Сонце исто така и ноќе
Сонце исто така и ноќе (италијански: Il sole anche di notte) - италијанско-германско-француски филм од 1990 година, во режија на браќата Паоло Тавијани и Виторио Тавијани, кои се автори и на сценариото. Главните улоги ги толкуваат: Џулиен Сандс (Julian Sands), Шарлот Гејнзбур (Charlotte Gainsbourg), Масимо Бонети (Massimo Bonetti), Маргарита Лозано (Margarita Lozano), Патрисија Миларде (Patricia Millardet), Настасја Кински и Ридигер Фоглер (Rüdiger Vogler).
Синопсис
уредиСерџо Џурамондо (го игра Сандс) е барон од сиромашно село во близината на Неапол. Уште како дете, тој си дал завет дека ќе му служи на кралот (го игра Фоглер). Подоцна, тој станува кадет, а поради неговите одлични резултати, кралот го избира за свој аѓутант. Исто така, кралот му наоѓа богата невеста - благородничката Кристина (ја игра Кински). Еден ден пред свадбата, Серџо ѝ признава дека со неа се жени заради кариерата, а таа пак му признава дека во текот на една година му била љубовница на кралот. Поради повредената гордост, Серџо ги напушта невестата и работата и станува калуѓер. За време на неговата прва миса, во црквата присуствуваат многу благородници од Неапол, кои го озборуваат Серџо, а исто така, на мисата доаѓа и Кристина. Посрамен и бесен, Серџо бара дозвола да замине во осамена црквичка далеку во планината. Таму, тој живее сам, а набргу гласот за него се проширува низ целиот крај. Еден ден, во близината поминуваат неколку благородници при што една позната куртизана (ја игра Миларде) се обложува дека ќе успее да го заведе Серџо. Таа преспива во неговата црква, а тој за да го совлада искушението, си сече прст на раката. Подоцна, куртизаната заминува во манастир, а насекаде се проширува гласот за Серџо. Оттука, кај него доаѓа еден разбојник, кој бара од него да му го излечи немиот син. Откако синот прозборува, славата на Серџо станува уште поголема и многу луѓе го посетуваат неговиот манастир, барајќи благослов и помош. Набрзо, католичката црква го обновува манастирот и испраќа свештеници да му помагаат на Серџо. Тој, пак, негодува поради комерцијализацијата на манастирот и посакува да си замине. Откако еден трговец ќе побара од него да ја излечи ќерка му, Серџо ја поминува ноќта со неа, а утредента го напушта манастирот. Најпрвин влегува во едно планинско езеро со намера да се удави, но нема сила да го направи тоа. Затоа, тој се враќа во родното село каде некое време живее како просјак и им помага на луѓето, а еден ден заминува некаде.[1]