Атомска орбитала

(Пренасочено од Спин-орбитала)

Атомска орбитала е математичка функција која го опишува брановидното однесување на електроните во еден атом. Тргнувајќи од оваа функција, може да се одреди (пресмета) регионот во кој може да се најде електронот кој кружи околу еден атом. Всушност, атомските орбитали ги претставуваат можните квантни состојби на еден електрон во електронскиот облак околу еден атом.

Електронски атомски и молекулски орбитали. Табелата со орбитали (на лево) е одредена со зголемувањето на енергијата (види Маделунгово правило). Забележи дека атомските орбитали се функции од три променливи (два агли и растојанието од атомското јадро, r). Овие илустрации ја претставуваат аголната компонента на орбиталата, а не целосната орбитала.

Идејата за орбитоидното движење на електроните внатре во атомот била за првпат објавена во 1904 година. Од 1913, па до 1926 година, за електроните се мислело дека кружат околу атомското јадро на сличен начин како планетите околу Сонцето. Објаснувањето на природата на електронските "орбити" било една од главните причини за развојот на квантната механика. Во квантната механика, атомските орбитали се дефинираат како бранови функции над просторот, индексирани со квантните броеви n, l и m на орбиталата, или со имињата користени при електронските конфигурации, како што е покажано на десно. Бидејќи електроните не можат да се опишат како цврсти честички (како што е планетата), посоодветна аналогија за дефинирање на електронот е онаа која вели дека тој претставува чудно обликувана атмосфера (облак) која кружи околу релативно мала планета (атомското јадро). Поради разликите кои постојат со класично-механичките орбити, терминот "орбита" (која го опишува движењето на електроните околу атомот) е заменет со орбитала.

Имињата на орбиталите (s, p, d, f, g, h,...) се изведени од одликите на нивните спектроскопски линии: sharp (остра), principal (главна), diffuse (дифузна) и fundamental (основна), а останатите се именуваат по азбучен ред.