Спикула
Спикулите се мали ерупции од врел гас на Сонцето, т.е. ерупции на мали сончеви бури кои испуштаат пламени јазици од топол гас во горните слоеви на сончевата атмосфера и пренесуваат енергија и топлина преку сончевата магнетна атмосфера или корона. Тие се главни формации во хромосферата кои извираат од фотосферата и се издигаат до неколку илјади километри во височина. Самата хромосфера, се протега од 12.000 до 15.000 km над фотосферата. Пламените јазици со поголема маса, кои се издигаат високо над површината на хромосферата, се наречени протуберанции.[1] Спикулите се вид на сончева активност која трае десетина минути и предизвикува нехомогеност на фотосферата . Во голема мера влијаат врз рамнотежата во сончевата корона, бидејќи внесуваат 100 пати поголема маса во сончевата атмосфера во споредба со сончевиот ветар.[2] Ако спикулите се наоѓаат на сончевиот диск, тогаш тие се нарекуваат хромосферски шари.[3]
Спикулите биле откриени во 1877 година. Ги открил свештеникот Анџело Сечи од Ватиканската опсерваторија во Рим. Просечното времетраење на овие ерупции е 10 минути. Во 2007 година бил откриен нов тип на спикули кои се значително пократки, со просечно времетраење меѓу 3 и 7 минути.[4]
Одлики
уредиДолгнавестите и тенки млазови од вжештен гас, познати и како гасни прамени, се формираат во горната хромосфера и се издигнуваат до Сончевата корона. Имаат концентрацијата на честички од 1.018 m³. Ерупциите траат најмногу до 10 минути, при што се движат нагоре со просечна брзина од 20 km/s (двојно побрзо од првата космичка брзина на Земјата), еруптирајќи на висина од околу 16.000 km.[5] Тие ја напуштаат површината на Сонцето со брзина од околу 100 km/h и достигнуваат височина од неколку илјади километри над фотосферата. Просечната ширина им е околу 750 км.
Спикулите не се рамномерно распоредени на површината на Сонцето, a покриваат само околу 1% од вкупната површина на Сонцето и најчесто се групирани во близина на рабовите на супергранулите. Се проценува дека околу милион спикули се присутни во хромосферата во секој момент. Понекогаш спикулите се сметаат за мали протурберанции.
Во видливиот дел од спектарот, спикулите може да се забележат како пренесуваат огромни количества плазма, т.е. електромагнетен гас што го опкружува Сонцето, од долната сончева атмосфера (фотосферата). Количината на материјалот е огромна и е за повеќе од 100 пати поголема маса во споредба со масата што ја изнесува сончевиот ветар.
Нов тип спикули
уредиВо 2007 година, Барт де Понтје и Мекинтош со своите соработници откриле нов тип спикули. Се одликувале со побрзи ерупции, брзина меѓу 20 и 40 km/s и времетрање меѓу 3 и 7 минути. Максималната брзина на пламените јазици од околу 100 km/s се постигнува непосредно пред распаѓањето и исчезнувањето. Поради огромната брзина на плазмата, се претпоставува дека е многу топла, но досега не се најдени начини за нејзино подетално испитување.
Поврзаност со супергранулите
уредиСупергранулите се помали конвективни области на сончевата површина. Хоризонталните истиснувања на плазма од средиштето на супергранулата доведуваат до поместување на магнетното поле кон периферијата на супергранулата.
Спикулите се појавуваат над границите меѓу супергранулите. Тие се издигнуваат над долните слоеви на хромосферата, движејќи се по работ на супергранулите и следејќи ја насоката на збиените линии на магнетното поле. Кај границите од келиите, има зголемување на интензитетот на зрачењето, што значи дека таму материјата е многу потопла и погуста. Бидејќи спикулите се појавуваат над границата меѓу супергранулите, се претпоставува дека супергранулите имаат улога во нивното создавање. Спикулите ја следат насоката на линиите на магнетното поле, и затоа материјата која се издигнува над површината на Сонцето го има истиот правец, при што се создаваат спикули.[6]
Откривање
уредиЗатоа што спикулите се меѓу најмалите структури што можат да се забележат на Сонцето, за да се набљудуваат потребна е добра резолуција од барем 1 лачна секунда. Спикулите биле набљудувани во 1960-тите со следниве оптички инструменти: Климакс, Измиран, Меудон, Пик-ду-Миди, Пулков и Сакраменто Пика. Податоци за спикулите се добиваат и за време на затемнувањето на Сонцето.
