Тело-наука совршена
Тело-наука совршена[1] - македонски рок бенд со млади музичари од Струга. Тие биле популарни во првата половина на осумдесетите години. Кон крајот на 1985 година била формирана групата Розетата на Нотр Дам, која за краток период од дејствувањето го променила името во Тело-наука совршена. Промената на името групата го направила под влијание на збирката поезија со наслов „Тело-наука совршена“ од Методиј Златанов.
Тело-наука совршена | |
---|---|
Потекло | Струга, Република Македонија |
Жанрови | рок |
Период на активност | 1985-2016 |
Членови | |
Сашо Кленкоски Антонио Гоџоски Јован Затуроски Ненад Мурговски Никола Матоски | |
Поранешни членови | |
Сашо Кленкоски Звонко Наумоски Роберт Калајџиески Нaум Наумоски Елени Новаковска Антонио Гоџоски |
Првата постава на Тело-наука совршена ја сочинувале: Сашо Кленкоски на гитара и придружен вокал, Звонко Наумоски како главен вокал и клавијатури и Роберт Калајџиески на бас-гитара. Нешто подоцна им се придружил и Наум Наумоски-Зајакот зад тапаните.
Историја
уредиПрвите проби на бендот биле во подрумска просторија, во која членовите свиреле на позајмени инструменти од друга група млади музичари од Струга, хеви-метал бендот Хорда. Тоа лето ќе го имаат и својот прв настап во дискотеката „Палас“, заедно со хеви-метал групата Инфаркт од Охрид. Првите демо-снимки ги направиле некаде во октомври 1985 година на триканаланата мономиксета на Радио Струга. Биле снимени три песни: Бели раце, Спокојство и мир и В лице со бесконечноста. Со овие песни се пријавиле и учествувале на „Рок Фест ‘85“, одржан на 28 ноември.
Незадоволни од снимките, на почетокот на 1986 година, членовите на Тело-наука совршена направиле уште едни, на опремата на Струшки Бисери на пауза од еден нивни хотелски настап, практично свирејќи им ненајавен концерт на гостите во хотелот. Во таа сесија биле снимени пет песни. Со овие снимки групата се пријавила на „YURM“. Својот прв посериозен концерт групата го имале во Скопје, на 10 февруари 1986 година заедно со Мизар. Кон крајот на април, групата направила една мини турнеја настапувајќи во Градишка и Бања Лука, движејќи се кон Загреб за да настапи на „YURM“ („Југословенски рок момент“), во клубот „Ѓуро Ѓаковиќ“. Иако немале да се покажат во најдобро светло на „YURM“, сепак, нивните потенцијали ги забележила една млада дискографска куќа во подем, СКЦДОМ од Ниш. Тие им предложиле издавање касета. За таа намена, бендот добил финансиски средства за снимање на тој материјал.
Снимањето го направиле во студиото „Јатаган“ на Тоше Поп-Симонов, во јануари 1987 година. Биле снимени осум песни, од кои за албумот одбрале седум. Во мај 1988 година касетата била објавена. Тиражот на изданието бил само 100 примероци. Подоцна биле зголемени за уште 100 примероци по барање на ШКУЦ „Форум“ од Љубљана, кој покажале интерес за изданието и нарачале од СКЦ-ДОМ уште едно допечатување, само за словенечкиот пазар. Омотот за албумот Кадис на Тело-наука совршена бил изработен од уметникот од Струга, Димитрије Дурацоски. Кадис бил првиот официјално објавен албум во македонската рок-историја што во целост е отпеан на македонски јазик.
По заминувањето на Звонко во Скопје, Сашо се одлучил да го реоформи бендот. На крајот на 1988 година, новата постава на бендот, освен Сашо и Роберт Калјџиески на бас, ја надополнила Елени Новаковска (клавијатури) и Антонио Гоџоски (тапани). Биле создадени нови шест песни, со понагласена електроника во аранжманите. Овие материјали ги снимал Сашо, и освен неговата гитара, вклучуваат и ритаммашина. Со тие материјали бендот се пријавил за учество на претстојниот фестивал во Суботица, но и на „YURM“. Во рамките на „YURM ‘89“ се одржиле концерти во Загреб, Белград и во Скопје (таа година фестивалот е дисперзиран), заедно со групите „Обојени Програм“ од Нови Сад и „Messerschmitt“ од Пула.
Првиот самостоен концерт надвор од границите на Македонија го имале во белградскиот клуб „Академија“, на 21.4.1989, а веќе во мај учествувале и на фестивалот во Суботица, каде што свири во големото финале, одржано на 20 мај. Пет дена по овој концерт, групата настапува и на Градскиот стадион во Скопје заедно со многу познати групи од тогашната југословенска сцена. Последниот настап во овој состав Тело-наука совршена го имале на 24.4.1992 во МКЦ во Скопје, заедно со скопскиот бенд Клеопатра. На овој концерт басот ќе го свири Игор Марковски.
Групата која го издадала првиот албум на македонски јазик, по распаѓањето на тогашниот југословенски музички простор, не можела да се пронајде себеси во новата сцена, во која баш и немало место за бендови како Тело-наука совршена. Така бендот престанал да свири некаде во втората половина на 1992 година.
Групата имала уште еден краток рејунион со настап во живо, и тоа во состав: првата и втората постава на Тело-наука совршена заедно, во Скопје на 22.5.1999 во МКЦ, на прославата по повод 10 години од постоењето на музичката продавница „Bagi Shop“.
Долги години потоа, по претходни двегодишни навестувања дека е можен нов рејунион, во мај 2015 година, во етер била пуштена 1000 години темнина, преработка на темата на Падот на Византија, како дел од проектот Од Другата Страна (Трибјут за Падот на Византија). Неполн месец од снимањето на песната, на 25.7.2015, сосема ненадејно Тело-наука совршена настапиле во родната Струга, во рамките на третото издание на фестивалот „ДримOn“. Покрај Сашо и Антонио Гоџоски, оваа трета постава на Тело-наука совршена вклучила сосема нови луѓе: Јован Затуроски на бас, Ненад Мурговски зад клавијатурите и Никола Матоски на тромбон. Есента, на 3 октомври, бендот се претставил и во Скопје, со настап во рамките на манифестацијата „Бела Ноќ“, на платото пред МКЦ, а на 16.1.2016 бил дел и од концертната промоција на проектот Од Другата Страна, во МКЦ, во Скопје.
Дискографија
уредиАлбуми
уредиНаслов | Носач на звук | Издавачка куќа | Година |
---|---|---|---|
Кадис | MC | SKC Nis | 1988 |
Компилации
уредиНаслов | Носач на звук | Издавачка куќа | Година |
---|---|---|---|
V.A. - Omladina ’89-Subotica / Son | LP | PGP RTB | 1989 |
V.A. - Демоскоп 1 / Небо | MC | Младинско Радио “Клуб 100” | 1990 |
V.A. - Македонски Документ 2 / Strav | CD | Trot | 1995 |
Наводи
уреди- ↑ Филиповски, Тошо (2018). Македонска Рок Енциклопедија. Скопје: Корпус Деликти Рекордс, Тошо Филиповски. стр. 351, 352, 353. ISBN 978-608-66200-0-4.