно подоцна да била надополнета со изразите „оној кој ги запира сите расправии“ или „оној кој ги стишува сите неслоги“, од кои самиот црпел информации.[9]
Првиот дел од називот „Форсетлунд“ (старонордиски: Forsetalundr) — фарма во општината Онсеј (Одинов остров) во источниот дел на Норвешка — се чини дека е генитивен облик од „Форсети“, што претставува доказ дека бил почитуван во тоа подрачје.[9][10]
Фризиски „Фосите“
уредиСпоред житието на Свети Вилиброрд од Алкуин, светецот посетил остров меѓу Фризија и Данска кој бил посветен за Фосите и бил наречен Фоситесланд во чест на богот кој таму бил почитуван. Постоел и свет извор од кој водата требало да се црпи мошне тивко. Вилиброрд го осквернавил изворот со тоа што во водата од изворот крстел луѓе и жртвувал крава.[9] Алтфрид ја раскажал истата приказна за Свети Лудгер.[11] Адам Бременски ја прераскажал приказната и додал дека островот бил „Хајлихланд“, т.е. Хелголанд.[12]
Постои и легенда за потеклото на пишаните фризиски закони од доцниот среден век. Во желба да собере пишани закони за сите народи, Карло Велики повикал дванаесет претставници на Фризијците, познати како „асеги“ (законоговорници), и побарал од нив да ги запишат законите на нивниот народ. Откако повиканите претставници не можеле тоа да го направат по неколку дена, Карло Велики им дал да одберат меѓу смрт, ропство или да бидат оставени на брод без кормило. Тие го одбрале последното и се молеле за помош, по што се појавил тринаесетти човек со златна секира на неговото рамо. Тој го пренасочил бродот кон копно со секирата, а потоа го закотвил на брегот. На местото на коешто бродот запрел се создал извор. Тој потоа ги научил дванаесетмината маченици на законите и исчезнал.[13][14][15] Странецот и изворот, според народното предание, се смета дека биле Фосите и светиот извор на Фоситесланд.
Современите автори, сепак, ја оспоруваат оваа претпоставка затоа што поседувањето на секира обично се поврзува со богот Тор наместо Форсети.[16]
Поврзано
уредиНаводи
уреди- ↑ Jacob Grimm, Teutonic Mythology, tr. James Steven Stallybrass, volume 1 London: Bell, 1882, p. 231.
- ↑ Grimm, p. 231.
- ↑ Grimm, p. 232, note 2; volume 4 (Supplement, 1883) p. 1360.
- ↑ Jan de Vries, Altgermanische Religionsgeschichte, volume 2, 2nd ed. Berlin: de Gruyter, 1957, repr. 1970, p. 283 (германски).
- ↑ Hans Kuhn, Kleine Schriften IV: Aufsätze aus den Jahren 1968-1976, ed. D. Hofmann, Berlin/New York 1978, p. 186-188.
- ↑ Gylfaginning ch. 32: text and translation online at voluspa.org.
- ↑ Gylfaginning ch. 25, tr. Arthur Gilchrist Brodeur, online at voluspa.org.
- ↑ De Vries, p. 283.
- ↑ 9,0 9,1 9,2 Hilda R. Ellis Davidson, Gods and Myths of Northern Europe, London: Pelican, 1964, repr. Penguin, 1990, ISBN 0-14-013627-4; repr. as Gods and Myths of the Viking Age, New York: Bell, 1981, ISBN 0-517-33644-8, p. 171.
- ↑ E.O.G. Turville-Petre,Myth and Religion of the North: The Religion of Ancient Scandinavia, London, Weidenfeld, 1964, p. 238.
- ↑ De Vries, p. 282.
- ↑ Gesta Hammaburgensis ecclesiae pontificum Book IV (Descriptio insularum aquilonis), ch. 3.
- ↑ Ellis Davidson, pp. 171-72.
- ↑ Thomas L. Mackey, Frisian, Trends in Linguistics, The Hague: Mouton, 1981, ISBN 90-279-3128-3, pp. 63-64
- ↑ OrderInTheQuartz, "The Legend Of Forseti's Appearance At Sea", Forseti Resource Pages, 2013.
- ↑ Willy Krogmann, 'Die friesische Sage von der Findung des Rechts', in: Zeitschrift für Rechtsgeschichte, Germanische Abteilung 84 (1967), pp. 72-127.