Корист (Економија)

Корист или полза (англиски: Utility) - економска категорија која го означува задоволството што го добива потрошувачот од трошењето (употребата) на некој производ или услуга. Користа е еден од основните концепти во микроекономијата и служи како основа на теоријата на однесувањето на потрошувачот. Притоа, економистите сметаат дека основиот мотив на потрошувачот при купувањето е настојувањето да ја максимизира својата корист.

Развојот на теоријата на користа

уреди

Теоријата на користа (utility theory) се појавила во втората половина на 19 век, а најголем придонес во нејзиниот развој дале англискиот економист Френсис Еџворт (Francis Y. Edgeworth), особено со неговото дело „Математичка физика“ (mathematical Physics) од 1881 година, како и италијанскиот економист Вилфредо Парето (Vilfredo Pareto). На почетокот, економистите сметале дека користа што ја добива потрошувачот од секое количество производи може прецизно да се измери и да се одреди со некој број, и дека може да спореди користа на еден потрошувач со користа на друг потрошувач. Подоцна, овие сфаќања биле напуштени.[1] Денес, економистите се едногласни дека користа може да се изрази со ординални а не со кардинални големини, односно може само да се каже дека купувачот повеќе го сака производот А во споредба со производот Б, но не може да се измери дали неговата корист од првиот производ е 30 % или двапати поголема од користа што ја добива од вториот производ.[2]

Својства на преференциите на потрошувачите

уреди

Економистите поаѓаат од три значајни претпоставки во врска со преференциите на потрошувачите:[3]

  1. комплетност: Кога потрошувачот споредува два производа (или две групи производи), тој ги споредува така што само едно од следново е точно: го претпочита првиот производ во однос на вториот, го претпочита вториот производ во однос на првиот или е рамнодушен меѓу нив. Оваа претпоставка ја исклучува можноста дека потрошувачот не може да одлучи што ќе избере.
  2. транзитивност или рационалност: Преференциите на потрошувачите за одделни производи се доследни (конзистентни) во следнава смисла: ако потрошувачот повеќе го сака производот А од производот Б, а производот Б го сака повеќе од производот В, тогаш тој го сака производот А повеќе од производот В. Ова својство ја отстранува можноста за нелогично однесување на потрошувачот.
  3. Реден број во список

незаситност или повеќето е подобро: Според оваа претпоставка, потрошувачот секогаш сака поголемо количество од некој производ, односно неговата корист е поголема ако потроши повеќе наместо помалку производи. Ова својство нема критично значење за анализата на однесувањето на потрошувачите, но економистите сметаат дека оваа претпоставка важи за повеќето потрошувачи кои, ако имаат вишок производи, тогаш слободно можат да се ослободат од нив, па оттука, повеќе производи е секогаш подобро до помалку.

Вкупна и маргинална корист

уреди

Основа на теоријата на потрошувачката е анализата на користа (ползата) на потрошувачот. Во тој поглед, иако желбите на потрошувачот не можат директно да се измерат, сепак тие се мерат преку цената која е подготвен да ја плати потрошувачот за да задоволи одредена желба. Вкупната корист на потрошувачот (total utility) се зголемува со секоја дополнителна единица од производот што го троши, но ова се однесува само на вкупната корист. Притоа, вкупната корист расте со опаѓачка стапка, односно секоја дополнителна единица од производот што го троши поединецот му носи сè помала и помала корист. Онаа единица од производот за која потрошувачот се двоуми дали да ја купи, Маршал ја нарекува маргинална купувачка (marginal purchase), а неговата корист — маргинална корист (marginal utility). Според тоа, маргиналната корист на секое нешто опаѓа со секое зголемување на количеството што го имаме. Меѓутоа, законот за опаѓачка маргинална корист важи само ако човекот се набљудува во една точка од времето, т.е. ако се занемарат промените на неговите желби и потреби со текот на времето.[4] Законот за опаѓачка маргинална корист може да се претстави и преку цената на производот. Имено, цената што е подготвен да ја плати потрошувачот за една дополнителна единица од производот Маршал ја нарекува маргинална цена на побарувачката (marginal demand price). Токму оваа цена ја претставува маргиналната корист на производот. Слично на тоа, цените што потрошувачот сака да ги плати за два производа зависат од односот на маргиналната корист на тие производи.[5]

Изборот на потрошувачот меѓу одделни производи се врши според нивната маргинална корист. Ако еден производ му носи на потрошувачот поголема маргинална корист во споредба со друг производ (пресметано во однос на нивните цени), тогаш потрошувачот ќе го избере првиот прозивод. Притоа, потрошувачот ќе го распредели својот доход по одделни производи во точката во која се изедначува маргиналната корист на сите производи (во однсс на нивните цени). На сличен начин се врши и изборот меѓу сегашната и идната потрошувачка: ако денешната потрошувачка му носи на потрошувачот поголема маргинална корист во споредба со неговото купување во иднина, тој ќе одлучи да го купи производот денес. Оваа меѓувременска споредба меѓу сегашната и идната маргинална корист се изразува преку субјективната дисконтна стапка на потрошувачот.[6]

Наводи

уреди
  1. George J. Stigler, The Theory of Price, third edition. New York: The Macmillan Company, 1966, стр. 46-47.
  2. Jeffrey Perloff, Microeconomics (fourth edition). Boston etc.: Pearson/Addison-Wesley, 2007, стр. 84-85.
  3. Jeffrey Perloff, Microeconomics (fourth edition). Boston etc.: Pearson/Addison-Wesley, 2007, стр. 76-77.
  4. Alfred Marshal, Principles of Economics. Amherts, New York: Prometheus Books, 1997, стр. 93-94.
  5. Alfred Marshal, Principles of Economics. Amherts, New York: Prometheus Books, 1997, стр. 95.
  6. Alfred Marshal, Principles of Economics. Amherts, New York: Prometheus Books, 1997, стр. 117-123.