Сивец
Сивец — најпознато македонско рудно наоѓалиште на мермер во околината на Прилеп, според кој е наречен и еден вид на бел мермер. Се наоѓа на периферијата на пелагонискиот масив, на границата помеѓу планините Бабуна и Козјак[1], а во подножјето на источната падина под превојот Плетвар. Во ова подрачје се издвоени следните серии на карпи: бигорливи песочници, песокливи глини, механички материјал (детриус) и бели доломитски мермери[1]. Најзначајни се белите доломитски ситнозрнести мермери со ретки пластови на калцити[1]. Димензиите на рудното тело од Сивец изнесуваат 44х106 м3 цврста маса[1]. Хемискиот состав на мермерот од сивец е CaCO3 - 61% и MgCO3 - 39%[1]. Вкупните рудни резерви во Сивец се 6.471.200 м3[1]. Треба да се истакне дека мермерите од Сивец имаат нагласена блоковитост, некогаш и по неколку кубни метри со одлична белина што ги вбројува во едни од најквалитетните во Европа, па и во светот[1]. Поради високиот квалитет посебниот вид на изразито бел и мазен мермер е наречен и познат под името Сивец. Мермерот од Сивец е надалеку употребуван во градежништвото и вајарството ширум Македонија, во земјите од поранешна Југославија и Европа. Тој се наоѓа на голем број градби и споменици како што се: Порта „Македонија“, Могилата на непобедените, спомениците на Методија Андонов - Ченто, Цар Самоил, Јустинијан I и др. Долги години од самото отворање со рудникот стопанисува и експлоатира „Мермерниот комбинат“ од Прилеп, кој по приватизирањето е во сопственост на странска компанија од Грција, а сивечкиот мермер го обработуваат и повеќе помали приватни претпријатија од градот Прилеп.
Галерија
уреди-
Порта „Македонија“ во Скопје, обложена со мермерот „Сивец“
-
Калцитен минерал од Сивец
-
Минералот корунд од Сивец
-
Доломитен камен за мермер од Сивец