Јастреб кокошкар
Јастреб кокошкар од Луис Агасис Фуертес
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Хордати
Класа: Птици
Ред: Соколи
Семејство: Јастребовидни
Род: Јастреб
Вид: A. gentillis
Научен назив
Accipiter gentillis
Лине, 1758
Accipiter gentilis

Јастребот кокошкар (Accipiter gentillis) е жител на речиси сите шуми и планини во Република Македонија. Распонот на крилата може да достигне и до 80 cm. Женките се поголеми од мажјаците и со леснотија можат да совладаат плен до големина на зајак. Се хранат со најразновиден дивеч, цицачи, глодачи и птици.

Првата година од животот младите птици се темнокафени, а по митарењето ја добиваат својата граоресто сива боја. Се гнезди на високи буки и четинари. Гнездото го прави во стари непристапни шуми каде во подножјето има поток или рекичка.Во изградбата на гнездото учествуваат двете единки, а старите гнезда ги доградуваат секоја наредна година. Така што често старите гнезда можат да бидат големи како кај штркот. Во средината на гнездото често се среќаваат и зелени гранки од елка кои даваат мека подлога за јајцата и ги штитат младите птици од вошки.Во гнездото најчесто има од 2-4 бели јајца. Во зависност од пристапноста до храна јастребот може да ги прехрани и сите младенчиња.

Многу сурово е прогонуван, ловен, и труен од страна на одледувачите на домашна живина, а неподнослив непријател им е на одгледувачите на гулаби - гулабарите. Но, и покрај тоа, еволуцијата го натерала да се снаоѓа и да преживее, што говори дека е неприкосновен и способен борец за опстанок во денешницата. Тој лови на многу перфиден начин. Кога лови, лета многу ниско до самата земја, пленот го здогледува и фокусира седејќи скриен до самото стебло на некое дрво. Така ниско летајќи неговиот плен не го забележува сè до последниот миг кога веќе е касно и се наоѓа во страшните канџи. Кокошкарот е една од најценетите птици за соколарство. Тој во рацете на добар соколар може да стане моќно оружје во ловот на зајци, фазани, еребици, патки итн. Јастребот кокошкар го усмртува својот плен со стисокот на канџите, клунот му служи исклучуво за јадење. Во текот на зимските месеци јастребите се симнуваат од планините во потрага по храна и може да се забележат во непосредна близина на населените места. Многу често се случува да во непосредна близина на гулабарите им украдат гулаб пред самите очи. Овој разбојник се прилагодил на самечки живот и до наредната сезона за парење сам се грижи за себе и сам е одговорен за штетите кои ги прави. Без разлика на неговата крволочност и начин на живот, јастребот кокошкар е природно богатство кое треба да го сочуваме.