Оркански височини (филм од 1939)

филм од 1939 г.

Оркански височини (англиски: Wuthering Heights) - американски филм од 1939 година, во режија на Вилијам Вајлер. Главните улоги ги граат: Лоренс Оливие, Дејвид Нивен, Мерл Оберон, Флора Робсон, Доналд Крисп, Џералдин Фицџералд, Сесил Келавеј и Хју Вилијамс. Во 1940 година, филмот ја освоил наградата „Оскар“ за најдобра црно-бела кинематографија, а имал уште седум номинации. Во 2007 година, филмот бил сочуван во Националниот филмски регистер на САД.[1]

(постер од 1939 година)

Синопсис уреди

Додека трае големо невреме, еден патник случајно доаѓа до една осамена куќа. Домаќинот е многу нељубезен и го сместува гостинот во поранешната соба на слугинката. Подготвувајќи се да си легне, гостинот слуша женски глас кој доаѓа однадвор. Кога го известува домаќинот, тој веднаш истрчува надвор во снежната бура. Потоа, слугинката Елен (ја игра Робсон) му ја раскажува приказната поврзана со женскиот глас:

Еден ден, господинот Ерншо (го игра Келавеј) во својот дом доведува дете-Циганче кое го нарекуваат Хитклиф. Детето веднаш се спријателува со ќерката Кати, но синот Хиндли е непријателски расположен кон него. Набргу, таткото умира и Хиндли станува господар во куќата. Тогаш, тој почнува да го малтретира Хитклиф (го игра Оливие) кој станува слуга. Сепак, Кати (ја игра Оберон) одржува блиски односи со Хитклиф. Меѓутоа, таа се запознава со соседот Едгар Линтон (го игра Нивен), кој набргу ја бара за жена. Тогаш, Хитклиф ја напушта куќата, ветувајќи дека еден ден ќе се врати за да се одмазди. По свадбата, Кати и Едгар живеат среќен и спокоен живот, но еден ден се појавува Хитклиф, кој во меѓувреме ја купил куќата на Хиндли (го игра Вилијамс). Сестрата на Едгар, Изабела (ја игра Фицџералд), се вљубува во Хитклиф и тој се оженува со неа, иако не ја сака, туку и понатаму копнее по Кати. Кога Кати легнува смртно болна во постела, Хитклиф ја посетува и таа му признава дека го сака, по што умира.

Откако Елен ја завршува приказната, во куќата влегува д-р Кенет (го игра Крисп) кој соопштува дека го видел Хитклиф заедно со некоја жена, но кога се приближил поблиску, го пронашол само телото на Хитклиф.[2]

Наводи уреди