Феринзел (германски: Fährinsel) — мал остров во Балтичкото Море близу источниот брег на островот Хидензе и административно припаѓа на истоимената општина. Одвоен е од Хидензе од тесниот Бек (Bäk), само 120 метри широчина на некои места. Ја создава западната граница помеѓу Шапродер и Фитер Боден. Островот е долг 1,23 км и до 580 метри широк. Има површина од околу 37 хектари.[1] Фериботските линии помеѓу Риген и Хидензе вообичаено поминувале преку Феринзел. Бил затворен во 1952 кога пристаништето во Шапроде било проширено. Феринзел е природен резерват и има ограничен пристап за посетители. Тој е место за одмор на илјадници птици и место за испаша на овците од видов Готланд.

Феринзел (во позадина) гледан од запад, септември 2009

Географија

уреди
 
Смрека - вообичаена глетка на Феринзел

Феринзел се состои од неколку насипи, високи до 2 метри, и спрудови, како и области од кал во лагуната. Пред околу 12.500 години, во текот на последното ледено доба, ледените маси донеле песок и чакал. Кога мразот се повлекол се појавиле Дорнбуш на Хидензе, како и два гребени кон запад од Риген. Едниот гребен ги создал височините на островот Уманц и полуостровот Гелен на Хидензе, додека другиот водел помеѓу Трент преку денешното Штолпер Хакен близу Зехоф северно од Шапроде до Феринзел. По поплавувањето на областа околу Риген и Хидензе пред околу 3.900 години, пошумената морена станала острови. Не толку одамна (пред 2.900 години) започнала крајбрежната ерозија, главно како последица на брановите. Биле создадени бројни теснеци и спрудови и Хидензе ја добил својата издолжена форма. Блокот на кал помеѓу Риген и Феринзел се сронил до таа точка што морал да биде срушен. Кога преостанатите карпи на Феринзел ерозирале почнале да се создаваат спрудови кон југ поради струите од север. Тесните заливи и лагуни помеѓу спрудовите постепено се полнеле со органски материи.

Феринзел е покриен од смреки на насипите. Трски и морска вегетација расте на спрудовите. Во лагуните преовладуваат мочуришните растенија. На источниот брег на островот порано се наоѓале карпи.

Од историски интерес е триаголните бедеми во југоистокот, Шведскиот или Стариот бедем (Schwedenschanze или Alte Schanze). Бедемот го чувал протокот помеѓу Штолпер Хакен и Феринзел. Во тоа време, ова бил првиот островот при пристапот од север; полуостровот Буг и Бесин не биле толку долги како денес. На Штолпер Хакер е другиот дел од бедемот на Феринзел.

Близу островот на југоисток е малиот остров Буленриф, кој е долг само 80 до 85 метри и понекогаш е нарекуван Кувердер. Името означува дека бил користен како пасиште. Тој е многу рамен и покриен само со вообичаената ливадеста вегетација.

Птичји свет

уреди

И покрај загубата на неколку птичји видови и намалувањето на нивната бројност, Феринзел сè уште има важно значење како место за одмор. Ова е делумно поради фактот дека е недостапен за посетители и делумно поради неговиот пејзаж.

Големите гуски се гнездат помеѓу смреките и е едно од најважните места за средниот северен нуркач во областа на Хидензе. На Рошен постојат колонии на многу езерски галеби, обичниот галеб и црноглавите галеби. Овде се гнези и патката берија. Бојникот е пример за исчезнување на птичјите видови на Хидензе. Во XIX век биле во доволен број, но околу 1940-1950 изумреле поради крадењето на нивните јајца од лисиците и луѓето. Речната и тенкоклуната рибарка, кои до 1970 останувале понекогаш на островот, повеќе не можат да се забележат.

Птици-песнопејки на островот се полската чучурлига, белата тресиопашка и сивото свраче.

И покрај не толку откриената местоположба, Феринзел е понекогаш попатна станица за различни скитници. Помеѓу 28 јуни и 10 јули 1971, една до четири дебелоклуни рибарки биле забележани[2], а на 28 мај 1985 возрасен розов сколовранец[3], кои останале на островот.

Градби

уреди

На островот постојат неколку градби на западниот брег. Во 1992 била воспоставена експерименталната станица Феринзел на Средишниот институт за микробиологија и експериментална терапија од Јена.

Наводи

уреди
  1. Blase, p. 39
  2. Dittberner, Hoyer: Die Vogelwelt der Inseln Rügen und Hiddensee – Teil I – Nonpasseres. p. 168
  3. Dittberner, Hoyer: Die Vogelwelt der Inseln Rügen und Hiddensee – Teil II – Singvögel. p. 137

54°32′38″N 13°7′15″E / 54.54389° СГШ; 13.12083° ИГД / 54.54389; 13.12083