Сирин
Сирин — митско суштество од руските легенди, со глава и гради на убава жена, а тело на птица (најчесто був). Според митот, тие живееле во „индиските земји“ близу Еден, или околу реката Еуфрат.
Овие полужени, полуптици се директно поврзани со грчките митови и поновиот фолклор за сирените (не треба да се меша со сирените кои се полужени, полуриби). Сиринот има женско тело и гради, тело покриено со перја, крилја и долга опашка на паун со карактеристични „очи“. Обично носи круна или е претставена со ореол, најверојатно поради тоа што е рајска птица. Сирините на светците им пееле прекрасни песни, со кои претскажувале среќа. Меѓутоа, за смртниците, тие биле опасни. Луѓето кои ќе ги слушнеле како пеат заборавале сè на земјата, тргнувале по нив и на крај умирале. Некои пробувале да се спасат од сиринот со пукање на топови, ѕвонење на звончиња и други гласни звуци што ќе ја исплашат птицата. Подоцна (во 17-18 век), претставата за сиринот се менува и таа почнува да симболизира светска хармонија (затоа што живее близу рајот). Луѓето во тоа време верувале дека само навистина среќните луѓе можат да ја слушнат, а само малкумина можат да ја видат, затоа што таа е брза и тешко се фаќа, исто како и човековата среќа. Таа симболизира вечна радост и рајска среќа.
Легендата за сиринот во Киевска Русија најверојатно ја донеле персиските трговци, околу 8-9 век. Во градовите Херсон и Киев тие често се среќаваат на глинени садови, златни приврзоци, па дури и како орнаменти во Евангелијата од 10-12 век. На илустрациите за Генезата (Првата книга мојсеева), поморите ги претставувале сирините како птици кои седат на рајските дрвја.
Понекогаш сиринот претставува метафора за тоа како зборот божји влегува во душата на човекот, а понекогаш метафора за кривоверците кои ги искушуваат слабите. Понекогаш се сметала за еквивалент на сирената или полската вила. Во рускиот фолклор ја мешале со почитуваниот религиозен писател Свети Ефрем Сирин. Така, лирските поети како Николај Кљуев, често го употребувале зборот сирин како синоним за поет.