Споменка (книга)

Ова е објавената верзија, проверена на 28 септември 2024. Има 1 промена во исчекување на проверка.

„Споменка“роман на македонскиот писател Горјан Петревски. Книгата била напишана во селото Мренога, во периодот од 1972 до 1974 година, а првпат била објавена во 1982 година.

Содржина

уреди

Романот се состои од 25 глави. Во селото каде што израснал Бојан, децата биле поделени на две дружини: оние од горниот дел на селото биле членови на дружината „Соколи“, а оние од долниот дел ја сочинувале дружината „Црни стрели“. Еден априлски ден, додека си играле децата, Вера Претералка му понудила на Бојан сликички со фудбалери и му открила дека Споменка разменува сликички со Никола, водачот на „Црни стрели“. Бојан, кој бил вљубен во Споменка, се чувствувал предаден и се скарал со неа. По некое време, двете дружини одиграле фудбалски натпревар во кој Бојан постигнал пет гола, а неговиот тим победил убедливо. Но, следниот ден, Бојан се разболел и го посетиле сите членови на дружината, освен Споменка, но таа дошла утредента и му подарила китка јорговани. Летото, Бојан шетал во друштво со неколку девојчиња; додека тие се капеле во реката, неколку момчиња од „Црни стрели“ им ги украле фустаните, но Бојан ги спасил и така станал јунак на летото, воодушеувајќи ја Споменка. Во новата учебна година, во училиштето пристигнала нова наставничка која ја викале Разделина и Бојан многу ја засакал, а истовремено ја замразил математиката поради наставникот кој ѝ се додворувал на Разделина. Еден ден, Бојан нашол фотографија на Споменка и ја зел кај себе, бакнувајќи ја. Набрзо, тој и Споменка почнале да си разменуваат писма во кои ја признале меѓусебната љубов, но Бојан попуштил во учењето и имал слаби оцени. Сепак, по укорот од наставничката и од татко му, тој решил да се поправи и почнал повеќе да учи. Еднаш, за време на посетата на рудникот, Никола не се чувствувал добро и Бојан го испратил до дома. Така престанало непријателството меѓу двете дружини. На крајот од учебата година, Споменка му кажала дека ќе се пресели во градот каде се вработил нејзиниот татко. На денот на преселбата, Бојан набрал цвеќе со намера да ѝ го подари на Споменка, но само со поглед го испратил заминувањето на камионот.[1]

Изданија

уреди
  • Петтото издание било објавено во 2016 година од издавачката куќа „Македонска реч“. Покрај главниот текст, книгата содржи и поговор со насловот „Ликот со необично име, но со многу топлина“, напишан од авторот, како и негова био-библиографија. Книгата, со обем од 150 страници и димензии од 20 сантиметри, била испечатена во печатницата „Графо-Ден“ во Скопје, во тираж од 2 000 примероци. Таа е каталогизирана во НУБ „Св. Климент Охридски“ - Скопје и ја носи меѓународната ознака ISBN 978-608-225-116-5.[2]

За делото

уреди

Во текстот „Ликот со необично име, но со многу топлина“, прочитан на Третата роднокрајна средба, одржана во НУУБ „Св, Климент“ Охридски“ - Битола во мај 2008 година, авторот истакнува дека во неговото целокупно творештво, ако не највпечатлив, тогаш барем најскокотлив е ликот на Споменка, кој настанал уште во раните детски години (на околу деветгодишна возраст), кога кај него се врежало тоа име како дел од една песна на Васил Куноски. Многу подоцна, во 1970-тите, како автор на неколку објавени книги, во списанието „Наш свет“ тој ги објавувал „Задоцнетите писма до Споменка“ и во таа прилика му ја изрецитирал песната на Васил Куноски, кој веќе ја имал подзаборавено. Ликот на Споменка се јавува во првиот расказ на Горјан Петревски, „Трнливата слива ги чува спомените“ од ноември 1966 година, а подоцна, во 1971 година, расказот бил објавен во „Наш свет“ со насловот „Споменка“. Потоа, тој сфатил дека треба да го оживее ликот на Споменка и да го направи повпечатлив. Така, во 1972-1973 година, тој го напишал првиот дел на романот со наслов „Споменка“, но не успеал да го објави иако го понудил во издавачката куќа „Мисла“. Во 198о година, со истиот ракопис, Петревски учествувал на конкурсот на „Детска радост“ за најдобар роман, но со изменет наслов „Јоргованите прецутуваат“ при што името Споменка го заменил со Јана, а по завршувањето на конкурсот, романот го објавил со насловот „Споменка“. Романот бил прифатен кај читателите кои барале од авторот да ја продолжи приказната. Во 1986 година, тој го напишал вториот дел за Споменка, но тој останал необјавен цели две децении — до 2006 година, кога се појавила книгата „Спомените за Споменка“ за која Петревски ја добил наградата „Ванчо Николески“. Потоа, по успехот на вториот дел, бил објавен и третиот дел со наслов „Сонот со Споменка“. Иако книгите за Споменка се напишани во прво лице еднина, авторот имал и верзија напишана во трето лице, која му се чинела како туѓа, иако во излагањето од 2008 година тој истакнува дека „кога би се прашувал денес, сепак, би ја избрал неа“. [3]

Иако Споменка е главниот женски лик во книгата, авторот посочува дека е заљубен во еден друг лик — Вера Претералка која читателите ја идентификуваат како негативен лик, но тој не се согласува со таквото толкување, истакнувајќи дека таа е ведриот дух на сета приказна, катализатор на збиднувањата и лик кој до самиот впечаток си останува доследен на себе. Според него, без ликот на Вера Претералка ќе ги нема духот, динамиката и хуморот во приказната, зашто таа се одликува со автентичност и детски шарм.[4]

Наводи

уреди
  1. Горјан Петревски, Споменка. Скопје: Македонска реч, 2016.
  2. Горјан Петревски, Споменка. Скопје: Македонска реч, 2016.
  3. „Како поговор — Ликот со необично име, но со многу топлина“, во: Горјан Петревски, Споменка. Скопје: Македонска реч, 2016, стр. 139-143.
  4. „Како поговор — Ликот со необично име, но со многу топлина“, во: Горјан Петревски, Споменка. Скопје: Македонска реч, 2016, стр. 143-144.