Симон Чудотворецот (расказ)
Симон Чудотворецот (српски: Симон Чудотворац) - расказ на српскиот писател Данило Киш, дел од неговата збирка раскази „Енциклопедија на мртвите“ од 1983 година.
Содржина
уредиРасказот се состои од два дела во кои се опишани две верзии на еден настан: смртта на Симон Чудотворецот. Дејството се одвива 17 години по смртта на Исус од Назарет, кога неговите апостоли патуваат низ Самарија, раскажувајќи за Исусовите чуда и проповедајќи го христијанството. Во истото време, низ областа патува и Симон, кој изведува разни чуда, а христијанското учење го нарекува лажно, велејќи дека Господ е најголемиот тиранин, затоа што ги осудил луѓето да се мачат во животот. При посета на едно село, заедно со своата придружничка Софија (поранешна проститутка), Симон се среќава со апостолот Петар и со неговите ученици. Тогаш, Симон и Петар почнуваат расправа за бога и за верата при што Симон вели дека може да полета над облаците. Додека придружниците на Петар му се потсмеваат, Симон навистина полетува на небото. Исплашениот Петар го моли бога, кој пак му одговара дека тој му ја дал способноста на Симон и дека ќе направи тој да падне на земјата. И навистина, со голема брзина, Симон паѓа од небото и умира. Плачејќи, Софија заминува во пустината.[1]
Според втората верзија, Симон и Софија лежела во сенката на маслиново дрво, кога крај нив поминале Петар и учениците. Меѓу нив започнала расправа за бога и за верата и Симон го предизвикал Петар, тврдејќи дека и тој ќе стане од гробот три дена откако ќе го закопаат. Тогаш, од блиското село дошле мајстори кои ископале гроб, го ставиле Симон во сандакот и го закопале, а над неговиот гроб Петар му се помолил на бога. Три дена подоцна, кога го откопале гробот, тој бил мртов и телото веќе почнало да му се распаѓа. Плачејќи, Софија заминува во пустината.[2]
Осврт кон делото
уредиВо пост-скриптумот кон збирката, Киш дава објаснување во врска со расказот, опишувајќи го како варијација на една тема од гностичките легенди. Исто така, авторот објаснува дека неговите реченици „Каде што лажат сите, никој не лаже. Каде што сè е лага, ништо не е лага.“ сосема случајно се совпаѓаат со еден текст на Борис Суварин од 1938 година во кој тој зборува за лагата како одлика на советското општество.[3]