Сајонара (филм)
Сајонара (англиски: Sayonara) – американски филм од 1957 година, во режија на Џошуа Логан. Сценариото го напишал Пол Озборн. Главните улоги ги толкуваат: Марлон Брандо, Џејмс Гарнер, Ред Батонс, Патриша Овенс, Кент Смит, Мијоши Умеки, Миико Така и Рикардо Монталбан.
Содржина
уредиДејството на филмот се одвива во 1951 година, за време на војната во Кореја. Американскиот воен пилот Лојд Грувер, наречен „Ејс“ (го игра Брандо) и неговиот најдобар другар и соборец Џо Кели (го игра Батонс) не се согласуваат во врска со романтичните врски. Така, Лојд планира да се венча за Американката Ејлин Вебстер (ја игра Овенс), ќерка на генералот Марк Вебстер (го игра Смит), додека Џо е влубен во Јапонката Кацуми (ја игра Умеки). Иако Лојд не ја одобрува таквата врска, сепак прифаќа да му биде кум на Џо. Меѓутоа, кога тие пристигаат во Јапонија, Лојд стапува во врска со убавата танчерка Хана-оги (ја игра Така), со што се заплеткува неговата врска со Ејлин.[1]
За филмот
уредиФилмот е заснован врз истоимениот роман на американскиот писател Џејмс Миченер при што филмот е снимен на оригинални локации во Јапонија. Филмот постигнал голем комерцијален успех во кино-салите, а бил номиниран за наградата „Оскар“ во дури десет категории, при што победил во четири категории, и тоа: на Ред Батонс, на Мијоши Умеки, како и за најдобра сценографија и за најдобар звук. За својата улога, Батонс ја освоил и наградата „Златен глобус“, а филмот станал препознатлив и по песната „Сајонара“, дело на Ирвинг Берлин.[2]