Славјанка Стојанова
Славјанка Стојанова (25 јануари 1953 во Свети Николе) — македонска политичарка, пратеничка во првиот собраниски состав на Собранието на Македонија.[1]
Животопис
уредиСтојанова основно образование и гимназија завршила во родниот град, а потоа се запишала и редовно го завршила Економскиот факултет во Скопје. По завршување на факултетот се вработила во Службата за општествено книговодство (СОК) во Свети Николе и таму работела како аналитичар скоро 10 години. Во 1986 година, од страна на Советот на Општина Свети Николе е избрана за Началник на управата за приходи и финансии. Во 1989 година од Советот е избрана за Претседателка на Извршниот совет на општината и напоредно ги врши и двете функции.[2]
Во 1990 година кога се одржаа и првите повеќе партиски избори во Македонија, беше избрана за пратеничка од партијата СКМ–ПДП, како една од петте жени пратенички од сите партии на национално ниво. Беше член на Уставната комисија во периодот кога се изготвуваше и кога се донесуваше Уставот на Македонија. Исто така, беше и Претседателка на Комисијата за финансирање и буџет во целиот мандат, каде активно учествуваше во разгледување и предлагање на сите законски акти од областа на финансиите и буџетите, меѓу кои е и воведувањето на денарот како парична единица во Македонија. По завршување на мандатот, накрајот на 1994година, се вработила во Народна банка на Македонија како директорка на Дирекцијата за истражување. Во февруари 1996 година од страна на Собранието на Република Македонија е избрана за заменик министер за финансии. Претседателка е и на Комисијата за трансформација на платниот промет и Комисијата за воведување на данокот на додадена вредност. Учествува во потпишување на Договори за двојно оданочување и Договори за заштита на инвестициите со повеќе земји.
Во 1998 година се враќа во Народна банка на Македонија како советник во кабинетот на гувернерот. Во 2004 година од гувернерот е избрана како директорка на Дирекцијата за општи и заеднички работи и оваа функција ја извршува до 2007 година. Од 2007 до 2015 година е советник на гувернерот во раководството на НБРМ. Во пензија заминала во март 2015 година. Живее во Свети Николе.
Наводи
уреди- ↑ „Пратенички состав“.
- ↑ Симеонова Манева, Рахела (јуни 2018). Жените од Свети Николе низ историјата. Свети Николе: Здружение Организација на жените на општина Свети Николе. стр. 80, 81, 82, 83.