Два посебни инструмента кои често се користат за да се добијат податоци за спикулите се бирефрактивниот филтер и спектрографот . Бирефрактивниот филтер добива дводимензионална слика од хромосферските структури и може да се проучуваат воочливите промени. Сепак, со овој филтер се губат податоците обезбедени од спектарот. Може да се зададат филтри за да работи во тесен спектар на бранови должини, со што се добиваат спектрални податоци за однапред дефинирани емисиони линии. Од друга страна, информации за спектарот на спикулите се добиваат со помош на спектрограф.[7]
Спикулите биле откриени и проучувани со помош на фотографии со висока резолуција, сателитски податоци и компјутерско моделирање. Сателитот SOHO (Сончева и хелиосферска опсерваторија) е сателит за регистрирање на глобални сончеви осцилации, во кои спаѓаат и спикулите, лансиран во 1995 година. Податоци за спикули се прибираат и со помош на инструментот Солар (анг: Solar) од МДИ ЕСА и НАСА, и набљудувања со помош на ССТ (шведски 1-метарски соларен телескоп) и сателитот ТРАСЕ (анг: TRACE - Transition Region and Coronal Explorer) од НАСА. Во 2004 година, било објавено дека спикулите се формираат од звучни бранови кои исто така траеле приближно пет минути.[2] Динамиката на спикулите е подобро проучена благодарение на фотографиите со SDO кои се прават на секои 12 минути.
По набљудувањата во 80-тите години од 20 век, се покажало дека температурата на спикулите не може да ја постигне температурата која ја има короната.[4] Подоцна, лансирана била уште една соларна лабораторија СДО (Соларна динамичка опсерваторија на НАСА) и јапонскиот сателит Хиноде, со кој спикулите биле многу подобро снимени и дополнително проучени. Во 2009 година, првпат биле забележани спикули кога се гледале од Земјата. Се покажало дека гасот во нив е потопол од она што можело да се измери со претходните инструменти, а се претпоставува дека спикулите можат да имаат значајна улога во загревањето на сончевата корона.[8]
Во 2004 година, Барт де Понтје, Роберт Ердељи и Стјуарт Џејмс поставиле хипотеза дека спикулите настанале како резултат на осцилации на П-режимот на сончевата површина. Осцилациите на П-режимот се акустични осцилации кои траат околу 5 минути, и кои влијаат врз подигањето и спуштањето на сончевата површина за неколку стотици метри во секунда. Патеките на магнетниот флукс кои се навалени под одреден вертикален агол можат да привлечат и да подигнат материјал од сончевата атмосфера и да формираат спикула.
Поврзано
уредиНаводи
уреди- ↑ „Сонце“. Скопско Астрономско Друштво. Посетено на 2021-11-26.
- ↑ 2,0 2,1 Objašnjenje Sunčevih spikula, Laura Baird, 2004; pristupljeno: 29. decembar 2014.
- ↑ Polje vatrene trave tj. Sunčeve spikule, Hičhajkerov vodič u svemir i fiziku plazme; pristupljeno: 2. januar 2014.
- ↑ 4,0 4,1 Priča iza spikula, Džetovi plazme bi mogli biti rešenje problema koronalnog zagrevanja; pristupljeno: 2. januar 2015.
- ↑ Sunce; Spoljašnja struktura; Spikule Архивирано на 26 ноември 2021 г., pristupljeno: 29. decembar 2014.
- ↑ Sunčeva atmosfera i sunčev vetar, seminarski rad iz geografije, Spikule; pristupljeno: 29. decembar 2014.
- ↑ Sunčeve spikule (Solar Spicules), J. M. Beckers, Uvodni deo o observacionim tehnikama, Solarna fizika, 1968
- ↑ Sunčana dinamička laboratorija, Vruće tačke u fontanama na Sunčevoj površini pomažu u objašnjenju misterije koronalnog zagrevanja Архивирано на 2 јануари 2015 г., jun 2011, pristupljeno: 29. decembar 2014.