Симфониски оркестар на ФМУ
Симфониски оркестар на ФМУ - Скопје е оркестар што го сочинуваат студенти на додипломските и постдипломските студии на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Оркестарот има образовна функција, но одржува и самостојни концерти.
Концертна дејност
уредиСимфонискиот оркестар на ФМУ одржал голем број концерти на кои се претставил со познати симфонсики дела на странски и македонски автори. Во неколку наврати, оркестарот ја сочинувал основата на Меѓународниот симфониски оркестар на ФМУ, а со него диригирале познати светски диригенти, како: Михаел Луиг, Тим Чашел и Патрик Штруб од Германија, Вилијам Ребер од САД и Александар Ведерников од Бољшој театарот во Русија. Во 2001 година, во рамките на фестивалот „Охридско лето“, оркестарот настапил заедно со Македонската филхармонија, под диригентската палка на Леонид Николаев од Русија. Следната година, за првпат, Симфонискиот оркестар на ФМУ настапил самостојно на „Охридско лето“ под диригентската палка на Станко Шепиќ од Србија. Во 2006 година, на прославата на четириесетгодишниот јубилеј на ФМУ, оркестарот настапил заедно со Симон Трпчески, а со концертот диригирал Саша Николовски - Ѓумар. Десет години подоцна, на прославата на педесетгодишниот јубилеј на ФМУ, со оркестарот диригирале Саша Николовски - Ѓумар и Сашо Татарчевски при што премиерно биле изведени неколку дела меѓу кои и „Твојот пат“ на Живоин Глишиќ, компонирано специјално за тој настан. Исто така, секоја година, на 24 мај, Симфонискиот оркестар на ФМУ учествува во музичката програма при прославата на празникот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.[1]
Наводи
уреди- ↑ Концерт на факултетот за музичка уметност - Скопје, 6.12.2017.