Сѐ што отсекогаш сте сакале да знаете за сексот, но сте се плашеле да прашате

„Сѐ што отсекогаш сте сакале да знаете за сексот, но сте се плашеле да прашате“ (англиски: Everything You Always Wanted to Know About Sex (But Were Afraid to Ask)) — американски филм од 1972 година, во режија на Вуди Ален, кој е автор и на сценариото. Главните улоги ги толкуваат: Вуди Ален, Лин Редгрејв, Џон Карадин, Лу Џакоби, Луиз Лесер, Џин Вајлдер, Ентони Квејл, Џек Бери, Берт Рејнолдс, итн. Филмот, снимен според истоимената книга на Дејвид Рубен, е една од најдобрите филмски пародии на Ален. Тој се одликува со вулгарен и апсурден хумор со што се смета за претходен на таканаречените „клозетски комедии“ од 1990-тите.[1]

Содржина

уреди

Филмот се состои од неколку приказни. Во првата, насловена „Дали делуваат афродизијаците?“, дворскиот шут (го игра Ален) се обидува со помош на љубовен напиток да го разбуди еротскиот интерес на кралицата. Втората приказна се вика „Што е содомија?“ и во неа д-р Рос (го игра Вајлдер) се заљубува во ерменска овца и поради неа ги отфрла бракот, кариерата и општеството. Во третата приказна, со наслов „Зошто некои жени имаат проблеми со оргазмот?“, еден италијански плејбој (го игра Ален) открива дека неговата сопруга (ја игра Лесер) може да доживее оргазам само при полов однос на јавно место. Во четвртата приказна, „Дали трансвеститите се хомосексуалци?“, Сем (го игра Џакоби) ја открива својата мала тајна во најнезгодниот момент. Во петтата приказна, „Што, всушност, постигнуваат сексуалните истражувачи?“, истражувањата на лудиот научник (го игра Карадин) предизвикуваат застрашувачки мутации. Во шестата приказна, со наслов „Што се сексуални перверзии?“, во својата телевизиска емисија, Џек Бери (го игра Бери) е водител на дискусија за сексуалните опсесии на своите гости. Во седмата приказна, „Што се случува за време на ејакулацијата?“, еден нервозен сперматозоид (го игра Ален) не е сигурен дали може да го направи „големиот скок“.

Наводи

уреди