Маргинален трошок

Маргинален трошок е трошокот што се прави при зголемување на производството за една дополнителна единица. Поинаку кажано, маргиналниот трошок е дополнителниот трошок при зголемување на производството за еден производ. Маргиналниот трошок (MC) се пресметува како:[1]
MC = ΔC / ΔQ
каде: ΔC е порастот на вкупните трошоци, а ΔQ е порастот на вкупното производство.

Табела 1: Пресметка на маргиналните трошоци

Производство Вкупни трошоци Маргинален трошок
1 10 -
2 17 7
3 27 10
4 38 11
5 50 12

Во конкурентски пазар, порастот на вкупните трошоци е еднаков на порастот на варијабилните производни фактори помножен со нивната цена. Оттука, маргиналниот производ може да се пресмета и така што цената на варијабилниот производен фактор ќе се подели со маргиналниот производ на варијабилниот производен фактор. Според тоа, при дадена цена на производниот фактор, маргиналниот трошок е инверзна вредност на маргиналниот производ на факторот. Оттука, во услови на конкуренција, законот за опаѓачки маргинални приноси е еквивалентен на законот за опаѓачки маргинални трошоци.[2] Меѓутоа, кога сите поединечни фирми ќе го зголемат производството,тогаш доаѓа до пораст на вкупното производство во рамките на индустријата. Тоа ќе предизвика промена на продажните цени на производот, како и на цените на производните фактори. Поради тоа, маргиналните трошоци на ниво на индустријата (набљудувана во целина) ќе се разликуваат од маргиналните трошоци на ниво на поединечната фирма. Оттука, за разлика од маргиналните трошоци на фирмата, кои секогаш имаат позитивен наклон (растат при поголем обем на производството), маргиналните трошоци на индустријата може да растат или опаѓаат.[3]

Стандардната анализа на маргиналните трошоци подразбира дека фирмата постои и произведува неограничено долго време. Армен Алкијан (Armen Alchian) ги анализирал трошоците во случајот кога производството се врши во определен ограничен временски период (на пример, десет години). Тогаш: прво, маргиналните трошоци опаѓаат, ако се зголемува вкупниот обем на производството при константен обем на производство во единица временски интервал (на пример, година); второ, маргиналните трошоци растат, ако се зголемува производството во единица временски интервал при константен обем на вкупното производство. Оттука, ако вкупниот обем на производство остане константен, порастот на производството во единица временски интервал всушност значи скратување на бројот на временските интервали во кои се остварува вкупното производство, т.е. поевтино е да се произведе одреден обем на производство (да речеме, 100 000 книги) во пократко време (помал број временски интервали).[4]

Наводи

уреди
  1. George J. Stigler, The Theory of Price, third edition. New York: The Macmillan Company, 1966, стр. 136.
  2. George J. Stigler, The Theory of Price, third edition. New York: The Macmillan Company, 1966, стр. 136.
  3. George J. Stigler, The Theory of Price, third edition. New York: The Macmillan Company, 1966, стр. 166-167.
  4. George J. Stigler, The Theory of Price, third edition. New York: The Macmillan Company, 1966, стр. 172-173.